Без финансиски мотивирани наставници, нема вонаставни активности за учениците

0
196

Заложбите за подобро утре на своите три деца ја одведоа 41-годишната Сашка И. од Крива Паланка во Германија. Самата е дипломиран педагог, но без ден искуство во просветителската дејност бидејќи со години ѝ барале партиска книшка за да почне со работа, за почеток, во некое подрачно училиште. 

– „Жално“ е преблаг збор за македонскиот систем. Иако со диплома, висок просек и уште поголема желба за работа со деца, гледаш пред очи како вработуваат кадри од штаб, со сомнителни квалификации, кои утре предаваат на твоите деца, а упорно ги форсираат „своите“, раскажува таа. 

Дали неквалитетното образование е една од многуте причините за сѐ помалиот број ученици во градовите во источна Македонија?

Што кога ваквите услови не оставаат простор за квалитетни воннаставни активности преку кои учениците се стекнуваат со важни и корисни животни вештини? 

Во истражувањето во рамки на Извештајот за воннаставни активности, се потврдува дека во повеќето училишта во земјава се нудат ограничен број на воннаставни активности како според видот, така и според содржините.

– Подолготрајните активности (какви што се секциите) повеќе се планираат отколку што се реализираат и тоа, главно, без строго почитување на планираното. Наставниците се согласни дека ваквите воннаставни активности се корисни за учениците, но како главна пречка за нивната реализација го наведуваат недостатокот од материјални, односно финансиски средства, се наведува во истражувањето. 

Од училиштата се бранат дека имаат повеќестрани воннаставни активности, но како пречки за нивна реализација се наведуваат слабиот интерес на учениците, но и наставниците кои кога би биле повеќе платени би биле и повеќе мотивирани за дополнителна работа. Велат дека родителите, на некој начин, повеќе доверба имаат кога ќе се платат дополнителни часови на приватно. 

Важни за развојот на учениците

Експертите, пак, сметаат дека воннаставните активности се многу важни и дека не е дозволиво тие да бидат занемарени и остабени на стихијно организирање.

– Дефинитивно се согласувам дека воннаставните активности се корисни за учениците, но како главна пречка за нивната реализација би можеле да се споменат недостатокот од материјални и финансиски средства, смета Катерина Ковачевска, магистер по менаџмент во образование. 

Вели дека воспитанието и образованието на учениците во основните и средните училишта не може да ги оствари своите цели само во рамките на редовните наставни часови. Затоа во училиштето постојат низа активности кои ce организираат во слободното време на учениците, a сепак во рамките на училиштето. 

– Тоа ce воннаставните активности. За таа цел покрај редовната настава во училиштата потребно е пред почетокот на учебната година да ce испланираат и останатите активности во училиштето меѓу кои ce и воннаставните активности. Задолжителното работно време на наставниците во текот на работната недела опфаќа и реализирање на воннаставни активности во зависност од потребите и интересите на учениците, објаснува Ковачевска. 

Таа додава дека работата на наставниците покрај тоа што ce оценува преку следење на наставата, следење на воспитно-образовната работа, следење на дидактичко-методскиот квалитет на наставните часови, квалитетот на проверување и оценување, исполнување на програмските обврски, „ce оценува и преку следење на воспитно- образовната работа во воннаставните активности“. 

Родители од Крива Паланка со кои поразговаравме велат дека можностите за нивните деца се ограничени.

– Точно е дека има спортски активности и за нив плаќаме симболична сума. Но, во однос на воннаставните активности нема многу избор. На пример, на времето имавме секции после училишните часови кои беа бесплатни, а денес мора да плаќаме дополнителни часови по јазици, математика, информатика…Танц, глума нема, пливањето е „научна фантастика“, споделува една мајка од Крива Паланка.

Во иста насока е приказната на Сашка чии деца тргнале во основно образование во родниот град, Крива Паланка, но по неколку години целото семејство се преселува во Германија. 

