Ревидирање на повеќе политики, закони и стратегии за спортот и во нив да се вклучи родовата перспектива. Признанијата за успесите на жените во спортот да се зголемат, а финансиските приходи да се изедначат. Медиумите да користат родово сензитивен јазик и да има повеќе мерки за превенција и заштита од родово базирана дискриминација и родово и сексуално вознемирување.
Ова се дел од препораките на анализата „Родова еднаквост во спортот во Северна Македонија“ изработена од UN Women. Главната истражувачка и авторка на анализата, Магдалена Спасовска, за ПИНА вели дека ова е прва анализа од ваков карактер.
Спасовска објаснува дека во процесот на изработка се соочиле со сериозен недостаток на статистички и институционални податоци за родовата еднаквост во спортот, и учеството на жените и мажите во различни спортски активности во Македонија.
„Јавните институции или немаат релевантни податоци, или податоците не се класифицирани според родовата проблематика. Релевантните спортски институции, клубови, федерации, исто така, немаат доволно релевантни информации за родовите прашања во нивните соодветни области, а недостасуваат и јавно достапни и релевантни истражувања на темата на родовата еднаквост и предизвиците во областа на спортот во земјата, како и официјални статистички податоци за спортот“, образложува таа.

Како еден од предизвиците, Спасовска го издвојува и општиот недостаток на родова сензитивност заради доминантниот наратив во општеството дека повеќето спортови се „машки“. Според неа, ова културно-вкоренето уверување оди до таму што дури и значителен број спортистки не ги препознаваат доволно родово базираните препреки и предрасуди.
Главните наоди во однос на законската рамка, според Спасовска, се тоа што законите и подзаконските акти што се однесуваат на спортот не се родово сензитивни.
„Се чини, родовата перспектива воопшто не е земена предвид од страна на законодавецот при креирањето на законите. Во однос на учество на жените и девојките во спортот, ограничувањата на пристап на девојчињата до спорт и рекреативни активности се видливи уште од најмлада возраст“, вели Спасовска.
Според достапните статистички податоци, посочени во анализата, учеството на девојчињата во спортски активности е значително помало од она на момчињата на возраст од 15 до 29 години, односно само 36.6% од девојчињата се активни наспроти 63.4% од момчињата.
„Кога е олку мала застапеноста на девојчињата во спортските активности, тогаш не може да очекуваме дека нивната застапеност ќе биде поголема подоцна во текот на нивното растење. Со тоа, во старт е значително помал бројот на девојки и жени во спортот, и следствено на девојки и жени на одлучувачките позиции во спортот. Повторно, да ги нагласиме и вкоренетите родови предрасуди кои придонесуваат и кон помалата застапеност на жените во одлучувачки позиции и позиција тренер дури и во женските категории“, вели таа.
Во анализата се наведува и дека родово базираното насилство во спортот е сериозен проблем за кој не само што малку се говори во јавноста, туку, дека отсуствуваат и институционални механизми за негова превенција. Дополнително, во неа се додава дека целосно отсуствуваат и механизмите за поддршка и заштита на жртвите од родово базирано насилство.
Како важни се посочени и медиумите кои имаат огромна и клучна улога во формирањето на јавната свест во општеството, но, кај нив се вели дека целосно отсуствува родовата сензитивност, или таа е исклучително ретка.
Спасовска објаснува дека во однос на нив, потребна е поголема медиумска писменост и подобрување на новинарските стандарди, но и обука и активности за подигање на свеста за спортските новинари.
Анализата е од важно значење за сите кои се залагаат за позитивни промени за спортот во женска категорија, смета претседателката на Комисијата за родова еднаквост при Македонскиот олимписки комитет, Силвија Митевска. Според неа, анализата дава сеопфатена контекст и пресек на состојбата со родово-базираната дискриминација.
Таа смета дека спортот е маргинализиран и нееднакво вклучен или целосно исклучен од општествената дебата, а притоа, како што вели, е важен дел од секое прогресивно и развиено општество.

„Затоа, потребни ни се дебати, дискусии и координативен пристап од спортскиот сектор и националните власти за да иницираме системски промени кои ќе ја надминат сегашната неповолна состојба со нееднаквоста во спортот. Оваа анализа треба да го иницира и забрза процесот на консултации и иницијативи за промени“, вели Митевска.
Повеќе жени во спортот водат кон балансиран спортски сектор
Според анализата, корените на проблемите со родовата еднаквост и застапеноста на жените во спортот, освен во широко распространетите патријархални и традиционални ставови во општеството, можат да се лоцираат и на други места. Во анализата се наведува дека корените на проблемите се и во спортските клубови, федерации, како и во недостигот на политики со кои ќе се поддржат жените во спортот и ќе им се дадат можности за нивно поголемо вклучување во спортските институции во државата.
Авторката на анализата, Спасовска, вели дека се потребни повеќе активности, а треба да се ревидираат и повеќе политики, закони и стратегии за спортот и во нив да се вклучи родовата перспектива.
„Спортските установи мора да се обврзат да има одреден процент жени во својот извршен одбор или менаџерски тим, да има женски тим и генерално да нуди можности и жените да се занимаваат со одреден спорт“, вели таа.
Покрај потребата од соодветно спроведување на стратегиите, законите и другите прописи за родова еднаквост, Спасовска како неопходни ги издвојува и повисоките професионални стандарди за вработените во јавните институции и во спортските федерации.
„Од особена важност е да постојат истражувања за различни аспекти на спортот кои се засновани на докази и достапни за широката јавност. Во Северна Македонија, поради недостигот на податоци и недостигот на важни истражувања на темата родова еднаквост во спортот, тешко е да се креираат политики засновани на докази“, вели таа.
Друга област што е потребно да се подобри, според Спасовска, е и зголемување на признанијата за спортистките и за успесите на жените во спортот. Дополнително, таа посочува дека е пожелно да има и повеќе стипендии за жени во спортот и финансиска помош за спортски клубови што сакаат да почнат да работат со женски тимови.
„Поголемиот дел од учесничките во интервјуата укажаа дека треба да се изедначат финансиските приходи на мажите и на жените во спортот, а особено одредбите за породилно отсуство. На крај, од исклучителна важност е воведување мерки за превенција и заштита од родово базирана дискриминација и родово и сексуално вознемирување“, набројува таа.
Претседателката на Комисијата за родова еднаквост при Македонскиот олимписки комитет, Митевска, вели дека државата треба итно да преземе иницијативи, односно да ги следи препораките опфатени во анализата.
„По пример на останатите ЕУ држави каде постои политика на позитивна дискриминација, особено во делот на родова застапеност во процеси на одлучување, и кај нас треба да се воведат задолжителни критериуми за исполнување од страна на националните спортски федерации при побарување на државно финансирање на нивните годишни програми“, вели таа.
Според Митевска, потребно е да се работи на градење капацитети на спортските субјекти со цел оваа трансформација да не биде само формална и на хартија, туку, да поттикне реални промени и да понуди еднаков пристап и можности за жените во спортскиот сектор.
„Кај нас мажите ја имаат монополизирано моќта на националните спортски федерации, околу 90% се раководени од мажи, оттаму, потребно е воведување на системски промени во политиките на спортските субјекти, и секако, напори за подигнување на општествената свест дека спортот треба да биде подеднакво инклузивен и за момчиња, и девојчиња“, смета Митевска.
Анализата заклучува дека спортот е тема што добива сѐ повеќе внимание на глобално ниво. Се препознава дека спортот и спортските активности се од повеќе аспекти корисни за здравјето и за благосостојбата на луѓето, како и на општеството во целина, и оттаму, во неа стои дека еднаквиот пристап и можности за сите во спортот се од голема корист за општеството, бизнисите и за луѓето.
Авторка: Ангела Рајчевска