Новото кривично дело „демнење“ низ собраниските филтри – со него се очекува и поголема заштита на новинарките

0
279
фото: ПИНА

Во Собранието неодамна помина првото читање на предлог-Законот за измена и дополнување на Кривичниот законик со кој се припишува ново кривично дело „Демнење“, согласно одредбите од Истанбулската комисија. Собранието одлучи дека предлогот на законот е прифатлив и дека тој може да се даде на натамошно, односно на второ читање, кој потоа треба да дојде и на ред да се гласа.

Со ова, доколку се изгласаат измените, ќе дојде и до конечна имплементација на кривичното дело во закон, кое беше најавено пред повеќе од една година од тогашниот министер за права Бојан Маричиќ.

„Тој што повторено неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин се меша во личниот живот на друг, или со него воспоставува или настојува да воспостави од него несакан контакт со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице, со злоупотреба на користење на личните податоци, со користење на средства за јавно информирање или други средства за комуникација, или на друг начин психички го злоставува, вознемирува или застрашува и со тоа ќе предизвика чувство на несигурност, вознемиреност или страв за неговата сигурност или сигурноста на нему блиско лице, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години“, гласи членот 16, што се однесува на кривичното дело „Демнење“.

Европската федерација на новинари (ЕФН) неодамна изјави дека е загрижена од алармантната бројка од 81.6% од 103 анкетирани новинарки во Македонија кои биле вознемирувани преку интернет, што го покажа истражувањето спроведено од ПИНА. Оттаму истовремено и повикаа итно да се усвојат долгоочекуваните измени на Кривичниот законик, за справување со сите видови напади врз новинари по службена должност.

Адвокатката Наташа Бошкова за ПИНА објаснува дека токму новото кривично дело „демнење“ ќе го прошири опсегот на заштита на жените вклучувајќи ги и новинарките.

Бошкова за ПИНА посочи дека воведувањето на кривичното дело ќе го прошири опсегот на заштита од многу честа форма на насилство, за која вели дека не е препознаена во законот, ниту во праксата на институциите. Сепак, како што посочува, и во измените отсуствува препознавањето на родово-базираното насилство во интернет просторот.

Адвокатката посочува дека во меѓувреме, Министерството за правда работи на текст на нов Кривичен законик кој, меѓу другото, треба да ги интегрира одредбите од измените на КЗ.

„Текстот на новиот Кривичен законик е на ЕНЕР и според информацијата од Министерство за правда, истиот ќе биде достапен за коментари од општа и стручна јавност до крајот на годината, по што ќе се започне со процесот на усвојување“, рече Бошкова.

Од Министерството за правда објаснуваат дека во однос на заштитата на новинарите биле консултирани компаративни искуства од други држави и соодветно биле преземени во нашиот Кривичен законик.

„Заштитата на новинарите во вршењето на нивните работни задачи претставува еден од основните приоритети. Во таа насока се и предложените измени во соодветните одредби. Така, со член 6 ставот 8 се предвидува квалифициран облик на кривичното дело „Убиство“ за убиство на новинар или друг медиумски работник. Истото е сторено и кај кривичното дело ‘Присилба’ (член 11 став  од Предлогот), за кривичното дело ‘загрозување на сигурноста’ (член 15 став 4 од Предлогот), како и за кривичното дело ‘Спречување службено лице во вршење службено дејствие’ (од член 31 од Предлогот)“, стои во одговорот од министерството.

Институционалното препознавање клучно за проактивна превенција

Во периодот од јануари минатата година, а заклучно со октомври оваа година, регистрирани се седум настани со онлајн вознемирување на медиумски работници, објаснуваат од Министерството за внатрешни работи за ПИНА.

Во меѓувреме, од МВР посочуваат и дека по основ на кривичните дела „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, „Загрозување на сигурноста преку информатички систем“ и „Злоупотреба на лични податоци“, евидентирани се пет пријави од медиумски работници. Оттаму додаваат дека надлежното Јавно обвинителство е известено за нив.

Со кривичното дело „демнење“ ќе се имплементира Истанбулската конвенција и ова дело, според Министерството за правда пак, не е поврзано со нападите врз новинарската професија.

Од Министерството објаснуваат дека и претходно, во постојниот закон постоеле кривични дела кои ги заштитуваат новинарите. Бошкова, исто така, посочи дека и претходно одредбите на КЗ овозможувале заштита во најголем дел од случаите на демнење и вознемирување на интернет, но, потенцира дека проблемот е и во непрепознавањето од институциите.

„Сè уште одредени однесувања се нормализирани и не претставуваат аларм за реакција на институциите. Да не го заборавиме и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство кој дава можност за изрекување на привремена мерка за заштита против сторител на демнење со што ќе му се забрани да ја контактира и вознемирува жртвата. Непочитувањето на ваквата забрана од страна на сторителот повлекува кривична одговорност“, објаснува Бошкова.

Според неа, покрај воспоставувањето на нормативните предуслови уште поважна е потребата од имплементација на принципите во пракса.

„Особено, препознавање на системските недостатоци, недостаток на доволно финансиски средства и човечки ресурси за подобрување на ситуацијата со превенција, заштита, и гонење на случаи на насилство врз жени, ниско ниво на активности за подигање на свест кон општата и експертската јавност, неефикасна заштита, ниски казни за сторителите“, вели таа.

Истовремено, Бошкова потенцира и за недостатокот на систем за собирање податоци кој ќе помогне во утврдување на трендовите и создавање на политики засновани на докази во согласност со специфичните потреби на жените кои преживеале насилство.

Според неа, проблемот со насилство врз жените на интернет е транснационален и не е доволен само национален одговор.

„Минатата година женски организации од регионот солидарно се обединија и заеднички упатија барање до надлежните институции да го прекинат институционалниот молк кој охрабрува сексуално вознемирување преку интернет. Клучните препораки за справување со состојбата е јасна и инклузивна дефиниција на насилството на интернет, соодветни податоци и документирање на случаите и зголемување на финансиските средства за постапување и помош на жртвите“, објаснува адвокатката.

Секоја година партнерските организации на Платформата за промоција на заштита на новинарството и безбедноста на новинарите формирана од Советот на Европа објавуваат извештај кој дава проценка на заканите врз слободата на медиумите во земјите членки.

Согласно годишниот извештај објавен во 2021 година, а кој се однесува на напади врз новинарите во текот на минатата година за Македонија, се укажува дека новинарките се мета на родово засновани навреди и закани од сексуална природа.

„Во текот на 2020 година е забележан наплив на онлајн малтретирање и закани кон новинарите, во неколку случаи поттикнати од политичари. Особено таргетирани беа новинарки, кои се соочија со родово засновани навреди и закани од сексуална природа. Интернет-платформите и властите беа бавни во обезбедувањето одговорност за онлајн нападите, дури и кога биле поднесени формални поднесоци“, стои во извештајот.

Една од препораките кои се дава од страна на партнерските медиумски и новинарски организации кои го изготвуваат овој извештај е земјите членки да донесат закони и институционални заштитни механизми за гонење и одвраќање на онлајн злоупотребите кон новинарите. Но, и истовремено земјите да посветат особено внимание и да преземат противмерки кон насоченото малтретирање врз новинарките и медиумските работнички.

Претходно, според извештајот кој го изработи Здружението на новинари на Македонија, се заклучува дека досегашната пракса во земјава покажала дека Кривичниот законик не даде доволно ефикасна заштита, односно создаде неповолна пракса во постапките пред обвинителството кога се во прашање нападите врз новинарите во онлајн сферата.

Истражувањето на ПИНА кое поттикна реакции и од Европската федерација на новинари покажа дека најголем дел од новинарките во земјава кои се соочиле со онлајн вознемирување не го пријавиле случајот, иако се запознаени со тоа каде можат да пријават таков случај.

Најчесто онлајн вознемирувањето било преку споделување на нивни фотографии во одредени групи на социјалните мрежи, со цел да се дискредитираат. Најголемиот дел од нив, исто така, посочија дека не го познаваат вознемирувачот.

ПИНА: Над 81% од 103 анкетирани новинарки се соочиле со онлајн вознемирување

Авторка: Ангела Рајчевска