Еден од пет студенти или 21.3% при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје биле во ситуација професор или професорка да им се обрати со прекар, како „девојче“, „злато“, „кукле“, „маче“. Дури 47.8% од студентите биле во ситуација во која биле кажувани сексуални шеги или шеги што се темелат врз родови стереотипи од колега или колешка. На 15.6% од студентите пак, им бил даден коментар за нивниот физички изглед, по што се чувствувале непријатно и сексуализирано. Во меѓувреме, дури 88.5% од студентите не знаат каде можат да пријават сексуално вознемирување што се случило на универзитетот.
Ова се само дел од резултатите од Истражувањето за перцепции и искуства со сексуално вознемирување при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, спроведено од студентите на Меѓународните интеркултурни студии во соработка со здружението „Младински мировен хаб“ и Фондацијата „Фридрих Еберт“ – Скопје, кое опфати 347 студенти од УКИМ, а беше објавено минатата недела.
Теодора Милеска е една од авторките на истражувањето. Таа за ПИНА објаснува дека неа лично ниеден од наодите не ја изненадил премногу, затоа што, како што вели, тоа е средината од која и таа самата била дел во последниве четири години.
„Барем за време на моето искуство како студент се имав сретнато, а верувам дека и другите студенти, со различни сознанија за одредени професори, и би рекла страшни искуства кои се ‘јавна тајна’“, вели Милеска.
Истовремено, авторката дополнува дека токму ваквите сознанија, заедно со случајот „Еразмус“ каде имаше наоди за изнудување на сексуални услуги од професори, биле голема мотивација да го направат истражувањето.
Но, пред сè, Милеска истакнува дека поттикот доаѓа од потребата за промена, и од потребата за конечно спроведување на вакво истражување кое, како што вели, ги отсликува реалните состојби на студентите и сексуалното вознемирување во академските кругови.
„Во однос на пријавување на сексуалното вознемирување, од 16 случаеви кои беа споделени во анкетните прашалници, само 1 добил позитивна судска разврска, што укажува на тоа дека дури и кога жртвите ќе се охрабрат и ќе се обратат до институциите, најчесто не ја добиваат потребната поддршка, заштита и правда“, децидна е Милеска.
Уште повеќе загрижува податокот дека 88.5% од анкетираните студенти не знаат каде може да пријават сексуално вознемирување на универзитетот, вели Милеска, што според неа е доказ за институционално потфрлање во однос на овој проблем. Но, исто така, вели и дека не е изненадувачки што 51.8% од студентите сметаат дека УКИМ не ги штити или воопшто не ги штити студентите од сексуално вознемирување.
Каде да се пријави?
Студентските тела при УКИМ ја поздравија иницијативата на организациите и авторите кои го спроведоа истражувањето со кое се отвори оваа тема, но, исто така изразија и разочарување од резултатите.
За Славчо Темелковски кој е претседател на Универзитетското студентско собрание (УСС) при УКИМ, резултатите покажуваат дека како општество не одиме напред, туку напротив, само се враќаме назад.
Тој надополнува дека е добро што има вакви истражувања за да се отворат овие прашања, а и истовремено тврди дека на УКИМ функционираат сите тела во однос на оваа проблематика. И самиот го посочува еден од проблемите кој беше истакнат со истражувањето, односно дека 88.5% од студентите не знаат каде да се обратат за да пријават вакви и слични вознемирувања.
„Како еден од појаките механизми коишто можат да се справат со ваквата проблематика е Студентскиот правобранител, и сите они кои се среќаваат со вознемирувања и други проблеми, можат да испратат мејл до Студентскиот правобранител, да го контактираат и на тој начин да го пријават случајот“, појаснува Темелковски.
Тој истакнува дека оваа година немало пријави за сексуално вознемирување, но смета дека за ова главно проблемот е во тоа што тие студенти кои биле на тој начин вознемирувани не знаеле каде да се обратат.
„Ние постојано укажуваме дека пријавувањето кај Студентскиот правобранител и доколку некој е сексуално и/или на било кој друг начин вознемируван, слободно да се јави или да исконтактира на мејлот studentski.pravobranitel.ukim@gmail.com“, посочува Темелковски.
Тој објаснува и дека другите механизми кои што се на ниво на ректоратот и на УКИМ се главно поврзани со Етичкиот кодекс којшто е пропишан. Доколку се утврди негово прекршување, тогаш се одговара пред Етичката комисија на ниво на Ректоратот.
Комисијата, Темелковски појаснува дека функционира на ниво на професори заедно со Студентскиот правобранител, и, доколку увидат и се докаже, таквата постапка може да доведе до момент каде треба да се разреши одреден професор.
Од ректоратот на УКИМ пак, за ПИНА дополнија дека, Етичкиот кодекс е донесен во нова форма, и дека во него е пропишано сексуалното вознемирување. Дополнително, оттаму велат дека има и Етичка комисија на УКИМ, која функционира, и ги охрабрија сите кои се засегнати со овој проблем и се на било каков начин сексуално вознемирени, да веруваат во надлежните органи на образовната институција, да го пријават тоа и заедно да се решава овој проблем.
„Сметаме дека преку Студентскиот правобранител треба активно да се делува, студентите да знаат кои се нивните права, како може да бидат заштитени и како да дојдат до решение на ваквите проблеми“, посочија од таму и надополнија дека она што е најважно и најпроблематично со темата сексуално вознемирување е тоа што, жртвите многу тешко се одлучуваат да го пријават.
Од пред еден месец, Студентски правобранител при УКИМ е студентката Викторија Постоловска. Таа за ПИНА вели дека во нејзиниот скромен едномесечен мандат, досега нема добиено пријава за сексуално или родово вознемирување.
Случаите на кои моментално работи, вели дека генерално имаат дискриминаторска тематика, и вели дека на нив се посветува многу време и труд, како би резултирале со конструктивна разрешница.
Во однос на резултатите од истражувањето, Постоловска вели дека како кај нејзините колеги од УСС, така и кај неа, тие предизвикале период на зачестени состаноци и дискусии околу ваквата деликатна ситуација.
„Моментално развиваме стратегии и дискутираме начини за долгорочно решавање на ваквиот системски проблем. Конкретните механизми и начини на дејствување ќе бидат конкретизирани наскоро“, најавува Студентската правобранителка.
Постоловска не се согласува дека студентските тела не се доволно видливи за студентите и посочува дека ваквите инструменти кои се во служба на студентите, се утврдени со Законот за високо образование донесен во 2018 година.
„Секој посветен студент и одговорен академски граѓанин треба да го познава законот, како и правата кои му ги доделува истиот. Функцијата на ‘Студентски правобранител’ не е функција која треба да се актуелизира маркетиншки, и за истата да добие валидација, тој што ја извршува треба целосно да се заложи за подобрување на лишената системност во рамки на Академијата. Имајќи предвид дека Законот за високо образование е мошне млад, сметам дека за стекнување доверба и препознатливост на функциите утврдени со тој закон треба време и многу работа“, вели таа.
Таа ги охрабри сите студенти да пријавуваат случаи на вознемирувања без страв, порачувајќи дека студентите треба да се гласот на едно општество.
„Доколку тие скромно се повлечат, водени од лични убедувања дека гласното дејствување нема да вроди со плод, стравот и неизвесноста уште подлабоко се вкоренуваат во академската заедница. Ги охрабрувам сите студенти да се одважат и да ми пристапат во ситуации на обесправување, како би се избориле против застарените системи и идеали на Академијата заедно“, вели Постоловска.
Сексуалното вознемирување табу-тема во јавниот дискурс
Иако истражувањето се спроведувало со загарантирана анонимност, самата тема поттикнала загриженост кај испитаниците во однос на поврзување со идентитетот на студентите и професорите, при што дел од нив одбивале да одговорат или пак, давале социјално пожелни одговори.
Милеска објаснува дека при спроведувањето на истражувањето имале неколку ограничувања. Таа објаснува дека собирањето на прашалниците се одвивало во период кога студентите сè уште имаа онлајн настава, што не им овозможило директен пристап до нив.
„Понатаму, во неколку наврати каде се обидовме да пријдеме на студентите со физички копии од прашалниците, често бевме сретнати со потсмев и отпор за пополнување на истите. Ова се должи пред сè на стигматизацијата и дополнително на релативизација на темата. Моето лично мислење е дека сексуалното вознемирување е присутно во нашето општество уште од најмала возраст, и не се адресира соодветно, што придонесува кон нормализирање на формите на сексуално вознемирување. Па така сексуалното вознемирување, иако сеприсутно во нашето општество станува табу тема, која при секој обид за поттикнување дискусија наидува на потсмев“, смета Милеска.
Според Темелковски пак, на овие теми конечно треба да почне да се зборува јавно, бидеќи како што вели, колку повеќе се зборува јавно, толку поголем ќе биде стравот кај професорите да покренат и прават вакви работи, а и студентите ќе научат полесно да ги препознаваат формите на сексуално вознемирување.
Во тој контекст, Темелковски вели дека Универзитетското студентско собрание е во директна комуникација со Ректоратот, и моментално врз основа на податоците од истражувањето, во тек е изработка на посебна брошура каде овие наоди ќе бидат земени во предвид.
Тој објаснува дека истата брошура ќе биде поделена до сите професори од УКИМ каде што јасно ќе бидат пропишани сите проблеми и последиците кои што би следеле доколку не се следат пропишаните правила.
Дополнително, Темелковски најави организација на поголем број панел дискусии и тркалезни маси со ректоратот, со цел да се поттикне јавно дискутирање на оваа тема, а каде ќе ги охрабрат сите студенти да присуствуваат и да дискутираат.
Од резултатите од истражувањето произлегоа и препораки со цел да се изнајде решение за сексуалното вознемирување. Па така, се предлага да се создаде и усвои јасно дефиниран самостоен документ за политика на нулта толеранција на сексуално вознемирување и насилство на УКИМ, каде јасно ќе бидат дефинирани сите форми на сексуално вознемирување и насилство и ќе се воведат ефективни процедури за справување со жалбите, како и наметнување санкции за престапниците.
Понатаму, се предлага да се креира функционално и транспарентно тело како механизам за пријавување сексуално вознемирување и заштита на жртвите од сексуално вознемирување. Ваквото тело, да вклучува обезбедување поддршка и заштитни мерки за подносителот на жалбата, кризно советување, психолошко советување, итни медицински услуги, пара-правни совети, како и мерки за ублажување на влијанието на сексуалното вознемирување на подносителот на жалбата.
И како последна препорака, во делот на едукација, се предлага креирање на добро воспоставени програми за обука на вработените и студентите на УКИМ.
Милеска, една од авторите на истражувањето сепак е децидна дека за справување со овој проблем не може да се имплементира само една од препораките, туку решението вели дека доаѓа со адресирање на проблемот на различни нивоа истовремено.
Авторка: Љубица Иванова