Со последните случувања поврзани со правата на студентите, повторно се актуелизираа низа прашања за студентскиот стандард, студентскиот оброк и студентските домови. Преку протести, изминатиот период студентите побараа одговорност, но и помош од институциите за подобар студентски живот.
Реакциите на студентите започна по објавувањето на предлог-Законот за субвенциониран студентски оброк, кој подоцна беше повлечен. Со таквото законско решение, било предвидено да се скратат околу 28.000 оброци, објаснува претседателот на Универзитетското студентско собрание при УКИМ (УСС-УКИМ) Славчо Темелковски за ПИНА. Сега, тие како студентски претставници се вклучени во работни групи за креирање системско решение во однос за субвенционираниот студентски оброк.
„Моментално работиме на нов закон за студентски оброк. Работите коишто сега пак треба да ги кажеме во однос на нашите барања, ние веќе ги имавме кажано на работните групи за Законот за младински стандард којшто во моментот се изработува. Кога излезе новиот предлог текст, таму беа ставени работи за кои воопшто претходно се немаше ни дискутирано. Во однос на новиот закон којшто моментално се изработува, таму има работи кои ние ги предлагаме. Ако се земе предвид колку можеше да се скрати, сме задоволни. Ова е позитивниот исход и максимумот во овој момент. Тука треба да се запази суштината на студентскиот оброк, да се зголеми сумата, како и некои технички прашања. Законот којшто ќе се изработи треба да биде долгорочно решение за студентите“, додаде Темелковски.
Тој потенцираше дека во однос на новиот Закон за студентски оброк што треба да почне да се применува од март, се предвидува покачување на цената, која треба да биде основна цена врз основа на која што ќе треба да се пресметува инфлаторното дејство. Поточно, доколку има инфлација од 5%, цената автоматски да се зголеми. Производите коишто ќе ги нудат рестораните или маркетите пак, ќе треба да бидат 30% пониски од нивната редовна цена.
Во однос на студентскиот стандард, Темелковски објаснува дека најверојатно и во тој дел ќе бидат формирани работни групи каде ќе може да се изготви трајно решение за сумата на стипендиите, критериумите и слично.
„Кај студентските домови би можело да се даде и поголем фокус. Сите ги видовме фотографиите од студентските домови во однос на условите во студентскиот дом ‘Стив Наумов’. Приоритет се и тоалетите во студентскиот дом ‘Пелагонија’. Исто така, дигитализацијата спаѓа во едно од најсуштинските прашања. После медиумскиот притисок и по апелот од страна на УСС за ставање на важноста на студентот, студентскиот стандард со амандмани ќе биде зголемен“, дециден е Темелковски.
Фокусот треба да биде задржан на стимулирање и помагање на студентите, но и се поголем прогрес на образованието, смета Јован Јанев, член на Универзитетското студентско собрание при УГД Штип.
„Она што е најнеопходно да се направи во моментот е да има сериозност од страна на институциите, ефективност во работењето, искреност, без политички спинови и манипулации, како и комплетна ‘образовна револуција’. Исто така, ние во Собранието имавме дискусија со институциите дури откако беше повлечен предлогот за промена на законот за студентски оброк. Студентскиот стандард ги претставува условите, организацијата, како и квалитетот на студентскиот живот. Потребно е обезбедување на квалитетни услови за студентите со квалитетна законска уредба каде тука спаѓа финансиска помош на студентите, организирана и ефективна администрација, квалитетни образовни објекти и дигитализација“, вели Јанев.
Студентските домови како најголем предмет на дискусија
Условите во студентските домови беа исто така во фокусот на дискусијата, откако се покренаа низа прашања во однос на правата на студентите и условите за студирање.
Павел Николов е еден од студентите кој моментално престојува во студентскиот дом „Стив Наумов“, кој според многумина е посочен како дом каде условите се лоши. Според Николов, „уште во ходниците може да се забележи дека условите се катастрофални“.
„Мојата соба искрено беше добра и за разлика од другите каде имаше влага, собата беше во солидна состојба. Во многу соби има напукнати ѕидови, како и искршени врати. Проблем е и немањето топла вода, па така сме приморани да одиме во други студентски домови каде условите се подобри. Исто така, мензата е во очајна состојба каде има храна со многу ниска нутритивна вредност и цело време се служи очајна храна. Оваа академска година, ние тука дојдовме во месец октомври и беше релативно ладно, доволно за да заслужиме греење. Ние добивме греење дури средината на месец ноември. Не се дозволени користење на грејни тела и вработените влегуваат во собите на студентите за да проверат дали некој користи било какво грејно тело. Не е дозволено ни решо за готвење, со тоа што единствена опција каде би можел да јадеш е мензата“, објаснува Николов.
Тој вели дека генерално студентите се исплашени да излезат и да кажат нешто јавно, или пак да преземат нешто.
„Релативно е мирно овде и очигледно е дека поради наведените причини, самите студенти се задоволуваат со многу малку, односно со било какви услови“, дециден е Николов.
Студентскиот дом „Стив Наумов“ е дел од пакетот на неколку домови за кои е најавено реновирање на почетокот на идната година, соопшти во ноември министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
Во меѓувреме, Универзитетското студентско собрание при УКИМ, деновиве организираше хуманитарна забава, со цел собраните средства од карти да се донираат за реновирање на студентските домови.
„Оваа забава беше со мото ‘Од студентите за студентите’. И не, целта не е да ги решаваме задачите на институциите, туку да ги решаваме проблемите на студентите, она за кое постои Универзитетско студентско собрание“, напишаа од УСС-УКИМ на Фејсбук.
Студентите се обединија преку марш
Со одбележувањето на денот на студентите, студентскиот марш на 17 ноември ги сплоти студентите за да излезат јавно и да побараат повеќе права и подобар стандард. Темелковски од УСС-УКИМ вели дека тој ден треба да биде за студентите да можат јавно да ги искажат своите барања кон институциите и на тој начин, тие да ги слушнат нивните барања за да може да им ги решаваат проблемите.
„Во однос на тоа што придонесе овогодинешниот студентски марш, после неколку години пауза со онлајн наставата и слично, со ова, студентскиот дух се врати. Студентите се повеќе се запознаваат со работата на универзитетското студентско собрание, ја зголемуваат довербата кон нас. Другата позитивна работа е што дури и пред студентскиот марш, комуникацијата со институциите беше зголемена и беа формирани работни групи во однос на неколку прашања. Институциите воочија дека студентите се тука и дека ги бараат своите права. Откако се кренаа студентите, комуникацијата со институциите е многу подобра. Само со добра комуникација може да се донесуваат позитивни решенија и политики. Државата во моменти на криза кога сакала да скрати од нешто сакала тоа да го направи на грбот на студентите што е многу погрешно. Исто така, кога се одлучуваат за тоа да кратат од некаде, тоа го прават и врз образованието генерално“, објаснува Темелковски.
Покрај студентските собранија кои постојат на ниво на универзитети и факултети, по објавувањето на предлог-Законот за субвенциониран студентски оброк, изникна и ново студентско движење наречено „Студентски отпор“.
Кристијан Димков кој е член на ова движење, за ПИНА објаснува дека на почетокот биле само неколку луѓе кои сметале дека треба да се направи нешто околу измените на законот, додека кога почнале да разговараат меѓусебно, увиделе дека има и многу други проблеми кај студентите.
Истовремено, тој објаснува дека во движењето учествуваат околу 40-тина студенти кои заедно ги носат одлуките. Неговите очекувања се дека ова движење со текот на времето се повеќе ќе расте и вели дека првично тие треба да се рашират што е можно повеќе, со цел што поголем број на студенти да бидат дел од ова движење.
„Моментално, најголем проблем се студентските домови. Ова движење беше планирано да постои само во моментите кога се протестираше за предлог законот за субвенциониран оброк, но имаше голем интерес кај студентите ова движење да продолжи да постои и понатаму“, рече Димков.
Според него, барањата кои се доставуваат до институциите за подобар студентски стандард се скромни и не се бара луксуз, туку основни услови за живот на студентите.
„Санирање на ситуацијата во студентските домови е наш фокус бидејќи таму ситуацијата е многу полоша отколку на слики и видеа. Тоа е тешко да се замисли, но така е. Потоа, изедначувањето на стипендиите ќе биде наша следна цел каде стипендиите за сите студенти треба да бидат со иста сума, односно тие што земале стипендии во 2020 година треба да имаат изедначени стипендии како оние кои земале претходната, како и оваа година. Воедно, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди индиректна дискриминација врз оштетените студенти. Можеби некои студенти имаат различни мислења и сакаме и нивните мислења да ги слушнеме во однос на тоа што треба да се направи за студентите генерално“, дециден е тој.
За тоа колку последните протести биле успешни, тој е дециден дека дале резултат, но недоволно. Димков потенцираше дека има голем интерес за едно независно студентско движење и дека нивната цел е во најмала рака да се направи нешто барем за идните генерации студенти.
Вклученост на засегнатите страни во законските решенија
По реакциите во јавноста, студентски претставници беа вклучени во работните групи при изработка на предлог-Законот за субвенционира студентски оброк кој што ги тангира токму нив.
Од Македонското здружение на млади правници за ПИНА велат дека учеството на студентите во работни групи за изготвување на закони и иницирање законски измени, како и учество во процесите на креирање политики и носење одлуки кои се наменети за нив е исклучително важно и сметаат дека е од клучно значење. Причината за тоа е што законските решенија директно ќе имаат влијание врз студентите.
„Со нивното учество се обезбедува отворен пристап, квалитетна и навремена координација и комуникација со засегнатите страни, а истовремено доведува до партиципативност, подобрена транспарентност, отчетност и инклузивност, но и зголемена можност за следење на работата на властите и влијание за зголемување на јавната свест за застапување на нивните интереси“, потенцираат тие.
Како што објаснуваат оттаму, вклучувањето на сите засегнати страни како студентите, граѓанските организации и лицата кои што во работата и се залагаат во одредени области во работните групи за подготовка на закони, значително може да влијае на успешноста на процесот од една страна, но и избегнување на несоодветни законски решенија.
„Учеството на студентите во работните групи за политики кои ги засегаат нив е неопходно во сите фази на процесите на развој на еден закон, почнувајќи од идентификација на проблемите и предизвиците, утврдување на интересите на засегнатите страни, се до креирање на соодветни долготрајни законски и применливи решенија. Во овие процеси од исклучителна важност е да се слушнат потребите на студентите, секојдневните проблеми и предизвици со кои се соочуваат и отвореност од институциите при носење на законските решенија“, порачуваат од Македонското здружение на млади правници.
Автор: Кристијан Трајчов