Почетна Анализи Патишта без јасни насоки: кој е одговорен за хаосот во сигнализацијата?

Патишта без јасни насоки: кој е одговорен за хаосот во сигнализацијата?

Погрешно поставени, избледени или целосно исчезнати сообраќајни знаци не се само административен пропуст, туку и потенцијален безбедносен ризик. Теренската проверка на ПИНА и разговорите со возачи, инженери и институции покажуваат дека проблемите со сигнализацијата се познати, но не секогаш навреме се отстрануваат.

0
39
Фото: Викторија Димитрова-Јованова

Откако во употреба е пуштен експресниот пат Кочани-Штип, на сите учесници во сообраќајот очи им бодат сообраќајните знаци за известување на клучката кај селото Крупиште. Професионалниот возач Марјан.С вели дека знаците кои на оваа клучка треба да известат уште колку километри има до Штип го потсетуваат на познатата реплика на Веле Штрумф од анимираниот филм „Штрумфови“ – кога штрумфовите го прашуваат: уште колку има, а тој пред крајот на патувањето им одговара: Уште многу!

Знакот поставен од десната страна на клучката кај Крупиште, информира дека до Штип има уште 30 километри. Сепак, растојанието од тука до клучката кај штипската населба Три Чешми е 14,3 километри.

Фото: Викторија Димитрова-Јованова

Но, ова не е единствениот проблем. Возачите на автомобили, професионалните возачи на камиони, но и дел од институциите се жалат за генералната состојба со сообраќајната сигнализација во овој дел од Македонија. Најмногу реагираат на погрешно поставените знаци, на знаците кои не се обновени по сообраќајна несреќа или оние – скриени зад гранки од дрвја. Во најлош случај, велат ,украдени за печење пиперки за ајвар. На некои делови од коловозите не постои заштитна ограда, бидејќи, како што наведуваат, и неа некој ја има украдено, а се жалат и на неискосената трева покрај патиштата. Стравуваат дека оваа состојба сериозно ја загрозува безбедноста на возачите и патниците.

Хроничен проблем е и ѓубрето покрај сообраќајниците кое го прават несовесните возачи фрлајќи пластични шишиња, лименки, хартиена, пластична амбалажа и остатоци од храна. За само еден месец, покрај коловозите на магистралните и регионални делници во источна и југоисточна Македонија собрани се околу 20.000 килограми отпад.

За да ги разгледа забелешките, ПИНА направи обиколка долж двата правци на експресниот пат Штип-Кочани, но и на стариот регионален пат Штип-Кочани, кој поминува низ неколку села во општините Штип, Карбинци, Чешиново-Облешево и Кочани.

Кога патот испраќа погрешна порака

Директорот на регионалната подружница на Јавното претпријатие „Македонијапат“-Штип, Влатко Цоневски, потврдува дека во двата правци на експресниот пат Штип-Кочани има погрешно поставени сообраќајни знаци.

„Тоа е точно. Но, за експресниот пат од Штип до Кочани не можам многу да зборувам, затоа што до 1.02.2028 година тој не е во надлежност за одржување на ЈП „Македонијапат“. Туку е во надлежност на градежното претпријатие „Гранит“, кои се изведувачи, а го одржуваат освен делот што го изведуваше „Гранит“, и делот што го изведуваше „Синохидро“. На тој дел не само што недостасуваат сообраќајни знаци или тие се измешани туку има и некои што се повторуваат, ги нема или се поставени на лошо место“, вели Цоневски.

Таков пример забележавме на регионалниот пат Штип-Кочани. Знакот за селото Теранци не е поставен покрај коловозот, туку од другата страна на тротоарот, покрај автобуска постојка и е тешко видлив. Втор пример – при излезот на патот од село Оризари во општина Кочани, знакот што известува е избледен, се познава насоката кон Скопје, но не и кон магистралниот пат кон Делчево, кој води кон македонско-бугарскиот граничен премин Делчево-Станко Лисичков.

Фото: Викторија Димитрова-Јованова, ПИНА

И сообраќајниот инженер Роберт Рогожаров забележува дека знаците кои ги нема или пак биле ставени, па ги снемало, се обврска на оној кој ги одржува патиштата, и како што вели, се поставуваат исклучиво врз основа на сообраќајни проекти.

Фото: Роберт Рогожаров

„Од овие причини, потребно е откако ќе се изградат патиштата и откако првично ќе се постават сите сообраќајни знаци, да бидат следени и правовремено да се интервенира во случај на недостаток. Или пак, честопати на нашите патишта може да се сретнат задскриени знаци со гранки од дрва, со жбунови, капини и слично. Така што многу е битно кој ги одржува и на кој начин“, вели Рогожаров.

Тој има и посебна забелешка на поставената сигнализација на градилиштата во населените места, за кои, како што вели, локалната власт и инспекциските служби треба да реагираат за поголема безбедност и на пешаците и на возачите.

Професионалните возачи патиштата ги знаат напамет, но бараат подобра сигнализација

Професионалните возачи на камиони, односно на тешки товарни возила, немаат поголеми забелешки за поставената сообраќајна сигнализација. Но, Билјана Муратовска, генерален секретар на Здружението „Макамтранс“ смета дека тоа не значи дека немаат проблеми по патиштата, бидејќи, како што вели, професионалните возачи постојано се движат по маршрутите и се толку навикнати што веќе ги знаат и напамет. Сепак, таа забележува дека неправилно поставените знаци, нивната испомешаност или недостигот на знаци за известување и предупредување може да ја наруши безбедноста во сообраќајот.

„Товарните возила, многу е потешко наеднаш да сопрат и затоа доаѓа до одредени несреќи, сообраќајни несреќи, бидејќи од инерцијата на товарот возилото и да закочи, тоа повеќе се движи. Што значи дека мора да се обрне внимание на сигнализацијата- знаците да бидат јасни, издигнати на повисоко ниво за да може секој да ги гледа или на средина на патиштата, како што е во други држави. Сè со цел да се овозможи подобра перцепција и следење на состојбата на патиштата, бидејќи сообраќајниот знак упатува што и како треба да постапиш за безбеден сообраќај“, посочува Муратовска.

Таа вели дека како учесник во сообраќајот има забележано дека кога се излегува од градот Скопје сообраќајните знаци за постепено забрзување се поставени ниско и во грмушки и за возачите не се јасно видливи.

„Некој произволно си забрзува малку повеќе отколку што треба и може да дојде до непосакувани несреќи. Исто така имам забелешка на знаците за исклучување или приклучување, особено, конкретно од Велес кон Штип. Знакот покажува на сосема спротивната страна од каде што треба да се сврти, така што често се случува и некој во круг да врти за да излезе на вистионскиот пат. Значи, сите кои што прават анализа на знаците и патиштата мора да внимаваат на тоа. Имам едно позитивно  искуство, бидејќи сум била неколку пати во Австралија. Таму, покрај знаците, има и со зборови напишано: „Застани“, „Тргни“, „Опасност“. Значи, дадена е можност на некој, кој со време ги заборавил знаците, да може со прочита и да сфати за што се работи“, вели Муратовска.

Фото: Викторија Димитрова-Јованова, ПИНА

Друмскиот транспорт е значаен за секоја економија, без разлика дали е мала или голема, а токму една од забелешките на транспортерите е дека да се пристигне за утовар на стока во некое помало место или село им оди малку потешко.

„Секоја фабрика може да биде на на било кое место, а возилата се тие кои што по добри патишта би стигнале до нив и би ја разнесувале стоката. Со тоа ќе се овозможи рамномерен развој на цела територија на државата. Што значи дека инфраструктурата е неминовна за да се овозможат услови за одржлив раст и развој на целата економија, не само на транспортот“, смета Муратовска.

5 милиони евра годишно за одржување на патишта, сообраќајни знаци и опрема

За годишното менување и обновување на знаците на патиштата одговорно е Јавното претпријатие „Македонијапат“. Годишниот буџет за редовно одржување на сообраќајната сигнализацијата и опрема на магистралните и регионалните патишта за 2026 година изнесува нешто повеќе од 5 милиони евра.

За одржување на хоризонтална сигнализација се предвидени 280.000.000 денари (4,5 милиони евра), додека 40.000.000 денари (650 илјади евра) за одржување на вертикалната сигнализација и патната опрема.

Средствата ги обезбедува Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) од каде велат дека предвидените суми во текот на годината може да се зголемат во зависност од реализацијата на другите ставки од Програмата.

На прашањето  од која фирма се набавуваат сообраќајните знаци и дали ЈПДП се задоволни од квалитетот на изработка на сообраќајните знаци, од претпријатието одговараат дека за проектите за рехабилитација, реконструкција и изградба државните патишта, Јавното претпријатие преку Електронскиот систем за јавни набавки и според Законот, спроведува постапка и избира најповолен изведувач, додека за тековното одржување на сообраќајната сигнализација ЈП „Македонијапат“ поседува сопствен погон за производство на сообраќајни знаци.

Фото: Викторија Димитрова-Јованова, ПИНА

Директорот на регионалната подружница на ЈП „Македонијапат“- Штип, Влатко Цоневски тврди дека сите населени места се обележани со соодветни знаци и со ограничување на брзината за самото населено место.

„Доколку се забележи дека го нема знакот, порачуваме нов. Си има процедура која треба да се запази, значи не може денес да порачаме, а утре да се стави. Туку си има одреден временски период кој што треба да помине за да се направи тој знак. Се порачува нов, а како што реков, забрани немаме и се обновуваат и редовно и тековно. Значи, ако забележиме, ако сами видиме или ако некој ни пријави, или нашите служби кои редовно ги имаме по патиштата, пријавуваме кај соодветниот надзорен орган, кој ни одобрува и процедурата е таа“, вели Цоневски.

Додека институциите велат дека постапката за замена на знаците трае, возачите секојдневно се потпираат токму на тие табли за да донесат одлука во неколку секунди.

Кога тие се погрешни, избледени или ги нема, последиците не се само погрешно свртување, туку и ризик за безбедноста.

Авторка: Викторија Димитрова-Јованова

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинарки на ПИНА
ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.