– Сопругот имаше стабилна работа во Крива Паланка. Станбено бевме обезбедени. Во нашиот случај пресуден беше револтот од системот, а кај мене како мајка пресуди „хаосот“ во образованието. Несомнено сите сакаат најдобро за своите деца, но не сите се подготвени да ризикуваат за таков чекор, отворено споделува нашата соговорничка. 

Бројот на ученици во основното образование во Крива Паланка се намалува од година во година. Во учебната 2020/21 имало 162 првачиња, во учебна 2021/22 – 147 и 130 во тековната учебна 2022/23 година. Слична е опаѓачката статистика и во Кратово, Пробиштип, Делчево…

Очигледно е дека квалитетот на образованието, но и дополнителните активности остануваат проблеми за родителите за кои тешко, освен со иселување се наоѓа решение. 

– Се фаќаат врски за кај квалитетните учителки. Иако декларативно образованието е бесплатно, имаме многу трошоци околу училиштето, а дополнително се плаќаат курсеви, дополнителни часови, приватни часови на логопед бидејќи нема на државно… Знам дека и психолошките стручни служби не се многу ажурни кога станува збор за деца од дисфункционални семејства, па така „чарето“ се бара на приватно во Скопје, вели Сашка. 

Во Германија нејзините деца одат на бесплатно пливање, бесплатен курс по германски јазик, редовно се дел од кампувања во рамки на училишните програми, а во улиштата им е обезбедена здрава ужина. 

Во погореспоменатото истражување се нотира и дека при планирањето и реализирањето на воннаставните активности ретко се зема предвид интересот на учениците, а родителите речиси и да не се вклучени во процесот на одлучување. 

Во последните десетина години и покрај големиот број, пред се методички, но и содржински промени, не е посветено посебно внимание на воннаставните активности, како од аспект на испитување на состојбите, така и од аспект на систематично унапредување на нивната реализација, пишува во истражувањето. 

Префрлање на вината

Од Министерството за образование и наука без конкретен одговор дали има посебен буџет за воннаставните активности во основните училишта. 

Велат, согласно Законот за образование, воннаставните активности ги организира самото училиште, а училиштата може да обезбедуваат средства и од општините. 

– Во однос на буџетирањето за воннаставните активности, училиштата можат да добиваат средства од буџетите на општините. За воннаставните активности училиштата, може да се стекнуват со средства за финансирање од учество на проекти, доброволни прилози, донации, подароци (во пари, добра, имотни права), завештанија и легати, го цитираат од МОН Законот за образование. 

Од локалната самоуправа на Крива Паланка, пак, кусо велат дека не издвојуваат средства за воннаставни активности за двете основни училишта на подрачјето на општината. 

– За секое запишано прваче има предвидено по 3.000 денари за учебната 2022/23 и истите се исплатени на првачињата, а исто така и оваа учебна година на секое запишано прваче ќе се исплати оваа сума. Има и стипендии за ученици спортисти од основно образование и средно образование и стипендии за талентирани ученици средношколци, појаснуваат од општината. 

Приказната за семејството на Сашка е една од многуте кои во трката за подобро образование, но истовремено и квалитетно детство масовно се иселуваат најчесто во Германија, но и во Словенија.

Словенија e уникатен пример бидејќи има посебна државна јавна институција – Центар за воннаставни активности која е задолжена за организирање вонучилишни активности поврзани со стекнување на знаења, обуки за истражувачка работа и активности од културата за младите.Центарот располага со сопствени просторни и кадровски капацитети за реализација на активностите и опфатот на ученици со ваквиот тип активности во оваа земја е на многу високо ниво поради добрите програми.

За разлика оттаму, кај нас како по правило институциите си ја префрлаат вината од една на друга, а родителите се чини не чекаат…

 – Моите деца тука во Германија се почувствуваа слободни и прифатени во околината, децидна е кривопаланчанката Сашка нагласувајќи дека можеби и самото „здраво општество“ си го направило своето, па така врсниците на нејзините деца се насмеани и дружељубиви.

Авторка: Христина Николовска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА