Преку апликацијата „СтопКорона“ се’ уште не е откриен случај на корона вирус

0
6370

Мобилната апликација која Министерството за информатичко општество и администрација и Владата ја промовираа како една од главните алатки за помош во борба со корона вирусот, заклучно со вчерашниот ден не открила случај на корона вирус.

,,До денес (04.06. четврток) преку апликацијата „СтопКорона!“ не се откриени нови позитивни случаи на корона вирусот“, велат од Министерството за здравство за ПИНА, откако прашавме колку случаи на Ковид 19 досега биле откриени од страна на епидемиолозите со помош на апликацијата ,,СтопКорона“.

Од Министерството за здравство велат дека епидемиолозите секојдневно детално ги следат сите достапни методи за откривање на контакти на позитивни случаи на корона вирусот, а со цел нивно рано откривање и тестирање.

ПИНА детално пишуваше за дилемите кои ги отвора користењето на мобилна апликација за следење на контактите особено во делот на надзорот и приватноста, но и за тоа дали една ваква алатка ќе биде ефикасна во борба со вирусот.

Познавачите тогаш посочија неколку важни прашања во поглед на приватноста на луѓето, но и транспарентноста на процесот, особено во делот на некористење слободен софтвер со отворен код, како единствен начин да се обезбеди доверба во технолошките мерки.

Некстсенс и донираше мобилна апликација и на Унгарија

Компанијата Некстсенс, која ја донираше апликацијата ,,СтопКорона“ објави дека тие и донирале апликација и на Унгарија која се нарекува ,,ВирусРадар“.

,,Мобилната апликација „ВирусРадар” ја користи технологијата на Некстсенс за следење на контактите за детекција на потенцијално изложени лица на Ковид 19. Мобилната апликација е контрибуција на Некстсенс за унгарските власти во поддршка на борбата со вирусот против пандемијата со Ковид 19. Имплементирањето на технологијата за следење на контакти е есенцијална во периодот по кревањето на мерките, за да се спречат идните епидемии“, се вели во соопштението. ПИНА за различни аспекти на функционирањето на мобилната апликација неодамна доби подолги писмени одговори од компанијата, кои може да ги прочитате на следниот линк.

Во Унгарија на 30 март беше изгласан Закон за заштита од корона кој му дава на премиерот Виктор Орбан неограничена власт со декрет. Медиумите известуваа дека со декретите се користи кризата со корона вирусот за ограничување на слободата на медиумите, заштитата на податоците и други граѓански права во таа земја.

Здравствените власти во САД полека кажуваат „Не“ на технологиите за следење контакти

Државите како Њујорк, Калифорнија и Масачусетс и градовите како Балтимор и Сан Франциско, внимателно ги разгледувале најсовремените решенија за контактирање и во голема мера рекле „Не благодарам“ или „Не сега“, пишува Wired во нивната анализа за користење на технологиите и мобилните апликации во борбата со пандемијата.

„Поборниците за употреба на повеќе технологии во трагањето по контакти понекогаш упатуваат на искуства во странство за поддршка на високо-технолошкиот пристап во САД. Сепак, ако се ископа подлабоко во она што навистина се случува на места како Кина, Јужна Кореја, Сингапур и на други места е помалку убедливо, или тешко е да се пренесе во построгите погледи на САД за слободата и личната приватност“.

Според македонската влада, апликацијата ,,СтопКорона“ е правена по примерот на апликацијата што се користи и се покажала како многу успешна и користена во Сингапур.

,,Наместо тоа, службениците за јавно здравје во тешко погодените држави напредуваат кон распоредување армии на луѓе, со ограничена помош од технологијата. Масачусетс буџетираше 44 милиони долари за да ангажира 1.000 трагачи за контакти. Државата Њујорк, со финансирање од „Блумберг филантропи“, соопшти дека планира да ангажира дури 17 000. Наскоро се очекува Калифорнија да ги објави плановите за ангажирање на дури 20,000 трагачи за контакти“, пишува медиумот.

Европската унија која има некои од најсилните правила за заштита на податоците во светот, исто така претпазливо ги разгледува ваквите решенија бидејќи сака да се осигура дека ваквите системи не ја загрозуваат приватноста со дозволување на неовластен пристап до чувствителни податоци. ЕУ препорача мобилните апликации за следење на случаи на коронавирус во Европа да чуваат што е можно повеќе податоци на уредот на корисникот, отколку во централен сервер за најдобро да ја одржуваат индивидуалната приватност.

И покрај ваквите поуки од земјите со далеку поголеми искуства со дигиталните решенија но и со надзорот и приватноста, министерот Дамјан Манчевски неодамна ги одби анализите на оваа тема и прстот за сомнежите околу тоа колку решението кое на големо се промовираше дека ќе помогне во борбата со Ковид 19, го впери кон онлајн медиумите и социјалните мрежи кои вриеле со експерти на секоја тема и ги обесхрабрувале луѓето во користењето на апликацијата.

,,Од земја која е најниско на рангирањето на ПИСА во однос на образованието на луѓето, навистина имаме најголем број на експерти по глава на жител за која било тема“, изјави Манчевски за ,,360 Степени“ кои известија дека преку апликацијата имало лажни пријави на вирусот од луѓе кои не се позитивни на Ковид 19.