Почетна Анализи (Фото) Со два јавни тоалети, Град Скопје се стреми кон европски стандарди

(Фото) Со два јавни тоалети, Град Скопје се стреми кон европски стандарди

0
115
Тоалетот во Градски парк Скопје | Фото: ПИНА

Два делумно функционални јавни тоалети под надлежност на Град Скопје лоцирани еден под мостот „Гоце Делчев“ и еден во Градскиот парк, го задоволуваат градот со скоро 530.000 жители. Според она што го затекнавме на терен, тие се во ужасна состојба.

За нивно одржување е задолжено ЈП „Паркови и Зеленило“ и оттаму велат дека тоалетите се во функција, а за нивно одржување е задолжено по едно вработено лице.

„Одржувањето и чистењето на јавните тоалети се врши секојдневно, во периодот од 07:00 до 15:00 часот, со употреба на хигиенски средства и вода,“ додаваат од претпријатието.

Тие потенцираат дека јавните тоалети не се опремени со сапун и тоалетна хартија, а најчестите проблеми во процесот на одржување се поврзани со староста и дотраеноста на објектите, како и фактот дека често доаѓа до запушување на одводите поради несовесно однесување на корисниците, како и до дефекти на чешмите. Дополнително, плочките се дотраени, делумно одлепени и оштетени.

Од Град Скопје побаравме информации колку финансиски средства годишно се издвојуваат за одржување на јавните тоалети, дали постои стратегија или план за подобрување на нивната состојба како и кога се планира поставувањето на нови јавни тоалети, но до објавувањето на текстот не добивме одговори.

Кликнете на фотографиите за да ја погледнете галеријата.

Бројни здравствени последици од нечисти тоалети

Прим. д-р спец. Љуљзиме Бајрами, раководител на Одделението за епидемиологија во Центарот за јавно здравје, посочува бројни здравствени последици од нечисти јавни тоалети како бактеријални и вирални инфекции, паразитарни инфекции, проблеми со дишните патишта од иритација на мукозата од лошата миризба, алергија или влошување на пациенти со проблеми од астма, како и контактни инфекции.

„Најзасегнати граѓани се децата бидејќи имаат послаб имунитет, повозрасни луѓе со хронични болести, бремени жени, луѓе со послаб имунитет и туристите кои не го познаваат местото,“ вели Бајрами за ПИНА.мк.

Таа нагласува дека хигиената на јавните тоалети е многу важна за еден град, бидејќи има директно влијание врз здравјето, хигиената, социјалниот комфорт и квалитетот на живот и туристичкиот аспект.

„Многу е важно да има функционални тоалети, бидејќи имаат директно влијание за превенција на заразни болести, се намалува проширување на бактерии, вируси и паразити, сите овие инфекции се поврзани со хигиена и миење раце во тие простории,“ истакнува Бајрами.

Невложување во мрежа на јавни тоалети, говори и за нашиот општ стандард и култура

Од платформата за македонска архитектура „МАРХ“ за ПИНА.мк велат дека јавните тоалети се многу значаен елемент како и се останато во еден вистински функционален град.

„Општата јавна култура и нашиот однос со заедничкиот простор се забележува низ повеќе сегменти како што е односот со урбаната опрема, сообраќајната култура, оддржувањето на зеленилото, третманот на отпад и чистотата на градот, а со тоа и општото здравје. Доколку не поседувате јавни тоалети, не можете да очекувате човек со итна потреба да не посегне по отворениот јавен простор да ја реализира итноста – тоа е просто потреба. Од тука, нашето невложување во мрежа на јавни тоалети, говори и за нашиот општ стандард и култура. Замислете во Токио, беа ангажирани најпознатите јапонски архитекти со светско реноме, да дизајнираат јавни тоалети – кои предизвикаа светско медиумско внимание,“ истакнуваат од платформата за македонска архитектура.

Тие потенцираат дека најпрво треба да се погрижиме за сопствените жители, бидејќи ова е нашиот дом, за кои и се планира градот, а потоа треба да размислиме каков впечаток оставаме на посетителите на овој град кои се секоја година се побројни и доаѓаат од сите страни на светот.

„Сликата на општата нехигиена, не може да говори добро за нас. Сликата е загрижувачка. Во центарот на градот не можете да поминете под Камениот Мост – симбол на Скопје, бидејќи мириса на урина,“ додаваат од „МАРХ“.

Решенија постојат, само треба јавен повик за идеи и нови решенија

Во однос на решенијата, тие сметаат дека мобилните тоалети треба да донесат брзо, привремено решение кое исто бара редовно и секојдневно оддржување, но доколку се за подолго, треба да се размисли за нивниот естетски и визуелен впечаток, а потоа и од функционален аспект – нивната удобност за користење.

„На долг рок, тие би требало да се преодно решение кон некое потрајно и оддржливо, но не значи целосно да се исклучат. Тие имаат свои вредности од аспект на мобилност и можност да се позиционираат во одреден дел во градот кога има поголема фреквенција на концерти, панаѓури, и јавни настани“, велат од платформата.

Тие посочуваат дека постојат различни решенија, но за Скопје треба да се направи сопствено и автентично решение, бидејќи Скопје е посебна проектантска задача.

„Треба да започнеме со анализа на постоечката инфраструктура, како на пример: Мостот Гоце Делчев, Градскиот Парк со две позиции во стариот и новиот дел итн. Потоа треба да се направи анализа на фреквентни точки и според урбанистичките прилики да се предвидат нови решенија,“ додаваат оттаму.

Според нив, некаде тоа ќе се нови објекти, некаде може да се размислува јавните тоалети да се во приземјето на новоизградени објекти, адаптација на постоечки објекти, некаде ќе бидат решение и мобилните тоалети. За сето ова е потребна анализа и јавен повик за идеи и нови решенија.

Предвидена реконструкција и изградба во програмата „Визија 2025–2045“

Јавните тоалети се опфатени во програмата „Визија 2025–2045“ на новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Во неа се предвидува реконструкција и изградба на јавни тоалети, но не е прецизирано кога ќе започне реализацијата.

Во рамките на програмата е проектот „Скопје – уредено, ускладено, убаво“, со посебен акцент на реконструкција и изградба на јавни тоалети, со современ стандард, квалитетно одржување и пристапност за сите категории граѓани.

Според програмата, тоалетите ќе бидат стратешки распоредени во зони со висока фреквенција на движење, туристички локации и јавни паркови.

Автор: Бојана Спасовска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА

 

ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.