Корупцијата се смета за еден од главните двигатели на илегалната сеча и најважниот фактор кој ја овозможува незаконската трговија со дрвo. Повикувајќи се на официјални бројки од институциите, Здружението на граѓани „Рефорд“ , велат дека Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар и Кичево се со најголем влез на нелегално дрво. Дрвокрадството во земјава цвета, санкциите за сторителите изнесуваат најчесто 250 евра, па тие се охрабруваат да го повторуваат делото, со оглед на тоа што казните се мали, а заработувачката од нелегална сеча огромна.
Сашо Петровски од Здружението на граѓани „Рефорд“ за ПИНА.мк вели дека според калкулации кои располагаат тие, Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар и Кичево имаат голем влез на нелегално дрво, а во Кичево огревот нелегален се носи по куќи и преку ден.
„Скопје е рекордер, со приградските населби и селата. Целиот простор од Куманово до Липково нема кубик легално дрво, вклучувајќи го и Арачиново. Овие градови се лидери по нелегална сеча по тоа што го знаеме и очигледно работите се многу надвор од контрола. Меѓу 300 и 400.000 кубни метри имаме негелална сеча и тоа може да кажеме ладно, без да се стегаме, без да размислуваме, што доколку пресметаме тоа би значело околу 28 милиони евра на годишно ниво“, дециден е Петровски.
Тој вели дека законот за прекршоци кој таргетира било каков прекршок во државава пропишува највисока казна до 250 евра.
„Кога се оди на суд, најчесто судиите го применуваат поблагото право, поблагата казна за прекршителот и тие што учествуваат во ваков вид на транспорт се казнуваат со казна од 250 евра. Тоа значи дека на одреден начин се стимулираат да си го повторуваат делото бидејќи после другите казни не се изрекуваат“, вели Петровски.
Како што потенцира, во новиот Закон за шуми се предвидуваат вид на документи како електронска испратница и мора што побргу да се донесе законот и да се инсистира на спроведување.
„Тоа значи дека нема да има повеќе испратници како сега, па да не пишуваат количини и време на транспорт очекувајќи дека никој нема да ги сопре и дека можат понатаму истата испратница да ја искористат повторно за друг превоз. Имаше и предлог да се обезбеди и видео надзор, но прашањето е дали ќе има некој да го следи целиот процес, тоа не е само еден склад, во Скопје може да има 30-тина, на ниво на државата се и 1000 складови. Тоа би значело и многу вработени лица и не е толку едноставно како што изгледа“, истакнува тој и додава дека за искоренување на нелегалната сеча треба конечно да почнат обвинителствата и судовите да работат независно.
Петровски тврди дека тие се поврзани локално и или обвинителството го отфрла предметот за кривично гонење или судот досудува ослободителни пресуди и условни казни. Тој оценува дека на хартија властите реагираат за овој проблем и делуваат секој сам за себе, но сумарно тоа не е случај.
„На пример, Национални шуми имаат шумочуварска служба која има законски надлежности, дури можат да носат и оружје. Или привремено да одземаат средства на терен, да легитимираат. Но, од 200 луѓе кои им работат, половината им се распоредени на други должности, другиот дел или се корумпирани или се плашат да работат бидејќи доаѓаат и од селски подрачја, истите луѓе што крадат им се соселани. Во шумска полиција ги имаат скоро истите надлежности, но и малку поголеми. Има ситуации кога во една станица на шумска полиција една смена обвинува дека другата е корумпирана. Воглавно се занимаваат со мали дела. а камионите не смеат да ги чепнат“, рече Петровски.
Според него тие кои управуваат и стопанисуваат со шумите се во тесна врска со оние шти ги нарекуваат нивни оператори што им прават услуга на стечај, превоз, дотур и тие се истите кои се и трговци со дрво.
„Тоа е таква мафијашка поврзаност која работи само за себе и за за свои потреби. А се покриени со документација и тоа е тој организиран криминал. Правиш криминал а никој не те пријавува“, истакнува Петровски и додава дека со сигурност може и да се каже дека сме шампиони на Балканот, Македонија е сигурно во топ 3 земјите според нелегалната сеча.
Дрвокрадците за сеча ги одбираат најквалитетните стебла и со малку труд добиваат големи количини квалитетна дрвна маса
Милорад Андријески, магистер по шумарски науки за ПИНА.мк вели дека дрвокрадството, како и секоја нелегална активност, е во подем или стагнација во зависност од потребата на црниот пазар и неказнивоста од страна на системот.
„Со оглед на тоа што во Македонија потребата од огревно дрво на пазарот е голема и ги надминува легалните извори на снабдување, цената на дрвото е висока, а процентот на откриени и санкционирани случаи на нелегално снабдување со дрво е мал, може да се каже дека дрвокрадството цвета“, посочува Андријески.
Тој вели дека на хартија законодавецот добро ги поставил работите и предвидел двостепено чување на шумите: реонското чување преку шумочуварската служба, кое го спроведува Јавното претпријатие Национални шуми, кое стопанисува со најголемиот дел од државните шуми, како и субјектите кои управуваат со заштитените подрачја.
„Шумската полиција од своја страна врши мото – патролно чување по патиштата по кои се превезува дрвото. Ако се земе во предвид дека и припадниците на МВР ја контролираат сечата и превозот на дрвото, се добива впечаток дека постои силна контрола и дека е мал просторот за нелагална сеча и транспорт на дрво. Сепак, во пракса работите се поинакви. На одредени места шумата масовно нелегално се сече и дрвната маса нелегално се превезува до населените места со моторни возила, а службите воопшто не ги регистрираат ваквите појави. И во легалните сечишта, организирани од споменатите субјекти, има појава на нерегистриран превоз на дрвна маса, на начин што едно се превезува а друго стои во документите за превоз, па така се регистрира една количина, а во пракса се изнесува далеку повеќе“, истакнува тој.
И како што додава, сето ова доведува до преискористување и деградација на нашите шуми, особено ако се има во предвид дека дрвокрадците по правило ги одбираат за сеча најдобрите стебла, од кои со мал труд добиваат големи количини на квалитетна дрвна маса, сечата ја вршат нестручно, нанесувајќи при тоа големи штети и на околните дрвја и другата вегетација, оставаат зад себе пустош од расфрлани необработени гранки и делови од стебла, кои претставуваат дополнитела опасност од појава на штетници и горлив материјал за шумски пожари.
Според него, штетите од бесправните сечи не може да се мерат само преку вредноста на украденото дрво, туку треба да се цени вкупната штета која се нанесува на шумскиот екосистем, преку уништени живеалишта, нарушена пределска естетика, намалување на отпорноста на шумата од штетници и пожари итн.
На прашањето дали може да очекуваме напредок во иднина на ова поле, тој е оптимист и вели дека многу е важно подигањето на јавната свест за овој проблем, посебно кај младата популација.
„Вредностите кои општеството ги добива од шумите се толку сеопфатни и важни за нашата иднина што не смееме да имаме компромиси околу заштитата и унапредувањето на шумите и животната средина воопшто. Постојат низа механизми преку кои јавноста може и треба да го засили притисокот врз управувачите со шумите, службите кои вршат нивна заштита, па и правосудниот систем, со цел навремено откривање и санкционирање на прекршителите. Медиумската кампања за значајот на шумите е еден од овие механизми“, завршува Андријески.
Што велат надлежните?
Од Министерството за земјоделство и шумарство посочуваат дека согласно информациите добиени од „Секторот за заштита на шумите, надзор и внатрешна контрола“ од ЈП Национални шуми – Скопје, вкупно од 30 подружници со кои стопанисува претпријатието, вкупната површина по реони изнесува 1.065.043 хектари.
„Кога станува збор за нелегалната сеча или бесправно посечена дрвна маса, податоците говорат дека се исечени 35.239 метри кубни дрвна маса од познат и непознат сторител. Информациите се однесуваат за актуелната 2024 година. Согласно Законот за шумите за оваа активност ЈП Национални шуми и Секторот за шумска полиција се постојано активни на терен за спречување на овие нелегални активности,“ тврдат од Министерството за земјоделие и шумарство за ПИНА.мк
Посочуваат и дека имале и кампања на US Forest Service и Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство „Не сечи ја мојата иднина! СТОП за дрвокрадците“ каде низ низа активности за поедигнување за значењето на шумите, како и избегнување на праксата за купување на огревно дрво од нелегални извори.
Имајќи предвид тоа што дрвокрадците во Македонија добиваат мали казни за нелегална сеча, и ретко се спроведуваат во затвор, се обративме до Основното јавно обвинителство и прашавме дали е во план зголемување на казните со цел спречување на оваа појава.
Оттаму за ПИНА.мк рекоа дека зголемување на казните е законско решение.
„Ќе мора да се обратите до Министерство за правда како надлежен предлагач на Кривичен законик. Од аспект на јавното обвинителство, обвинителството постапува по сите пријави за кривично дело пустошење на шуми, а одмерување на казните е во надлежност на судот“, рекоа од Обвинителството.
Од Министерството за правда за ПИНА.мк велат дека во Предлогот на новиот Кривичен законик се подобрени одредбите кај кривичното дело „Пустошење на шума“ и е заострена казнената политика во пропишувањето на кривичното дело.
„Исто така, укажуваме дека за одмерување и изрекување на кривичните санкции надлежни се судовите“, додадоа од министерството.
Според неодамнешниот извештај на Програмата за животна средина при ОН (UNEP) и ИНТЕРПОЛ, еколошкиот криминал расте со алармантно темпо – два до три пати побрзо од растот на глобалниот БДП.
Нелегалната сеча, која се темели на корупција и организиран криминал како главни двигатели, е на врвот на рангирањето на еколошките криминали со проценета вредност од 50-152 милијарди долари годишно.
Авторка: Маја Терзиова
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА