[Интервју] Тасевски: Националната линија за советување oбезбедува поддршка за ЛГБТИ лица

0
519

Националната линија за советување на ЛГБТИ лица започна со работа и обезбедува поддршка за ЛГБТИ лицата, нивните пријатели и членови на семејствата кои можат да разговараат со стручни тимови со цел да добијат  помош и советување.  За линијата како и за проблемите со кои се соочуваат ЛГБТИ лицата разговараме со Давид Тасевски,  координатор на линијата во Субверзивен фронт.

Отворивте националната линија за советување на ЛГБТИ+ лица каде ЛГБТИ луѓето, членови на нивните семејства, пријатели и поддржувачи, но и стручни тимови од училиштата и центрите за социјална работа може да се обратат за да добијат помош, поддршка или советување. Од каде и со каква цел се роди идејата?

  • Идејата е нешто што одамна се размислува, бидејќи имаме линии за различни целни групи, но недостигаше за ЛГБТИ лицата. Од сите спроведени истражувања, добиваме загрижувачки бројки, особено за ЛГБТИ младите кои се мета на насилство уште од рана возраст, во поголем процент од нивните хетеросексуални врсници. Насилството кое го доживуваат во домот е нешто што почесто стигнува до нас, меѓутоа насилството надвор од домот, психичко, физичко и сексуално, најчесто останува непријавено, бидејќи ЛГБТИ младите се плашат да го споделат и пријават, стравувајќи од дознавање на нивната сексуална ориентација или родов идентитет како пред околината, така и пред семејството. Недостигот на семејна поддршка, го носи ЛГБТИ лицето во огромен ризик од насилство, но за жал и во други ризици. Секое лице кое е изложено на ризик од насилство, а се плаши да го пријави, има негативно влијание врз неговото ментално здравје, прво поради чувството на небезбедност и постојан стрес, а потоа и поради сликите и сцените кои остануваат врежани, а нема со кој да ги сподели. Па оттаму ни се и овие загрижувачки бројки кои зборуваат и за неколку пати зголемен број на мисли и обиди за суицид кај овие млади. Државните институции се должни да одговорат на овие повици за помош од младите луѓе, па затоа ги вклучивме во можноста за користење на линијата и од нивна страна, бидејќи информациите од терен ни зборуваат за очигледна потреба од збогатување на знаењето на службениците кога постапуваат во случај или семејство со ЛГБТИ член.

Во какви услови  живеат и растат ЛГБТИ-лицата во нашата земја? Колку се припадниците на оваа заедница еднакви и слободни?

  • Видете, кога зборуваме за еднаквост, јас само ќе напоменам дека ЛГБТИ лицата кои еднакво придонесуваат во ова општество, не ги уживаат основните човекови права. Ако еден пар помеѓу маж и жена може да наследи пензија, имот, може да добие здравствено осигурување преку брачниот другар итн., истополовите двојки, немаат право на ова. Можат да бидат одбиени дури и при посета на партнерот во болнички услови и тешка состојба, со кој го поминале целиот живот заедно, бидејќи право на посета има само член на семејство, а кај истополовите двојки тоа не е никако регулирано. Исто така, имотот во кој заеднички инвестирале, другиот партнер или партнерка нема право да го наследи, и може после целоживотно заедничко живеење да остане на улица. Додека држев обуки за недискриминација на јавни и државни службеници, забележав дека голем дел од нашите службеници не се свесни за оваа нееднаквост кога го отвораме прашањето за „права“. Вие заклучете дали една група може да се чувствува слободна и еднаква, ако не ги ужива основните права во системот во кој живее и цел живот плаќа данок, без да може да добие она што му следува кога ќе дојде време за тоа.

Како може да се заштититат ЛГБТИ лицата и кој гарантира за нивните права?

  • Заштита нудат државните институции, кои често потфрлуваат поради дискриминацијата која ја вршат службениците, меѓутоа, затоа постоиме и ние, невладините организации кои нудиме и бесплатна правна помош во ситуации доколку лицата не се во можност или не го знаат процесот на пријавување, или се плашат да пријават поради аутирање. Се надевам дека во најбрз можен рок ќе биде повторно на гласање новиот закон за спречување и заштита од дискриминација кој мораме да го имаме, и истовремено мораме да научиме и да прифатиме дека дискриминацијата има повеќе основи, и не можеме ние да си ја толкуваме на начин каков што на нас ни одговара, за да си ја оправдаме нашата дискриминаторска постапка. Така да, доколку некое лице смета дека е дискриминирано по било кој основ, или доживеало насилство, може слободно да се обрати во некоја невладина организација која работи во ова поле, па дури и да не работи со таа целна група, лицето ќе биде препратено. Соработката помеѓу невладините оди непречено, и сме отворени за контакт и помош.

Како влијае една средина која има доста стереотипи и дискриминација кон ЛГБТИ лицата на нивните животи?

  • Ова е огромно прашање, кое може да го разгледуваме од повеќе страни. Како што веќе споменав, влијае со зголемен ризик од насилство, ако тргнеме оттаму дека дел од дикриминаторските учебници во училиштата и факултетите произведуваат младина која дискриминира и се охрабрува да врши насилство. Непостапувањето од страна на институциите праќа порака за охрабрување на насилство и дискриминација. Ние сме држава која не може да се пофали дека добро се справуваме со делата од омраза и дискриминацијата, и ова е повторно резултат на стереотипите и предрасудите на одговорните носители на одлуки кои замижуваат пред одредени случаи. Повторно ќе нагласам дека непочитувањето на човековите права и неказнивоста, не влијае негативно само на ЛГБТИ лицата, туку влијае негативно на секој од нас. Само со влез на социјални мрежи и отворање на било какви вести, вие ќе се изнагледате коментари полни со омраза и повикување на насилство. Било која тема, било која целна група. Тоа зборува дека и овие лица кои се полни со омраза, не се чувствуваат добро во еден ваков систем кој е хаотичен, и во кој дел од законите стојат само на хартија.

Која е помошта што може да ја добијат оние лица  кои ќе пријават дека се вознемирувани или трпат насилство?

  • Може да добијат различна помош, меѓутоа тоа се прави со проценка на моменталната состојба на лицето кое пријавува. Важно е да знаат дека процесот оди со нивна согласност, паралелно со нивната подготвеност. За оние лица кои трпат насилство и немаат каде да одат, постојат шелтер центри кои нудат сместување. Од 2017 година, имаме и шелтер центар за ЛГБТИ жртви на насилство или лица кои се под ризик од бездомништво. Насилството може да го пријават во полиција, центар за социјална работа, или повторно кај нас, во невладините организации кои дел работат на таа проблематика, во отворените советувалишта и шелтер центри. Секако соработката помеѓу државните институции и невладините организации исто така постои, но како што реков, секое лице има различна потреба и е под различен ризик, така да нема една формула за постапување. Работата во област на насилство е комплексна и би било добро да се остави на проценката на стручните лица.

Колку лицата кај нас се охрабруваат  да пријават насилство или влошување на менталното здравје, поради потиснување од страна на средината?

  • Менталното здравје е тесно поврзано со пријавувањето, дополнително ако си припадник на некоја маргинализирана група. Кај нас, долго време фокусот се става на правна помош, но бидејќи 7 години работам како психолог со различни целни групи, она што го забележувам и би требало да ни биде познато, е дека без вложување во менталното здравје, а ние за жал сме тло каде сè уште се гледа со срам кога зборуваме за ментално здравје, ние не можеме да очекуваме зајакнати лица кои би биле подготвени да пријават. Тоа се пресликува во мојата работа и со жени жртви на насилство, и ЛГБТИ лица, лица кои користат дроги, лица со нарушено ментално здравје, а многу пластично го забележувам кога работам со деца жртви на семејно насилство или деца кои биле оставени од нивните родители. Сметам дека бројот на пријави е недоволен, и многу често од она што го гледаме на терен, особено низ помалите градови, е дека лицата не си ги знаат правата, за ние да зборуваме за пријавување, и често постои нормализирање на насилството. Тука одговорност имаат и службениците кои го имаат првиот контакт со лица кои доживеале насилство, но и вработените од центрите за социјална работа, бидејќи најважен во понатамошниот процес е првичниот контакт и речникот кој го користат со лицата кои дошле да пријават. Од страна на службениците, често забележуваме констукција на реченица, со која без да забележат, одговорноста за насилството ја префрлуваат на лицето кое дошло да побара помош. Субверзивен фронт во најскоро време почнува да работи на отворање на центар за психосоцијална поддршка на ЛГБТИ лица, каде конечно ќе имаме специјализиран сервис од ваков тип за ЛГБТИ лицата, бидејќи досега тие беа препраќани во сервиси наменети за други целни групи.

Бројот на Националната линија за советување на ЛГБТИ+ лица е 075 24 11 24.

Автор: Маја Терзиова

Текстот е дел од Програмата за менторска поддршка на млади новинари на ПИНА поддржана од Civil Rights Defenders.