Насер Зибери: Извештајот кој го презeнтиравме не е добар за земја која преферира да стане дел од ЕУ

0
132
фото: ПИНА

Сериозни кршења на човековите права се утврдени во последниот извештај за 2022 година на Народниот правобранител, кој беше презентиран минатиот месец.

Во однос на резултатите, Народниот правобранителот Насер Зибери во разговор за ПИНА истакна дека овој извештај го користи и Стејт департментот на САД, но и Комитетот против тортура на Советот на Европа кој собраните извештаи ги проследува како директна препорака кон Европската комисија и исполнување на стандардите на земјите кои преферираат да станат членки на Европската унија.

Затоа Народниот правобранителот испрати апел до надлежните да ги земат предвид препораките кои произлегуваат од извештајот.

Во продолжение, проследете го целосното интервју со Народниот правобранител Насер Зибери.

Последниот извештај за состојбите во полициските станици, затворите и психијатриските болници покажа поразувачки резултати. Утврдени се сериозни повреди на човековите права, каков е вашиот став како Правобранител по однос на ова?

Генерално, Извештајот покажа дека препораките на Народниот правобранител и националниот превентивен механизам не се почитуваат и се покажа дека констатираните состојби од претходните години ни се повторуваат и во Извештајот од 2022 година. Кога се работи за затворите, останува општата констатација дека условите во затворите не ги исполнуваат стандардите. Тука ќе го издвојат затворот Идризово како посебен проблем каде што ова прашање е поизразено, останува, исто така и претходната констатација дека процесот на ресоцијализација на затворениците на улиците и се упатуваат на издржување казна затвор. Ресоцијализацијата отсуствува, а некаде воопшто не се изведува и тоа е посебен проблем затоа што не можете да очекувате остварување на целта од изрекување казна доколку нема процес на ресоцијализација и тоа е директно поврзано со степенот на повратници во казнените објекти. Трет проблем, кога се во прашање затворите е прекубројноста која последните години е сѐ поизразена и мојот впечаток е дека нашите апели за подобрување и проширување на капацитетите не постигнуваат доволен ефект, но истовремено и неискористување на мерките кои непосредно би влијаеле на намалување на приливот на лица во овие установи.

Слични се констатациите и наодите од посетата во полициските станици, а таму три прашања се поизразени, прво неуредните простори во кои се изведуваат активностите, а активностите се приведување и задржување на лицата. Несоодветни простории за самите вработени во полициските станици, непостоење на посебни простории во некои полициски станици за приведување и водење на разговори со приведени, непостоењето на видео и аудио надзор. Понатаму, често наоѓавме полициски станици без ни едно моторно возило што директно ги спречува во постапката на приведување, одведување во полициските станици.

И секако најболната точка во мандатот на нашето мониторирање се психијатриските болници, односно посебните затворски одделенија во овие болници, во Скопје и во Демир Хисар. Ние кога ги посетуваме овие установи, се разбира предмет на надзор ни се сместените лица, лицата кои се казнувани, но заради нивната психичка состојба се упатуваат во овие болници на лекување, но и задржување, ама се разбира, ние водиме разговор со персоналот, а персоналот во психијатриските болници во Скопје и Демир Хисар посебно се жали на неколку околности, а тоа е дека работните услови, односно просторите се крајно нехумани, особено во Демир Хисар. Второ, како резултат на отсуство на затворска полиција, односно чуварите на редот се изложени на опасности од ризик од самите лица кои се сместени, а кои се осудени за кривични дела, честопати за тешки кривични дела, а кога на тоа ќе се додаде и фактот дека нивното психичко здравје е доведено во прашање опасноста при третман на овие лица е од голем ризик и неретко вработените во овие установи се жртви на насилство од пациентите. И во третманот, а особено во постапката за давање терапија.

Какви препораките упативте и до кои институции?

Конкретно за затворските одделенија за психијатриските болници во Демир Хисар, ние костатиравме дека таму се присутни средства кои се недозволиви за кои се разбира персоналот таму тврди дека не ги користи, но како такви тие се забранети да ги има во тие установи. Тоа се синџири, катанци, еден кабел кој можеше да служи како средство за вршење тортура и наша препорака беше дека тие средства веднаш треба да се тргнат и не смеат да бидат присутни во тие простории во кои се сместени овие лица.

Препорака до Министерството за здравство беше да се зголеми бројот на персонал, бидејќи особено во попладневните часови таму дежура по една медицинска сестра или едно лице што е крајно недоволно. Препорака до Управата за извршување санкции дека во овие установи мора да има затворска полиција, која ќе се грижи за безбедноста и на лицата кои издржуваат казна, но и на персоналот кој се грижи за нив. Препораки во тој дел се и подигнување на условите на тие болници за кои реков дека не се подобри ниту во болницата во Скопје – Бардовци, но особено во Демир Хисар. И кон Министерството за внатрешни работи има препораки, бидејќи доста надлежности има и оваа институција, кон Министерството за здравство во делот на здравствената заштита, но и Управата која предмалку ја споменав.

фото: ПИНА

Дали некои од нив можеби веќе се прифатени и дали имате забележано одредени подобрувања по однос на вашите препораки?

Дел од минатиот извештај кој беше посветен на делот на процесот на ресоцијализација, сместување на малолетничките, девојчиња кои се упатуваат на издржување на воспитно – поправна мерка се прифатија, да речеме со предлогот на измени на Закон за извршување санции, веќе затворот Идризово нема да биде установа каде ќе можат да се сместат девојчињата кои се упатени на издржување на издржување на воспитно – поправна мерка и тоа е за поздравување. За поздравување е и обидот да се зголеми бројот на затворската полиција која недостасува во сите затвори, поалармантна е состојбата во затворите во Битола и во Скопје и како резултат на отсуство на затворската полиција и персоналот, Владата минатиот месец беше принудена да прогласи кризна состојба на тоа подрачје, и да се упати на испомош полицијата и армијата, од нашите сугестии беше токму тоа. Ние имавме наоди дека во одделни крила на затворските одделенија еден затворски полицаец чува 50 затвореници, што е недозволиво, првенствено поради доведување во ризик на затворениците со оглед дека се јавуваат меѓусебни тепачки, но и безбедноста на самите припадници на затворската полиција. Но, по повод актуелниот извештај сѐ уште немаме повратни информации.

Каква била состојбата во минатото, дали е влошена состојбата?

Состојбата добра не била никогаш, но има една разлика што степенот на сензитивитетот и чувствата и на затворениците, но и на институциите кои се грижат за состојбата во затворите, односно свеста е многу поголема, тоа е прво. Второ е дека има зголемување на популацијата во затворите, во последните 3-4 години нагло се зголемува, и како резултат на фактот дека недоволно се искористуваат законските можности за изрекување на алтернативните мерки и затворската казна притвор се применува пречесто од страна на судовите, но и од фактот што конкретно најзагрозениот затвор Идризово, во одделни крила се изведуваат активности на реновирање и оддржување. И сега ако сакате едно крило да го ослободите за да можете да изведувате градежни активности, тие лица треба да се сместат на друго место, и неретко тие лица честопати се сместуваат на под, во ходници, во крајно загрозувачки и нехумани услови.

Каква е состојбата во другите земји, од регионот, но и од светот, што покажуваат извештаите од таму, и како се споредува Македонија со нив? Но, и дополнително, кои од позитивните пракси можат да се применат во Македонија за надминување на лошите состојби?

Позитивна пракса е примената на инструментот алки, за дел од лицата кои се упатени на издржување казна затвор за дела кои не претставуваат посебен општествен ризик. Значи, осудениците, години, две, три ќе можат казната да ја издржуваат надвор од законите, а системот на алки преку софтверскиот систем може да ги следи дали се почитува мерката, да не стои полицаец преку куќата, тие автоматски би биле следени од институцијата и да се растеретуваат трошоците и бројот на затворската популација.

Второ изрекување на алтернативни мерки општокорисна работа и други меки кои ги предвидува нашето Кривично законодавство, иако морам да кажам дека од кога се воведени овие алтернативни мерки има тренд на пораст, неколкукратно е зголемен бројот на изречени вакви мерки од страна на судовите, но реaлната бројка е далеку од можностите кои ги дава нашата законска регулатива. За мене е неразбирливо како може и после ако не грешам, пет години откако се добиени алките тие се донации од странски донтари, државата не ги применува со образложение дека сѐ уште немаме компјутерски уреди и софтвер за следење на системот на алки, тоа е недозволиво.

Потоа зголемувањето на бројот на вработени како во делот на затворската полиција, така и во делот на здравствениот персонал, и по мое убедување тоа треба да се врати во надлежност на Управата за извршување на санкции, бидејќи сега се префрла топката меѓу Управата за извршување санкци и Министерството за здравство. И зголемување на другиот затворски персонал кој ќе биде ангажиран во областа на процесот на ресоцијализација. Се разбира дека финансиските средства се клучен елемент, Стратегијата за развој на пенитенцијарниот систем која ја донесе Владата сѐ уште е во процес на обработување, нејзините финални ефекти уште не се гледаат.

Развојот на мрежата на казнено – поправните установи сѐ уште не одговара и тука посебен проблем од аспект на човекови права, јас нели зборувам од гледна точка на Народен правобранител, а тоа е проблемот кој е воочен во однос на женската популација. Затвореничките се дискриминирани по неколку основи, се разбира во казнено – поправната установа Идризово, бидејќи ние друг затвор каде се сместува женската популација немаме. Целата држава има дваесетина казнено – поправни установи, а само Идризово е место каде се упатуваат жените. Тоа прво ги лиши од можноста да имаат посети, контакти со семејствата, второ затворот во Скопје нема соодветни можности за процесот на ресоцијализација да се одвива соодветно и лишени се од правата и подобностите кои ги нуди законот.

фото: ПИНА

Кои ќе бидат следните активности на Народниот правобранител по однос на проблемите кои беа посочени со последниот извештај?

Наша констатација е дека и во делот на заштитата, но и во делот на националниот превентивен механизам е дека државата мора, а сега е како што спомнав во постапка измената на Законот за извршување на санкции, да се направат измени на мрежата на установи каде што се издржува казна од страна на женската популација, бидејќи се доведуват под дискриминација овие лица и утре можеме да имаме постапки пред судот во Стразбур за повреда на нивните права и тие ќе бидат поткрепени и со наши извештаи и со извештаи на Комисијата за спречување дискриминација. Наш ангажман во иднина ќе биде следењето на подобрување на условите во психијатриските болници, односно затворските одделенија, таму мора да се подобри состојбата, бидејќи честите инциденти, користењето на дрога и други супстанци, малиот број на персонал се доведуваат во опасност и штитениците и персоналот. Сликите кои циркулираа по социјалните мрежи каде се тепа затвореник таму и обидите на службите тоа да го спречат се крајно опасни и недозволиви и државата мора да преземе мерки и на тој план.

Оттука, посебен фокус ќе имаме на следење на установите, со цел да видиме дали ќе има напредок. Видете, нашите извештаи ги користат од Стејт департментот на САД кога го изготвуваат годишниот извештај за состојбата со човековите права во светот, вклучувајќи ја и состојбата во Македонија. Шеесет отсто од тие извештаите на Стејт департментот се засноваат на наодите на годишниот извештај на Народниот правобранител.

Од Комитетот против тортура на Советот на Европа кое е надлежно тело за мониторирање на земјите како постапуваат во процесот на спречување на тортурата и годинава после септември најави посета во земјава, и нема да биде така комотна Владата и и институциите, доколку наодите се поклопат. Зошто го велам тоа, ова го велам, бидејќи извештајот на овој Комитет на Советот на Европа оди како директна препорака кон Европската комисија и исполнување на стандардите на земјите кои преферираат да станат членки на Европската Унија.

Авторка: Симона Србиноска