[Интервју] Дејан Мираковски: Ефектите од пандемијата ќе бидат поизразени во регионите со послаб квалитет на воздухот

0
370

Вонредните мерки за превенција и спречување на ширењето на корона вирусот покажаа колку човекот и неговите животни навики влијаат на животната средина. Таков е примерот со податоците од Европската агенција за истражување на вселената, кои покажуваат значителен пад на емисија на азот-диоксид, ширум северот на Италија, предел кој беше под целосен карантин. Слично намалување на загадувањето имаше и во Кина. Но, епизодите на високо загадување не се непознати за човекот. Тие се појавуваат речиси во сите урбани средини, а најмногу видливи за човековото око се во зимскиот период.

Оваа пролет со Ковид фаза на живеење се ограничи движењето на човекот, а за тоа како карантинот се одрази на квалитетот на воздухот, зборувавме со професорот Дејан Мираковски, кој е раководител на одделот „АМБИКОН“ при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Во лабораторијата се врши контрола на параметрите на амбиентот во реални услови и време, како и изложеноста на загадувачи. Мираковски вели дека со редуцирањето на користење на изворите на загадување, можеше да се забележи и на сателитските снимки, иако во нашата држава, како што вели тој, состојбата е поразлична од големите индустриски и урбани региони во светот.

„Додека во Кина или Северна Италија беше воочлив драстичниот пад на емисии од индустријата и сообраќајот, како доминантни извори на загадување, ние во последните денови на март и почетокот на април, доживеавме епизоди на високо загадување во урбаните центри. Така на пример, во Струмица надминувања на дозволените 24 часовни просечни вредности, беа забележани на 19, 24, 25, 29 и 30 Mарт“ – изјави Мираковски за ПИНА.

Тој вели дека иако станува збор за период во кој имаше строги ограничувања на движењето, сепак поради ниските температури се користеа уреди за греење, вклучително и печки на дрва, па со тоа не изостанале познатите епизоди на загадување.

„Слични состојби беа регистрирани во Кавадарци, Скопје но и другите урбани центри низ државата. Повеќе од јасно е дека подобрувањето на квалитетот на воздухот, ќе зависи од нивото на редукција/намалување на изворите, па доколку со намалување на нашите активности ги редуцираме изворите, ќе имаме подобрување, но доколку тие останат исти или се засилат, подобрувањето изостанува“ – додава професорот.

Потребни се функционални мерки, наместо слепо следење на трендовите

Мираковски потенцира дека високите нивоа на аеро-загадување традиционално се поврзуваат со болестите на респираторниот систем, со што многу е веројатна поврзаноста со ефектите од вирусот.

„Веќе неколку студии јасно ја потенцираат оваа врска, па така најновите анализи од САД укажуваат дека зголемувањето на просечната изложеност за само 1 𝜇g/m3  PM2.5 е асоцирана со зголемување на стапката на смртност од КОВИД 19 за дури 8% (Dominici et al. 2020). Од тука, сметам дека е многу веројатно дека ефектите од пандемијата ќе бидат поизразени во регионите со послаб квалитет на воздухот“ – појаснува Мираковски.

Професорот е сигурен дека ако секој од вложи напор во промената на однесувањето кон природата, работите би можеле да тргнат кон подобро. Во спротивно, ќе се зголемат ефектите од оваа и секоја идна криза што ќе следи.

„Сепак, сите метрополи имаат свои специфики, па затоа какви било промени треба да бидат резултат на внимателна анализа за нивните ефекти во конкретните услови на примена, а не слепо следење на трендовите. Само така ефектите ќе бидат максимални и со сигурност позитивни“ – додава тој.

Мираковски вели дека дури и краткотрајното намалување на „нормалните“ активности јасно говорат дека постојат решенија за многу проблеми.

„Глобалните проблеми ќе бараат дополнителни напори, нови технологии и пристапи, но доколку се посветиме, позитивните промени многу бргу ќе бидат видливи за сите“ – заклучува универзитетскиот професор.

Неодамна се укина мерката полициски час со која се ограничуваше движењето на луѓето, за потоа истата да се врати за викендот за Скопје и одредени општини. Од следната недела има најави дека ќе има намалени рестрикции, но на тоа ќе влијаат и новите бројки од случаите со Ковид 19 кои се дел од новиот бран во нашата земја. Се говори за „нова нормалност“, но што тоа ќе значи за животната средина и каков ќе биде квалитетот на воздухот, ќе зависи и од граѓаните, но и од волјата за промени.

Од здружението НаТочак ја започнаа иницијативата Простор АнтиКорона со која од локалните, но и од централните власти бараат на граѓаните да им се овозможи повеќе простор за велосипеди и пешаци, а помалку за автомобили.

Автор: Бјанка Станковиќ

Сторијата е изработена како дел од Програмата за жени новинарки, проект кој го спроведува ПИНА со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината на оваа сторија е единствена одговорност на ПИНА и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.