
Пандемијата на корона вирусот и глобалната економска криза имаа големо влијание не само на здравството, образованието и туризмот туку и на културата, па недостатокот на финансии влијаеше врз кратење на буџетот на традиционални фестивали како и продукцијата на содржини. Буџетот за финансирање проекти од национален интерес во културата е намален за речиси 5 милиони евра од лани.
Според Тони Димков, новинар од областа на културата и уредник на прилогот „Културен печат“ во весникот „Слободен печат“ најголем процент од средствата стигнуваат на вистинското место, но најчесто се премалку за целосна реализација на проектот.
„Големиот број апликанти на Конкурсот на Министерството за култура, ограничениот буџет за поддршка на сите селектирани проекти и можноста само еднаш годишно да се аплицира со еден проект го создава револтот кај учесниците на Конкурсот, независно дали нивните проекти биле прифатени или одбиени,“ вели Димков за ПИНА.
Од Министерство за култура за ПИНА велат дека дадена е поддршка на голем број проекти и значајни манифестации кои имаат голема традиција и богати програмски содржини кои го одразуваат националниот интерес во културата.
„Станува збор за проекти од јавен интерес, кои ги промовираат достигнувањата на нашите уметници и вредностите на домашното творештво и културно наследство, што е и една од нашите цели. Комисиите кои одлучуваа во врска со пријавите по дејности во 2023 година, останаа доследни на принципите: квалитет на проектите, нивното значење за јавниот интерес во културата, нивната релевантност за потребите на граѓаните, поддршка на младите и стимулирање на нивната креативност, поддршка на проекти наменети за деца, поддршка на културите на етничките заедници, поддршка на проекти за ранливите и маргинализираните, како и принципот на родова еднаквост,“ велат од Министерството за култура.
Општина Штип втора година по ред самостојно ќе го финансира и организира фестивалот Макфест
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов не го криеше своето незадоволство, па за ПИНА потенцираше дека две години по ред, Министерството за култура се обидува да го згасне и уништи најреномираниот фестивал за забавни мелодии во Македонија.
„Општина Штип и оваа година се откажа од одобрените средства од Министерството за култура, наменети за одржување на 38-то издание на реномираниот фестивал на забавна музика Макфест. Буџетот кој што е предвиден од страна на Министерството за култура за манифестации и настани оваа година е во износ од 760 милиони денари, а за Макфест, најпопуларниот и единствениот македонски фестивал, се предвидени срамни 400 000 денари,“ потенцираше Јорданов.
Од Општина Штип изјавија дека организацијата на фестивалот чини околу 6 милиони денари, колку што и во минатото ресорното министерство одвојуваше средства.
„Општината и годинава од сопствениот буџет, со помош на општествено одговорни компании и спонзори ќе обезбеди финансии за да не дозволи да згасне брендот на градот Штип и на македонската забавна мелодија. Без оглед на политичките игри, градот под Исарот и оваа година ќе биде домаќин на фестивалот кој е еден од главните „столбови“ на македонската музичка сцена наназад низ годините, а така ќе биде уште долги години,“ истакнуваат од Општината за ПИНА.
Од друга страна пак, од Министерство за култура за „Макфест“, велат дека квалитетот на фестивалот опаѓа.
„Конкретно за оваа година, стручната комисија веќе нагласи дека овој фестивал во минатото важеше за угледен настан кој се изведуваше целосно во живо. Сепак, оценка е дека низ годините опадна изведувачкиот и авторскиот квалитет на манифестацијата. Според комисијата е недозволиво фестивал со такво реноме да се изведува на матрица, а не со жива инструментална изведба во полн оркестарски капацитет,“ додаваат од Министерство за култура.
Културата во сенка на политиката
Според Димков, тие што ја имаат моќта на одлучувањето во свои раце со два прста од едната рака можат да срушат културни вредности што се создавани со години или со децении наназад.
„И во претходниот систем политиката имаше одлучувачка и доминантна функција во општеството, но носителите на функциите не настојуваа секојдневно да бидат присутни во медиумите. Во суштина, беа популарни по вредностите што ги носеа со себе, а не по функцијата што ја извршуваа. Како потсетување, во тој период многу познати писатели, поети, сликари имаа раководни и одговорни функции на директори, амбасадори и општествени дејци. Транзицијата донесе многу политичари кои не се појавиле на културен настан ниту по службена должност. Нивната незаинтересираност за културата практично целата дејност ја туркаше во сенка на политичките случувања. Секојдневното продуцирање политички афери ги надминува креативните можности на културните дејци во државата. Но тоа не значи дека во културата ништо не се случува. Напротив, секојдневно има културни настани од различни области на уметноста, но информирањето за нив е на многу ниско ниво,“ оценува Димков.
Тој вели дека револтот не би можеле/смееле да го поврзуваме само со резултатите од Конкурсот, туку и со самиот систем на кој се распределуваат средствата.
„Политиката и тука ги има пикнато своите раце и често во комисиите членуваат личности врз основа на политички договор (коалиција). Уште поголем проблем е што на Конкурсот учествуваат сите национални установи, голем број продуценти на културни проекти и, речиси, сите уметници во државата, бидејќи тоа е единствената можност да добијат некакви (било какви) средства за реализација на своите проекти,“ вели Димков.
Од друга страна пак од Министерство за култура за ПИНА уверуваат дека во Комисијата се наоѓаат релевантни профили, истакнати во својата професија, но и дека распределбата на финансии е крајно коректна без никаква политичка дамка.
„Комисијата за музичка и музичко-сценска дејност која ги разгледуваше пријавите во оваа дејност за 2023 –та година беше составена од следните реномирани професионалци во оваа област: Александар Трајковски, претседател, како и Саша Евтимова, Славица Петровска Галиќ, Авни Кахали, Дритон Сулејмани, членови на комисијата. Напоменуваме дека сите детални информации, приоритети и критериуми се наведени во Пријавата за музичка и музичко-сценска дејност која сите апликанти ја пополнуваа при аплицирањето за проекти од национален интерес за 2023 година.Во извештаите на комисиите, евидентна беше нивната цел, во рамките на предвидениот буџет, да направат квалитетна и правична селекција, да ги поддржат манифестациите со подолга традиција, континуитет и докажано реноме, како и проекти кои во изминатите неколку години предизвикале поголем интерес и внимание кај публиката. Тоа беше и цел и очекување од годинашниот конкурс“, истакнуваат од Министерството за култура.
Автор: Виктор Вукановски
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА