Четири компании – доминантни во бизнисот со билборди

0
609

„Акцент медиа“, „Скрин медиа“, „Лид комјуникешнс“ и „ОК медиа“ – ова се четирите маркетинг компании кои со години се главни играчи во бизнисот со надворешното рекламирање, односно компании кои им нудат на фирмите рекламирање на билборди, ситилајти. На последните парламентарни избори кај нив, се рекламирале и партиите.

Град Скопје, кој стопанисува со просторот за поставување на овие рекламни паноа, отстрани дел од нив. Сепак, Градот потпиша анекс-договори со истите овие компании, кои патем им ги продавале билбордите и другите рекламни паноа и на партиите за време на предвремените парламентарни избори одржани во јули годинава.

Според анализата на „Импетус“, во ДИК се пријавиле вкупно 11 фирми кои учествувале на ждрепката. Во времето на пишување на анализата, на сајтот на Државниот завод за ревизија биле пријавени побарувањата само на овие четири фирми.  Во ДИК се пријавиле и други маркетинг-компании, сепак, тие не доставиле извештаи до институциите, иако учествувале во продажбата на билбордите. Оваа организација детектирала дека коалицијата „Обнова“ освен на овие четири фирми има платено фактури за рекламирање и на маркетинг комапниите „Изи медиа“, “Фото мак’, “Стрињуз“, „2С Медиа“ што значи дека коалицијата се рекламирала и пркеу други фирми, кои немале доставено извештаи за рекламирање до ДЗР во моментот кога се пишувала анализата.

Четири главни играчи

Од четирите маркетинг-агенции, најетаблирана е „Акцент Медиа“, која дејствува на македонскиот пазар по формирањето во 1995 година. Првично, оваа компанија беше во сопственост на австриската групација „Епамедиа“, а во мај 2014 година нов стопроцентен сопственик станува бизнисменот Филип Спасовски, кој истовремено е и управител на друштвото. Од 2014 година, Спасовски е единствениот сопственик на компанијата, но тој се јавува и како сопственик на фирмата за печатење „Полиестердеј“.

Официјалните податоци покажуваат дека пред да ја откупи „Акцент Медиа“, сопственикот на „Полиестердеј“ бил косопственик и на друга компанија за надворешно рекламирање која е концесионер на Градот. Се работи за тетовска компанија за маркетинг „Скрин Медиа“, основана во 2008 година од страна на Елмедин Адеми, кој му е внук (син на брат) на покојниот Абдулаќим Адеми, поранешен министер за образование и животна средина и долгогодишен генерален секретар на владејачката ДУИ. Адеми истовремено е сопственик и на фирма за градежништво, трговија и услуги „Еуровиа холдинг“ од тетовското село Желино, која, меѓу другото, работи и на многу јавни проекти, меѓу кои изградба на базен во Тетово, на градинка во Чаир итн.

Градот Скопје на чело со градоначалникот Петре Шилегов во мај годинава склучи анекси со четирите концесионери за билборди, врз основа на основниот договор склучен во далечната 2012 година. Овие две компании немаат промени во сопственичката структура. Меѓутоа, тоа не е случај со другите две компании – „Лид комјуникејшнс“ и „ОК Медиа“,кои претрпеле промени во сопственичката структура, но и во менаџерскиот тим.

Имено, сегашен управител на маркетинг агенцијата „Лид комјуникејшнс“ е извесен Стефан Петровски, кој впочем во март годинава доаѓа на местото на Милорад Величковски. Како актуелни сопственици на друштвото, пак, се јавуваат бизнисменот Златко Пирузе и едно правно лице – друштвото за реклама и маркетинг „Кала медиа“. Инаку, Пирузе во написите на медиумите се споменува како акционер во „Жито полог“ Тетово, каде своевремено акции купи и рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, а своевремено (Пирузе) беше дел и од „Софија Градба“, која денес е во сопственост на семејството на екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков.

Исто така, големи промени се случиле и кај четвртиот концесионер за билборди во Скопје, „ОК Медиа“, кој го променил и својот назив. Станува збор за компанијата формирана во 2006 година под називот „Кала Плакат“ од страна на Круме Апостолов, кој ја продал компанијата на друштвото за маркетинг и рекламирање „ОК Идеа“ во сопственост на Сашо Нефовски. Од август оваа година, нов сопственик на местото на Нефовски станува Ненад Јосифовиќ, име кое се совпаѓа со името на еден од најблиските соработници на бизнисменот Орце Камчев. И двајцата се осомничени во истрагата за случајот „Империја“ и беа во притвор во Шутка како осомничени во оваа истрага којашто ја отвори поранешното Специјално јавно обвинителство. Истрагата сега ја презеде Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и како дел од „Империја“ и двајцата се осомничени за плацевите на Водно, кои според Обвинителството, поранешниот премиер Никола Груевски си ги купувал со пари од партијата ВМРО-ДПМНЕ. Оваа фирма е поврзана и со други фирми со различни сопственици и управители, кои се поврзуваат со Камчев.

ПИНА испрати прашања на официјалната и-мејл адреса на ОК Медиа зошто толку често се менува сопственичката структура, но одговор не добивме, а и-мејл контакт не успеавме да најдеме од „Лид комјуникејшнс“. Адеми пак кој е на чело на „Скрин медиа“ вели дека приходите во овој бизнис се драстично намалени и дека речиси 80 отсто од клиентите имаат потпишано анекси за одложување на годишните договори. Се надева дека овој бизнис со надворешно рекламирање, којшто е во криза во цел свет, ќе се врати во нормала некаде во март наредната година.

 

Сепак, овие исти маркетинг агенции им изнајмувале билборди и реклами и на политичките партии на овие избори. Според истражувањето на „Импетус“ партиите за изборите закупиле 843 билборди. Најмногу локации закупиле двете коалиции „Обнова за Македонија“ и „Можеме“. Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, „Обнова“ закупила 343 билборди или 40 отсто од вкупниот број, а коалицијата „Можеме“ на чело со СДСМ закупила 308 или двете партии заедно се рекламирале на 642 билборди односно 78 отсто од вкупниот број.

Партиите најмногу се рекламирале низ Скопје каде имало вкупно 520 билборди односно 62 отсто од вкупниот број билборди во државата. По Скопје, партиите најмногу билборди откупиле на патните правци и тоа најмногу 27 имала коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Интересно е што во шестата изборна единица, каде најголем дел се гласачи на албанските партии, односно во Тетово, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ изнајмиле ист број билборди, односно 10. Коалицијата „Обнова“ преку билборди целела кон гласачите и во Охрид, а СДСМ освен во Скопје и на патните правци најмногу билборди откупиле во Битола.

Според податоците на „Импетус“ од изборите најмногу се офајдила Акцент медиа на Спасовски, потоа Скрин медиа, а многу помалку пари ќе земат Лид комјникејшнс и ОК Медиа. Иако Град Скопје со отстранувањето на билбордите им ги намали и приходите на маркетинг агенциите, сепак овие компании остануваат да преживуваат во овој бизнис и да чекаат подобри времиња.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Сторијата е во рамки на проектот „Мапирање на билборди за платено политичко рекламирање“ кој го спроведува Здружението „Импетус“ – Центар за интернет, развој и добро управување.