Над 53 проценти од новинарките кажале дека се соочиле со дискриминација на родова основа, додека дури 27,8% кажале дека при работењето се соочиле со несоодветни прашања, како на пример дали планираат да имаат деца, што директно ги дискриминира за работното место, покажува последната анкета на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници правена помеѓу жените во медиумите.
Според последната публикација на новинарскиот синдикат ,,Работничките права и безбедноста на жените во медиумите“, новинарките и медиумските работнички во Македонија се соочуваат со низа на проблеми и предизвици во текот на нивната работа. Несоодветни прашања на интервјуто за работа, дискриминација на работното место, напади и закани при извршувањето на работните задачи, побавно напредување, дискриминацијата на родова основа, онлајн вознемирување… се само дел од пречките со кои жените во медиумите се среќаваат при секојдневното известување.
За жал коментарите на родова основа се секојдневие и помеѓу публиката која ги следи нивните прилози.
„Новинарката да си ја исчешла косата, а не да коментира дека градоначалникот не асфалтирал улици“, пишува повозрасен граѓанин на Фејсбук страницата на локална телевизија во Куманово.
Подолу се надоврзуваат коментари дека нејзе сè и пречело и не ги гледала успесите на локалната власт.
„Вакви коментари сè се почести, успевам да ги игнорирам, бидејќи не гледам причина да се расправам. Еднаш колегите пишуваа во моја одбрана, човекот е блокиран. Тоа не е крајно решение. И колегите од редакции работат на овие теми, но за нив нема коментари“, вели новинарката која го покрива североисточниот регион.
Новинарка од Вардарскиот регион пишувала за спортски настан, запазувајќи ги стандардите. Ѝ реагирала група млади, незадоволни од резултатот на нивната екипа.
„Ме навредуваа дека жена и тоа повозрасна не може да знае и да пишува за спортски настани. Коментарите беа недолични. Не пријавив, бидејќи веќе немам енергија да се расправам со нив“, рече новинарката која работи во локално радио.
Заканите и притисоците продолжуваат
Ова е само еден случаите на напад на социјалните мрежи. Новинарките биле нарекувани со погрдни имиња, омаловажувани дека жени не знаат да работат. „Плавушо глупа“ и пишувале под текст на друга дописничка од полошко. Таа раскажува дека за тема за промена на ГУП-от имала неколку телефонски јавувања од локални моќници кои ја предупредувале да пишува „за убави работи“ и да не се меша во тема која не ја разбира.
„Темата беше за донесување нов ГУП. Ми се јави човек од градежниот сектор од градот и ми рече дека е подобро да пишувам за културни манифестации, како што и доликува на „убава“ жена. Се обидов да објаснам дека се опфатени сите мислења, вклучително и на градежните фирми преку соодветни претставници, но разговорот веќе беше во критична фаза и се повлеков“, изјави новинарката.
Таа не го пријавила јавувањето кај уредниците, бидејќи смета дека немало некоја закана, туку само обид за закана.
За жал ваквите примери на притисоци кон новинарките не се исклучок туку тренд кој трае од поодамна. Над 70 проценти од новинарките се соочиле со закани и притисоци поради нивната работа, додека дури 72% од нив сметаат дека безбедноста на новинарките во нашата земја не е на добро ниво, покажа последната анкета на ССНМ со фокус на новинарките.
Едно истражување на организацијата ПИНА покажа дека дури 81% од новинарките се соочиле со некакво онлајн вознемирување поради нивната работа, но многу мал број од нив пријавиле проблем во институциите или организациите, поради ниската доверба дека тоа ќе промени нешто.
Дискриминација при вработувањето
Новинарките велат дека и покрај нивното искуство и ангажман обично се платени помалку од нивните колеги кои работат на иста позиција. Кристина Озимец од организацијата ПИНА која преку Програмата за новинарки работи на подобрување на позицијата на жените во медиумите вели дека новинарките се жалат на родова дискриминација, надвор од редакцијата, поради нивната работа и во медиумите во однос на напредок во кариерата. На средбите кои тие ги организираат, новинарките укажуваат дека немаат исти можности за напредок за повисоките позиции и ускратени им се бенефициите и можностите.
„Загрижувачки се сведоштвата на новинарките кои планираат да станат мајки при интервјуа за работа, што директно укажува на родова дискриминација при вработувањето и нееднакви можности на жените во медиумите за напредок во кариерата. Во ПИНА преку Програмата за новинарки, колешки се жалат за онлајн малтретирање со кое редовно се соочуваат, притисоци поради нивната работа, ниските примања“, вели Озимец.
Новинарките ја препознаваат ама не ја пријавуваат дискриминацијата. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација нема податоци за поднесена претставка, но не ја исклучува во целина, бидејќи нема податоци за професијата на подносителите. Комисијата има добра пракса на утврдување на вознемирувачки говор на социјалните мрежи. Годишниот извештај за 2023 година покажува дека најчесто пријавуваната област за дискриминација се медиумите и јавното информирање.
„Во 2023 година Комисијата има добиено најмногу претставки во кои една од основите за дискриминација биле назначени полот или родот. Според извештајот во една петина од донесените мислења Комисијата утврдила дискриминација врз основа на пол и/или род, што најдобро ја покажува сензитивноста и капацитетите на КСЗД да препознае, утврди и препорача отстранување на родово базирана дискриминација“, вели Игор Јадровски од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Народниот правобранител речиси и да нема претставка пристигната од новинарките за дискриминација. Од институцијата сметаат дека законските надлежности согласно кои тие можат да дејствуваат само кон МРТВ, сервис кој се финансира од буџетски средства е ограничувачка.
Новинарките не пријавуваат дискриминација, бидејќи институциите се бавни во решавањето на случаите. Довербата на новинарките при пријавување на проблемите е на исклучително ниско ниво.
Комисијата ги повикува новинарките да пријават. Постапката е бесплатна, ефикасна и брза. Најдоцна 60 дена по поднесување на претставката Комисијата носи мислење. Претставката може да се поднесе и на е-пошта на Комисијата.
Според индексот на безбедност на новинарите за 2022 објавен на ЗНМ, таа година, само една новинарка пријавила до ЗНМ дека била жртва на вознемирување, напади или закани врз родова, иако како што е наведено во истражувањето „нивниот број е реално многу поголем“. За случаи на дискриминација на работно место можат да се обратат до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, но како што наведуваат во анализата, новинарките не ја користат можноста, од страв дека ќе трпат последици на работното место.
Здружувањето е клучно за новинарите да се охрабрат и да пријават, односно преку вмрежување да поттикнат решенија, да ги адресираат проблемите до институциите кои посериозно треба да ја сфатат пораката дека новинарките не смеат да бидат напаѓани, или вознемирувани бидејќи тоа не е само напад врз нив, туку напад и врз правото на граѓаните да бидат информирани објективно.
Авторка: Александра Максимовска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА