Нејаснотии околу законските измени и поништувањето на старите долгови

0
253
Фото: Tingey Injury Law Firm on Unsplash

Минатата година стапија на сила законските измени во Законот за облигациони односи (ЗОО) и во Законот за извршување (ЗИ), каде се пропиша застарување на извршувањата, односно овозможување граѓаните да бараат деблокирање на сметките ако се поминати 10 години од решенијата од извршител, да бараат намалување на каматите бидејќи тие не смеат да го надминат износот на основниот долг, како и низа други олеснувања.

Откако беа изгласани измените, граѓаните, во случајот должниците, веднаш почнаа да бараат начини за да се спасат од стари долгови преку различни правни средства и механизми за да може да се запрат постапките за извршување.

Адвокатката Ивана Илиеска од адвокатската канцеларија Lalicic & Boskoski вели дека  откако стапија во сила измените, должниците кои поднесуваа приговори против неправилности при извршувањето до извршителите, правеа обиди кои на крајот од денот завршуваа неуспешно, односно судовите ги одбиваа.

„Кога ние комуницираме со извршителите, буквално настанува еден молк каде никој не зазема конкретни потези, за тоа, како да се постапува во овој случај. Сметам дека причината за такво нешто би била неусогласената судска пракса од една страна, која е главниот проблем поради кои извршителите не постапуваат, а од друга страна проблемот е што, не ни постои конкретен правен механизам кој извршителот во даден случај ќе може да го примени“, објаснува Илиеска.

Таа појаснува дека кога се носеле ваквите измени, законодавецот требало малку попрецизно да предвиди кои механизми и под кои услови ќе се применуваат, бидејќи моменталните процесни решенија кои ги има во системот, не даваат точна насока по која, извршителите треба да постапуваат.

„Првичен механизам кој се презеде од страна на граѓаните беше поднесувањето на приговори против неправилности при извршување. Меѓутоа таквите приговори се поднесуваат во ситуација кога извршителите незаконски постапуваат, но во овој случај тоа не е така. Овде основот би му бил апсолутна застареност на постапка за извршување, и тука, кога овие предмети завршуваат кај судовите, тие буквално ги отфрлаат таквите приговори, поради тоа што тие немаат надлежност,“ вели таа.

Илиеска рече дека судската пракса досега покажува дека судовите најчесто излегуваат со образложение дека во Законот за извршување извршителите нема како да постапат, дека нема механизам да се запре извршувањето, дека законодавецот не ги доуредил прашањата, како и дека тој не предвидел која последица овие измени ја донесуваат.

Судска пресуда во корист на граѓанин е исклучок

Еден судски случај, во чии што документи ПИНА.мк имаше увид, се смета за исклучок во целата ситуација бидејќи е пресудено во корист на граѓанин. Овој случај се однесува на поднесен приговор на граѓанин за застарено дело за одредена неплатена сметка, а кој покажа дека судот, во случајов Основниот суд во Струмица, одлучил во корист на граѓанинот, односно должникот каде тој се жалел дека од поднесувањето на барањето за извршување, до поднесувањето на писменото барање поминале 10 години и со тоа има настапено застареност на извршувањето.

Извршителката пак, во случајов образложила дека Министерството  за  правда немало донесено  –  пропишано  соодветни  обрасци  за  примена  на  Законот  за  измени  и дополнувања на Законот за облигациони односи, кој стапил во сила на ден 20.07.2023 година, што е доказ за тоа дека извршителите одбиваат да постапуваат по законските измени.

Адвокатката Илиеска потврдува дека во 90 проценти од случаите се случувало Граѓански суд да одлучи негативно, а потоа Апелација да ја потврди одлуката на првостепениот Граѓански суд.

„Мојот став во однос на овие законски измени е дека истите имаат ретроактивно дејство, дека директно ги повредуваат правата на доверителите, дека тие се ставаат во нерамноправна положба. Кога веќе се донесени вакви измени и истите треба да се применуваат, требаше да се предвиди друг механизам. Без разлика на ваквите измени, судската пракса влече кон ставот ваквите предмети да завршуваат неповолно за граѓаните. Апсолутната застареност на отпочната постапка за извршување, е нешто што со овие измени е воведено кај нас за прв пат. Сето ова доведува до правен релативизам, немаме усогласеност, немаме став и настанува правен хаос. Не можеме овде ние да зборуваме за обрасци, треба да постои конкретно средство кое ќе треба да се применува за да може извршителот да донесе било каква одлука. Би требало да има и дополнителни законски измени во Законот за извршување, да се прецизира, процесните прашања да се решат“, децидна е таа.

Според Илиеска најверојатно сега ќе треба да се поднесат нови иницијативи за измена на Законот за извршување.

„Законите и новите измени треба да се однесуваат во иднина, а не да задираат на постапки кои што беа порано започнати и оттука е главниот проблем. Останување на овие одредби во сила вака е многу проблематично и ништо освен хаос не носи“, вели адвокатката.

Голем број на претставки до Народниот правобранител

Неодамна Народниот правобранител Насер Зибери рече дека постојано стигнуваат претставки од граѓани кои бараат помош од Народниот правобранител, затоа што извршителите ги одбивале барањата за престанок на побарувањето, односно не донесуваат заклучок за запирање на постапката согласно со измените на Законот. Тој посочи дека извршителите постојано ги одбиваат ваквите поднесени барања од страна на должниците.

„Во став 1 од член 93 на Законот за извршување, во кој е уредено прашањето на запирање на извршувањето, точно е кажано дека извршната исправа е правосилно укината, преиначена, поништена или ставена вон сила е основ за запирање на извршувањето односно извршувањето се запира доколку настане еден од овие елементи, нагласувајќи дека со измени на Законот за облигациони односи ваквите извршни исправи се вон сила бидејќи настанал апсолутниот рок на застареност и дека тоа е „правниот основ извршителите да постапуваат“, објасни Зибери.

ПИНА.мк разговараше со Ана Глигорова, граѓанска активистка која рече дека проблемот е што за одреден долг кои граѓаните ќе го имаат без разлика дали станува збор за сметка за струја, телефон или нешто друго, извршителите не почнуваат веднаш да извршуваат, туку намерно чекаат се со цел да се зголемат давачките на граѓаните.

„На пример се случила некаква грешка, некој граѓанин не платил сметка за струја на пример од 2.000 денари а која е пред 15 години, и тие имаат една година право да го тужат граѓанинот. Секаде во светот, особено во Европа после година-две се настапува со извршување, а кај нас намерно извршителите чекаат со извршување. Ако на пример после 15 години ќе побараат од вас наплата, тој долг ќе се наплати со камата која се пресметувала исто толку години, па вие сами проценете колку граѓанинот ќе треба да плати. Тој долг веќе нема да биде две илјади денари, туку ќе биде 20 или 30 илјади денари. Тоа е нечовечки. Големите компании до Уставниот суд имаа иницијатива да се укинат новите законски измени со кои застаруваат долговите после 10 години, но Уставниот суд застана на страната на граѓаните“, рече таа.

Глигорова додава дека извршителите не почитуваат правосилна судска одлука.

„Измислуваат камати, граѓаните плаќаат нешто што не постои, а тие тоа го прават заедно со доверителите, односно различни компании, корпорации. Извршителите бараат некаков образец што би го издал министерот за правда преку кој образец долговите би застарувале, што е апсолутна глупост. Долгот треба да застарува автоматски. Извршителите дури и мислењата од судовите за ваквите случаеви не ги прифаќаат. Не ми е јасно зошто го донесоа законот ако не можат да го применат“, објаснува таа.

Од Комората на извршители по однос на законските измени на ЗОО и ЗИ во кои е пропишано застарување на извршувањето и по однос на каматата дека истата не може да го надмине главниот долг велат дека извршителите се лица со јавни овластувања кои постапуваат согласно одредбите од Законот за извршување и Законот за парничната постапка.

„Извршителите не се надлежни да менуваат односно да утврдуваат било какви права. Такво право има единствено судот. По однос прашањето дека граѓаните се жалат дека извршителите не постапуваат по овие измени, Комората истакнува дека ваквите тврдења се неосновани од причина што, извршителите секојдневно постапуваат по секој поднесок или барање од страна на граѓаните, по поднесени приговори и претставки, но постапуваат во рамките на нивните надлежности дадени со Закон а не и надвор од одредбите на Закон за извршување. Напоменуваме дека на граѓаните им е дадено право на двостепеност во извршувањето, па судовите одлучуваат во два степена по вложени приговори“, велат од Комората за ПИНА.мк.

Од таму објаснуваат дека одлуката на Уставен суд на РСМ со која не се поведува постапка за оцена на уставност и законитост не е доволно образложена, за да може да се убеди јавноста а посебно правната фела дека така донесената одлука е оправдана и во целост издржана што е очигледно доколку истата добро се проучи.

„Одлуката на Уставниот суд е напишана на 28 страни но само на 25- тата страна во два става е спомената застареноста од 10 те години. Заради тоа, сметаме дека истата не е доволно јасна и образложена. Во постојниот Закон за извршување ниту во измените, законодавецот а не Министерството за правда, никаде не предвидел кој, на кој начин и во каква постапка ќе ги применува настанатите измени. Законските измени воопшто не се предлог на Министерството за правда туку се предложени од група пратеници и законите се изгласани во Собранието на РСМ“, додаваат од Комората на извршители.

Неодамна Уставниот суд не ги прифати иницијативите кои дојдоа од одредени чинители за тоа да се поништат измените на Законот за облигационите односи и на Законот за извршувањето од јули минатата година.

Тие сметаат дека неприфатливо е тврдењето во иницијативите, дека се повредува правото на сопственост на доверителите со тоа што законодавецот, односно Собранието, предвидело да се ограничи висината на казнената камата кога ќе го достигне износот на главниот долг.

Додадоа и дека оспорениот член 4 од Законот за облигациони односи нема повратно дејство, односно ретроактивност бидејќи се однесува на постапки кои се уште траат, не се завршени, а не и на оние постапки кои пред влегувањето во сила на законот завршиле.

Според Уставниот суд, неприфатливо е тврдењето во иницијативите дека должникот е доведен во попривилегирана положба во однос на доверителот, бидејќи членот 1 не дефинира за кого се однесува, туку напротив јасно и прецизно произлегува дека се однесува на сите субјекти на пазарот подеднакво.

Извршителите, заедно со адвокати, поддржани од коморите побараа Уставниот суд да ги поништи измените, тие негодуваа поради тоа што измените на законите по изминување на периодот од 10 години како апсолутен рок на застареност, сметано од денот на поднесување на барањето за извршување, се гасат правата на доверителите за наплата на побарувањата и со тоа должниците се целосно ослободени од секаква обврска што ја имаат кон доверителите.

Автор: Кристијан Трајчов

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА