Жените се’ уште се соочуваат со предрасуди, дискриминација и нееднаквост

0
225

Меѓународниот ден на жените – 8 март е ден на женската борба и потсетник за се’ што досега постигнале жените во борбата за еднаквост во општествата, но и за сите проблеми и нееднаквости со кои се’ уште се соочуваат.

Потребата за социјална, економска и родова рамноправност и понатаму е присутна, но се посилна е и желбата за ослободување од предрасудите и стереотипите. Овие негативни фактори како што велат од Платформата за родова еднаквост, во која членуваат бројни невладини организации, се присутни во целокупното општество и се уште го диктираат и влијаат врз животот на жените.

Од Платформата кои традиционално со години го организираат осмомартовскиот марш во Скопје, посочуваат дека родовата нееднаквост ја има во однос на основните права, пристапот до работа, образование, здравствена заштита, политиката, донесувањето на одлуките.

„Стереотипите и предрасудите се изразени при изборот на професија и вклучување на пазарот на трудот, како и кога зборуваме за еднаквоста во платата. Сѐ уште има пожелни професии за жените и девојките кои треба да одберат т.н. женски професии. Жените се соочуваат со притисок од околината која им ја наметнува потребата да имаат семејство, брак и деца што воедно ги спречува да се посветат на кариерата, или пак, подолго да бидат вклучени во образовниот процес“, појаснуваат оттаму.

Сексистичките напади се подеднакво загрижувачки, сметаат од Платформата. Оттаму појаснуваат дека сексизмот се јавува во вид на шега или коментар, а сексистичкото однесување како такво, особено, сексистички говор на омраза, може да ескалира или поттикнува навредливи и заканувачки дејства, вклучувајќи сексуална злоупотреба или насилство, силување или потенцијално смртоносен чин.

Како решение, тие ја посочуваат поголемата свесност на државата која на справувањето со сексизмот ќе гледа како на обврска за гарантирање на човековите права, родовата еднаквост и обврска да го спречи насилството врз жените и девојките во согласност со меѓународното право и конвенции.

Стереотипите, предрасудите, сексистичките напади, социјалната и економската нееднаквост, сѐ уште ја отсликуваат реалната слика на животот на жените во Македонија.

Жените не се чувствуваат безбедно

Социјалната работничка Моника Чекаловиќ за ПИНА раскажува дека од секојдневното работење на терен имала можност да посведочи за ситуации кои укажуваат на тоа дека жената не е безбедна.

Моника Чекаловиќ

„Нападната бремена жена од партнер на јавен простор, без укажување помош од страна на случајни минувачи. Жена вклучена во трговија со луѓе од страна на брачен партнер. Склучени малолетнички бракови под закрилата на традиционалните норми, а со реални индикатори на трговија со деца. Извршен абортус врз малолетно дете од страна на доктор, заради финансиска корист, без согласност од старател. Силувана жена од страна на нејзиниот сопруг и негови двајца пријатели. Злоставувано малолетно девојче од страна на член на семејството“, набројува Чекаловиќ.

Според неа овие случаеви укажуваат на присуство на стигми и предрасуди.

„Овие примери не се наслови од некои филмови, ниту пак работи што се случуваат таму некаде. Ова се реални примери со кои се соочуваат многу жени, жени кои се наши роднини, пријателки, сестри, мајки, пријателки. Ова се животни стории кои често не се пријавувани до надлежните институции затоа што стигмата и предрасудите кон овие жени излегуваат од секоја пора на нашето општество. Ова е потенцијален ризик за секоја од нас, за чија одговорност сме инволвирани ние како членови во ова општество, а за чија промена треба да се залагаме сите, затоа што секоја промена започнува од нас самите“, појаснува Чекаловиќ.

Од Платформата за родова еднаквост исто така велат дека жените не се чувствуваат безбедно, додавајќи дека тоа само укажува на високиот степен на колективна негрижа за жената и девојките.

Изразена потреба од порамномерна родова застапеност во економијата и политиката

Истражувања покажуваат дека жените немаат еднаков пристап до лидерска позиција, ниту пак еднаква застапеност во економијата.

Истражувањето за насилството на жените во политичките партии во Македонија, на Националниот демократски институт, покажува дека жените генерално се соочуваат со пречки во однос на нивното учество во политиката и за да добијат лидерски позиции во нивните политички партии.

„Анализата на ставовите на испитаниците укажува на тоа дека патријархалните вредности се еден комплексен показател кој излегува на површина како имплицитна причина за останатите предизвици, како што се ограниченото време и недобивањето поддршка од семејството”, се посочува во истражувањето.

Дополнително, според ова истражување 53 проценти изјавиле дека се соочуваат со бариери и предизвици во процесот на добивање на некоја лидерска позиција. Во однос на насилството голем број односно 65 отсто од политичарките во државава доживеале некаков вид на насилство додека ги извршувале своите партиски функции.

Од Платформата за родова еднаквост посочуваат дека кога станува збор за жените во политиката тие се соочуваат со психолошкото и сексуалното вознемирување, како што е споделување интимни или лични детали и слики на социјалните мрежи кои потоа се преземени и споделувани понатаму.

Понатаму, малтретирање на работното место како резултат на политичка/партиска определба или политички став, говор на омраза онлајн или офлајн, навреди со кои учеството на жената во политиката се етикетира како неморална пракса.

Според анализите на платформата, исто така нотирано е и дискриминирачко постапување од страна на медиумите за масовно информирање – ставање под знак прашање на личниот живот, сексуалното однесување, физичкиот изглед, облеката.

Правата на жените најранливи во руралните средини

Жените во руралните средини се во голема мера ранливи, односно жените подлежат на нееднаквост поради поголемата доминација на традиционалните норми.

Од Платформата за родова еднаквост информираат дека само околу 5 проценти жени се сопственички на имот, бидејќи мажите се наследниците. Во меѓувреме, како носителки на семејни земјоделски стопанства тие се околу 20-тина отсто, но овој процент како што посочуваат оттаму, се должи на тоа што мажите ги препишуваат земјоделските земјишта на жените само за да ги искористат бенефициите.

„На пример, на име на жена се зема и користи трактор со државна помош, а реално жената ниту има возачка дозвола ниту знае да го вози тракторот, па пак тука користи мажот. Сѐ уште во помалите места на живеење и во селата преовладува стереотипот дека местото на жената е во домот, да чисти, пере, пегла, готви, се грижи за семејството, домот, стоката, нивата и толку. Право на глас или донесување на одлуки во семејството или пак во локалната заедница се мисловна именка за огромен број на жени“, велат од Платформата за родова еднаквост.

Додаваат дека покрај немањето доволен пристап до здравствена заштита, жените во руралната средина немаат право да користат породилно отсуство или боледување при повреда на работно место што резултира со голем процент на предвремено родени деца или родители кои одат на нива заедно со нивните бебиња.

Борбата се води и за заштита од можен регрес на правата

Во однос на легислативата ние можеме да кажеме дека живееме во земја со пристојни закони, што се однесува до она што е на хартија правата се обезбедени, односно не постојат никакви формални бариери кои што ги прават жените да имаат отежнат пристап до права, услуги и добра. Она што останува проблематично е имплементација на овие закони, смета Ирена Цветковиќ, извршна директорка во Коалицијата „Маргини“, и докторка во областа на родовите науки.

Ирена Цветковиќ

Според неа, благодарение на прогресивните и силните жени, на феминистичкото движење и многу граѓански организации, денеска се забележуваат одредени подобрувања, но сепак вели дека кога станува збор за правата клучно е да се внимава не само на појава на стагнација, туку и на уназадување.

„За нас е важно да се движиме напред. Стравот постои и е врзан со можноста не само од стагнација, туку и од регрес. Дури и во однос на правата, еднаш добиените права не се засекогаш дадени права. Јасен пример за тоа се менувањата на законските регулативи поврзани со абортусот низ светот. Токму затоа, феминизмот и иницијативите за родова еднаквост се постојани и немаат рок на траење“, изјави Цветковиќ.

Од Платформата, во која се здружени повеќе невладини организации информираат дека изминатиот период имало неколку значајни законски измени посебно во контекст на спречување и превенција од насилството врз жените со донесување на новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство.

Сепак, посочуваат дека моментално сѐ уште не е донесен новиот Закон за родова еднаквост, не се направени измени во законот за семејство, а не се направени и измени во законот за локална самоуправа како и во еден од клучните закони, а тоа е Законот за работни односи. Воедно потребни се и промени во Законот за здравствена заштита, член 14 и негова промена каде што ќе се вклучат и жените земјоделки со што ќе се решат и нивните предизвици.

„Ќе преживеат ли жените овде?!“ ова е прашањето кое произлегува од сите проблеми со кои жените се соочуваат, а кое ќе биде слоган на денешниот Марш за женски права што се одржува во пресрет на Меѓународниот ден на жените – 8 март.

Авторка: Симона Србиноска