Секторите на здравството, градежништво и енергетика, како и концесиите за експлоатација на ресурси се најранливи и изложени на корупција покажуваат истражувањата кои ги прави Институтот за Демократија „Социетас цивилис“.
Марко Трошановски, претсетадел на Институтот за Демократија во интервју за Пина.мк вели дека постојат области како енергетскиот сектор кои во последно време стануваат сѐ попопуларни и каде што циркулираат сѐ повеќе пари, особено во областа на обновливите извори на енергија и ископувањето минерални суровини. Во овие области од особено важност е пратениците да се внимателни и да носат одлуки кои се детално анализирани и простудирани.
Корупцијата во земјава изминативе години цвета, во сите препораки и извештаи кои што стигнуваат прстот се вперува во неа, кој е првиот чекор во борбата, што треба да се направи?
– Законите секогаш може да се подобрат, но нашата законска рамка е релативно овозможувачка кога станува збор за борба против корупцијата. Секако дека тука не спаѓаат промените во Кривичниот законик, кој итно треба да се промени и во најмала рака да се врати на претходната верзија, ако некој сака да биде перцепиран како посветен борец против корупција. Значи, политичката волја е клучна. Второ, би рекол ветинг во судството, со преиспитување на судски предмети по случаен избор и отстранување на судии и обвинители кои намерно застарувале или решавале предмети надвор од воспоставената судска пракса.
Трето, кончено доделување на буџетски средства на судството кои се законски утврдени на 0,8%, а кои речиси сите влади претходно, кршејќи ги законите, не ги обезбедуваат. На пример 2023 судството доби помалку од половина од парите кои му следуваат. Тука треба да се има приортет, а не да се подрива оваа најважна алка на власта во борбата против корупцијата. И секако зголемувањето на бројот на инспектори и подобрување на условите за нивна работа. Општина Центар, на пример со градежното дивеење кое го дозволи има само еден инспектор за урбанизам, а ситуацијата е поочајна во други општини и други дејности. Значи нема кој да го контролира спроведувањето на законите, ниту пак да санкционира на ниво на локална самоуправа. За крај Собранието мора да ја одигра својата улога и преку квалитетен надзор да биде постојан коректив на работата на институциите, поставувајќи им јасни цели и очекувања за успеси во борбата против корупцијата.
Каде е моментално најголемиот проблем со корупцијата во земјава?
– Нашите истражувања детектираат дека секторите на здравството, градежништво и енергетика се најранливи и изложени на корупција. Голема црна дупка се и концесиите за експлоатација на ресурси. Нема никаква евиденција, дали се плаќа закуп, колку се исцрпува од јавното богатство на земјата итн. Во делот на енергетиката, погледнете само што се случува со РЕК Битола или набавките во здравството, а да не зборуваме за секторите на ниско и високо градба. РЕК Битола со декади не купува своја механизација, туку одлева милионски сум народни пари кон приватни компании кои преплатено ја вршат работата што комбинатот може сам да ја прави. Зборуваме со стотици милиони долари кои се одлеани, во кои има индиции за сериозна корупција, а немаме ниту еден случај на истрага и пресуда.
Секако дека не се само овие области, но со пристапот мора да приоретизираат сектори по одредени критериуми. Не може да троши ресурси на условно кажано „незначителни“ криминални дела на пр. дали некој министер јадел повеќе или не, а високата корупција само декларативно да се напаѓа, без да се делува. Граѓаните го гледаат и разбираат ова, никој нема илузии дека нешто значително се прави на ова поле. На крај повторно е волјата на носителите на функции во сите три гранки на власта, и колку тие навистина ја сакаат оваа земја и нејзиниот успех. За сега имаме грабање без усул, без однос кон тоа што оставиле нашите предци, а уште помалку за тоа што ќе го оставиме за иднината.
Кои се вашите препораки, каде се потребни клучни системски промени за намалување и искоренување на корупцијата, како да се врати довербата кај граѓаните во институциите?
– Квалитетно законодавство и засилен надзор во ризичните сектори кои ги споменав претходно. Постојат области како енергетскиот сектор кои во последно време стануваат сѐ попопуларни и каде што циркулираат сѐ повеќе пари, особено во областа на обновливите извори на енергија и ископувањето минерални суровини. Во овие области од особено важност е пратениците да се внимателни и да носат одлуки кои се детално анализирани и простудирани; Потоа, Градење институционален отпор. Отпорот на институциите кон политичкиот и коруптивен притисок е важен дел во борбата против корупцијата.
Паралелно со носењето добри закони, треба да се стремиме што повеќе да го поддржуваме како општество стремежот на антикорупциските институции за градење институционален отпор, но и да им овозможи поволни услови за ефикасност во исполнувањето на нивните надлежности во борбата против корупцијата; Привлекување и задржување квалитетен кадар во јавниот сектор- Квалитетните човечки ресурси во антикорупциските институции се главниот двигател на борбата против корупцијата. Затоа, важно е да има поголема алокација на финансиски ресурси кон институциите кои се најпогодени од недостигот на квалитетен кадар.
Таквите институции, пак, треба да подготват долгорочен план со кој ќе привлечат, подготват и задржат кадар кој ќе одолее на притисокот од попривлечни вработувања во приватниот сектор или во странство; Заштита на актерите вклучени во борбата против корупцијата: Зад коруптивните зделки често стојат организирани партиски и/или криминални групи кои претставуваат сериозен ризик за безбедноста на антикорупциските актери. Како борбата против корупцијата напредува, така овие ризици ќе се зголемуваат. Важно е да се препознае потребата од вложување во правната и техничката заштита на сите актери под постојана опасност, гарантирајќи ја нивната безбедност и благосостојба.
Во делот на вработувањата во јавниот сектор, една од главните приоритети треба да е носење на Законот за висока раководна служба. Професионализацијата на високата раководна служба и недонесувањето закон што ќе ги пропишува стандардите за селекција, избор и работење претставува долгогодишен проблем земјава. Институциите честопати се раководени од партиски имиња со непозната професионална заднина за сметка на квалификувани професионалци со заслуги и компетенции
Како да се подобри транспарентноста и отчетноста на институциите?
– Секако дека дигиталната трансформација ќе игра клучна улога во решавање на многу од проблемите. Претходната влада направи огромен чекор со платформата за отворени податоци, но мораме да инсистираме на нејзино активно ажурирање (отчетност). Понатаму, Унифицирање и поврзување на базите на податоци кои ги создаваат институциите во своето работење во ткн. систем на интероперабилност, а кои често се непотполни, или не можат да се спојат или искористат за креирање на политики базирани на податоци и докази. На пр. ДКСК не може активно да ги истражува имотот на функционерите, ако од катастар не може да ги добие имотните листови по име и презиме на сопственик.
Процесите на дигитализација на административните услуги се исто императив, но тука зборуваме за дигитализација од почеток до крај, не да аплицирате за документ онлајн, а да треба лично да го подигнете. Колку повеќе се заобиколи човечкиот фактор, се знае во која фаза е одреден предмет, кому е доделен и дали е постапено по него, толку помалку подложност на корупција и олеснето лоцирање на одговорност и санкционирање за непостапување.
Авторка: Ивана Крстеска Јаневска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА