Скратувањето на буџетот за заштита и превенција од ХИВ може да има сериозни последици на индивидуално, општествено и јавно здравствено ниво во земјава. Имајќи предвид дека буџетот за програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција за следната година е уште повеќе намален отколку што беше досега, би можело да доведе до затворање на сите сервиси за превенција доколку властите не го променат ова, алармираат 13 граѓански организации дел од Платформата за услуги за превенција на ХИВ.
Според Атанас Аврамов, координатор за застапување во „Заедно Посилни“, намалувањето на буџетот може да доведе до зголемување на бројот на нови инфекции, а намалувањето на достапноста на бесплатни тестирања за ХИВ ќе придонесе до недоволна дијагностика, што може да предизвика зголемено ширење на вирусот, особено меѓу ризичните групи.
Колку е алармантен последниот буџет усвоен од Владата, дали се доведува во опасност постоењето на организации кои ја работат програмата за превенција од ХИВ?
– Буџетот е разочарувачки и неодговорен, бидејќи практично не предвидува средства за превентивни мерки за сузбивање на епидемијата на ХИВ, како ХИВ тестирање, скрининг на други сексуално преносливи инфекции и ПАП тестови за жени од рурални средини и Ромки. Во принцип, здруженија чиј извор на финансирање за превентивните програми е само Програмата ќе стават клуч на врата. На пример, Здружението ХОПС, кое спроведува програми за намалување штетите од употребата на дроги кај лица што користат дрога, годинава ќе го затвори последниот центар во Скопје, имајќи 3 центри во Скопје во минатите години. Со ова, државата уништува инфраструктура на јавно-здравствени мерки што ги спроведуваат граѓански организации, воспоставена од Министерството за здравство уште во периодот од 2005-та до 2017-та година со помош од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија – инвестиција од над 25 милиони долари.
Што би значело можното укинување на овие организации?
– Ако се ограничи пристапот до превентивни програми, како што се едукација за безбедни сексуални практики или дистрибуција на перзевативи, дополнително може да се зголеми ризикот од нови инфекции. Со намалувањето на буџетот за антиретровирусни лекови може да се доведе и до недостапност или нередовно снабдување со терапија, а ова би предизвикало влошување на здравјето на лицата со ХИВ, развој на СИДА, па дури и смртни случаи.
Да појасниме, средствата за превенција не се за финансирање на здруженијата односно организациите, туку за услуги и сервиси кои се фокусирани на ранливи групи или граѓани кои се наоѓаат надвор од системот, како на пример без здравствено осигурување. Па така, укинувањето на овие сервиси односно нефинансирањето на превенција од ХИВ ќе значи: зголемен број на инфекции на краток рок, доцни дијагнози на ХИВ кои дополнително ќе го оптоварат буџетот на ФЗО и домашниот буџет, како и појава на ХИВ-инфекции кај популации каде што со години немаме пријавено случај (како на пример, лица кои користат дроги), токму поради овие превентивни програми.
Дали постои ризик од прекини во снабдувањето со антиретровирусни лекови поради намалувањето на средствата и дали лекувањето на над 430 пациенти со ХИВ се носи во неизвесност, но и колку финансии годишно се трошат за овие пациенти?
– Според проценките на Одделот за ХИВ при Клиниката на инфективни болести, за 2025 потребни се 110 милиони денари за набавка на терапија. Таквиот износ е максимално рационализиран, односно подразбира дека дури 80% од пациентите ќе бидат на најевтината тераписка опција, а другите 20% на поскапи терапии, поради медицински причини. Да појасниме, секоја година, како што се дијагностицираат повеќе пациенти, ставката за терапија треба да расте. Се очекува бројот на пациентите во 2025 година да надмине 500, а Министерството за финансии предвидува 90 милиони денари – 5 милиони денари помалку од 2018 година, кога имало околу 200 пациенти.
Со предвидување на само 90 милиони, се ризикува пациенти да бидат ставени подоцна на терапија или пак да се случи прекин на терапија кај оние пациенти коишто веќе ја примаат терапијата. И двете сценарија ќе резултираат со здравствени трошоци, но и создавање на луѓе кои ќе зависат од социјална помош наспроти луѓе кои се работноспособни и контрибуираат кон економијата на државата. Минатата година се потрошија околу 78 милиони денари за терапија, со тоа што една третина од пациентите се на терапија која веќе не е препорачана, а е најефтина. Единствената причина за толкава бројка на пациенти да се на непрепорачана терапија е немањето доволно средства“.
Во претходните години, колку изнесуваа финансиските средствата на организациите кои нудат услуги за превенција од ХИВ … дали истите се зголемуваа или намалуваа?
– Од годините претходно до денес, финансиските средствата на организациите кои нудат услуги за превенција од ХИВ постојано се намалуваат, што е спротивно на меѓународните обврски и препораки, како оние на Обединетите нации и Светската здравствена организација. Од 2018 година, буџетот за услуги за превенција континуирано и драстично се намалуваат. Од 50 милиони денари во 2018, во 2023 изнесуваа 21 милион денари. Со предвидениот буџет од 90 милиони денари, буџетот за превенција за 2025 ќе изнесува 0 денари, со оглед дека целиот износ ќе се исцрпи за обезбедување терапија.
Дали во буџетот се предвидени средства кои наместо во невладини организации кои работат за превенција од ХИВ, во иднина истите директно ќе се слеваат во Министерството за здравство? Кој е вашиот став за ваквите најави, зошто е неопходно парите да звршуваат во НВО?
– Парите никогаш не завршувале во здруженијата односно организациите. Да не заборавиме дека здруженијата се непрофитни организации. Секое здружение, на месечно ниво, подготвува извештај за дадените услуги и сработените активности и го доставува до Министерство за здравство. Врз основа на тоа, Министерството за здравство исплаќа средства на здруженијата за направените трошоци. Целата работа на здруженијата во рамки на Програмата е транспарентна, со конкретни индикатори за следење и со документи кои зборуваат за работата на здруженијата. Впрочем, во годишните извештаи на Институтот за јавно здравје здруженијата се препознаени како едни од клучните фактори за сузбивање на епидемијата од ХИВ.
Кои се потенцијалните долгорочни последици од намалената финансиска поддршка врз квалитетот на живот на пациентите?
– Во однос на потенцијалните долгорочни последици од намалената финансиска поддршка врз квалитетот на живот на пациентите, терапијата за ХИВ е животоспасувачка, доживотна и овозможува луѓето кои живеат со ХИВ да живеат квалитетен живот. Секој прекин на терапија, одлагање на лекувањето или во најлошо сценарио, укинување на терапијата, ќе резултира со здравствени трошоци, како за пациентите, така и за здравствениот систем, смртни случаи и епидемија надвор од контрола. Луѓето со ХИВ кои примаат терапија не може да го пренесуваат вирусот и со тоа не настануваат нови инфекции. Современата терапија помага и во планирање на семејство, па така во период 2018-2024, од 7 ХИВ позитивни мајки се родиле 7 негативни бебиња, а 6 мајки чиј партнер бил ХИВ позитивен маж родиле 6 ХИВ негативни бебиња. Тоа е резултат исклучиво на современата терапија, која се зема без прекин и на начин посочен од лекар – специјалист.
Како може јавноста да помогне во поддршка на пациентите и да се залага за зголемена финансиска поддршка?
- За жал, јавноста секој ден слуша за број на пациенти со одредена дијагноза како остануваат без лекови. Борбата за пациенти со ХИВ не е само на тие пациенти, туку на сите, бидејќи секој еден од нас почуствувал на сопствена кожа како е кога здравствениот систем ќе те изневери. Примерот со пациентите со ХИВ е само еден пример. Затоа, ги повикуваме граѓаните да комуницираат со своите претставници и да застапуваат за подобри здравствени политики во нашата држава.
Автор: Виктор Вукановски
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА