Едно од истражувањата на Центарот за граѓански комуникации спроведено во сите 33 служби за Итна медицинска помош во земјава уште еднаш го вклучи црвениот аларм во здравството, имајќи предвид дека состојбата е и повеќе од лоша, а особено поради големиот недостиг на тимови за брза помош насекаде низ државата.
Неодамна и новиот министер за здравство Арбен Таравари оцени дека недостасуваат 150 лица да бидат вработени во Здравствен дом Скопје, за да има доволно медицински тимови.
Законскиот минимум не гарантира функционално работење, бидејќи без оглед на бројот на тимовите, има големи разлики во бројот на жители што ги покрива итната медицинска помош. Најлошо стојат Струмица и Тетово, каде еден тим „покрива“ дури по околу 40.000 жители дневно. Куманово и Скопје се следни со покриеност на еден тим на околу 30.000 жители дневно.
Сообраќајниот метеж и амбулантните возила се главен проблем за Итната медицинска помош во Скопје
Д-р. Милица Бубало, раководител на Итната медицинска помош (ИМП) во Скопје во изјава за ПИНА.мк, рече дека службата за ИМП со домашно лекување и итна стоматолошка помош при ЈЗУ Здравствен дом Скопје, за разлика од другите градови е поделена на три единици, а со цел подобро функционирање во нудење нега и медицински услуги кон граѓаните.
Оттаму не прецизираа дали имаат доволен број на тимови за нормално секојдневно и тековно работење, истакнаа дека имаат функционална шема од три оддели со цел поголема ефикасност, но и постојана потреба од нови возила.
„За подобро функционирање на службата имаме три одделни единици кои се во постојана служба на нашите граѓани. ИМП терен, кои се дисперзирани во повеќе пунктови на градот (пункт Јане Сандански, пункт Чаир, пункт Ченто, зависно од бројот на екипите во смена) лекарите од овој оддел интервенираат на лице место за акутни и итни состојби; домашна посета, лекари кои интервенираат кај хронични состојби врз основ на специјалистички извештај; ординација за трета смена, недели и празници, кои се поделени во седум амбуланти и работат во текот на денот кога матичните лекари не работат, поточно ноќе, недела и празници.Екипите од ИМП терен се кординирани од диспечерскиот центар каде се јавуваат граѓаните на двете телефонски линии 194 и 112,“ изјави Бубало.
Таа додава дека има 7-8 екипи во смена, поделено на 5 групи.
„„Домашна посета“ има 5-6 екипи во смена поделено во две смени. „Ординација“ за трета смена, недели и празници има една екипа на седум пункта во градот кои се менуваат на трета смена вечер. Поради големината на градот, густината на сообраќај, правото да користат вработените платени отсуства по било кој основ, поголем број на екипи секако ни се добродојдени, како и поради брзата амортизација на возилата секогаш ни се потребни и нови возила“, појасни Бубало.
Како што кажа таа, исполнувањето на законскиот минимум на тимови во земјава а конкретно на територијата на Скопје, не значи и нормално функционирање на самите служби за итна медицинска помош, имајќи ги превид секојдневните проблеми со кои се соочуват теренските медицински лица.
„И да имаме доволен број на тимови, ако не се решат дополнителните проблеми со кои се соочуваат екипите на ИМП Скопје во текот на работата, повторно граѓаните ќе имаат чуство дека нема доволно екипи. Најчестите проблеми со кои се соочуваат се густината на сообраќајот и прединството на минување на раскрсниците, брзината на примо-предавање на пациентот на клиниките, а кое најчесто изнесува од еден час до неколку часови. Овде ќе ги наведам и почестите интервенции во затворите каде екипите остануваат минимум еден час, барањето помош за здравствени состојби кои можат да се третираат од страна на матичниот лекар и слично,“ Бубало.
Дека општините во градот Скопје се најзагрозени алармира и Боби Бојчевски, национален координатор во Независниот синдикат на здравствени работници. Во изјава за ПИНА.мк, тој истакна дека последица за ваквата лоша слика е малиот број на тимови, но и распространетоста на пунктовите, како и слабата мотивираност на младиот медицински кадар да остане во земјава.
„Често се случува дневно да има голем број на повици, на кои тимовите не можат да одговорат или е потребен подолг временски период на давање на прва помош. Во земјава кадарот во итната помош е секогаш дефицитарен, а причина е стресната работа и малата плата. Заминувањето на медицинскиот кадар, е поради тоа што младите кадри како и во секоја држава очекуваат да се надградуваат, но и да им се даде простор да специјализираат во нивната област со обезбеден работетн статус и здравствено осигурување,“ вели тој.
Бојчевски оценува дека младите сакаат достојна плата за достоен живот.
„Според мене, неопходно е да се донесе законско решение на вработените во итната помош да бидат на исто ниво со полицијата и противпожарната служба, односно да бидат евидентирани како службени лица со бенефициран работен стаж. На секој вработен доктор после период од две години да му се овозможи државна специјализација, на медицинските сестри специјализација која ќе ја плати здравствената организација, како и бенифициран стаж на возачите и овозможување нивно доусовршување. Ве уверувам дека само со вакви нормативи и законски решенија ќе го задржиме медицинскиот кадар и ќе имаме поефикасна брза помош, бидејќи само ако имаме задоволни здравствени работници ќе имаме и задоволни пациенти“, вели Бојчевски.
Медицинскиот кадар масовно заминува, на потег Министерството за Здравство
Со вакви слични проблеми се соочуваат и лекарите на итната медицинска помош во Куманово.
Оттаму во кратка изјава за ПИНА.мк потврдуваат дека околу пет екипи на итна медицинска помош недостигаат по законски пропишаниот минимум, а кризата дополнително ја отежнува масовната миграција на младиот медицински кадар.
„Иако бројот на жители се намалува според последниот попис, со поголема динамика се намалуваат и бројот на потребните медицински екипи на терен. Куманово како најголема општина има очигледен проблем со дефицит на медицинскиот кадар, а во интервенции спаѓаат не само оние на итната медицинска помош, туку и на домашната посета и интервенции во дежурната служба. За ова го имаме алармирано и Министерството за здравство, па се надеваме на позитивно и брзо решение за неутрализирање бројот со тимови на итната медицинска помош. Секако, недостасуваат и амбулатни возила, за што сметаме дека е потребен потемелен и посистемски пристап“, велат од кумановската Итна помош.
За ваквиот проблем во земјава најповикани се одговорните од Министерството за здравство, но оттаму не наидовме на расположение за одговори. Откако во неколку наврати си ја префрлаа одговорноста, по долго време чекање на нашата редакција испратија краток одговор кој речиси и да не беше соодветен на широката палета од прашања.
Оттаму за ПИНА.мк истакнаа дека службата на Итната медицинска помош игра клучна улога во обезбедувањето навремена здравствена заштита за пациентите, па за таа цел Министерството за здравство работи на постојано унапредување на капацитетите.
„Во изминатиот период Министерството набави 12 современи амбулантни возила, од кои шест се за територијата на град Скопје, а останатите шест се распределени во здравствените домови низ државата. Исто така, се набавени и дополнителни седум амбулантни возила за Здравствен дом Скопје, со средства од ЕУ во рамки на проектот за „Јакнење на здравствениот систем на РСМ“. Во однос на кадарот, изминатиот период беше зајакната итната помош со 22 доктори, а постепено ќе се зајакнува овој сегмент и во наредниот период,“ уверуваат од Министерство за здравство.
Тимови за Брза помош секоја година има сè помалку
Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, кои го направија истражувањето, потенцира дека за последните речиси девет години, бројот на тимови за Итна медицинска помош е намален дури за 22 пати, но и дека проблем е што не е задоволен законски пропишаниот минимум во земјава.
Тој во изјава за ПИНА.мк вели дека не треба да има никаков компромис во решевање на овој проблем, бидејќи станува збор за помош од која секојдневно зависат нашите животи.
„Прво, половина од градовите, односно здравствените центри низ земјава, работат со помалку тимови од законски пропишаните. Второ, освен во Скопје и Битола, насекаде има по еден до два тима во смена. Притоа треба да се има предвид дека овие тимови не се само за итни интервенции, туку опфаќаат брза помош, домашна посета и интервенции во дежурната служба. Значи, ако има два тима во смена, тоа најчесто значи дека само еден тим е за брза помош, а другиот е за другите функции на итната медицинска помош. Трето, еден тим некаде покрива по 1.000, а на други места и по 40.000 жители дневно. Четврто, една смена во некои градови има само по 2, а во други по 50 интервенции. Сето ова покажува дека состојбата е загрижувачка,“ алармира Филков.
Според истражувањата на Центарот за граѓански комуникации, во Северна Македонија вкупно недостигаат 52 екипи за итна медицинска помош за да може да се задоволи барем законски пропишаниот минимум на тимови што треба да ги има еден медицински центар во зависност од бројот на жители што ги опфаќа.
„Иако последниот попис на населението покажа помал број жители во земјава, а со тоа и помалку потребни минимум екипи на итната помош, сепак и во ваков случај на 15 служби за итна медицинска помош во земјава им недостигаат тимови за итна помош да се запази законскиот минимум“, велат оттаму.
Како што вели Филков, состојбата на терен не коренспондира со она што на хартија го пропишува Уредбата за мрежата на итна медицинска помош.
„Уште во 2016 година, Владата донела Уредба за мрежата на итна медицинска помош со која се утврдува дека секој здравствен дом кој опфаќа до 30.000 жители треба да има најмалку 5 тимови за итна медицинска помош. Доколку здравствениот дом покрива повеќе од 30.000 жители, тогаш треба да има најмалку по еден дополнителен тим на секои дополнителни 10.000 жители. И така е дојдено до минималниот број на тимови што треба да ги има секој здравствен дом какви, пак, има во секој од 33-те градови во земјава. За потребите на оваа Уредба е направен пресек на состојбата во 2015 година кога имало 280 тимови за итна помош. Ова што ние го направивме со истражувањето е единствен пресек оттогаш наваму и тој покажа дека сега имаме 22 тима помалку, односно 258 тимови,“ потенцира Филков.
Истражувањето покажа дека најлошо стојат големите градови како Скопје, каде недостигаат најмногу, односно 18 тимови за итна помош и Тетово, каде недостигаат 10 тимови за да се дојде барем до минимум потребните. По пет тимови им недостигаат на Куманово и на Струга.
Само шест градови имаат толку тимови колку што е минимумот, а тоа се: Виница, Демир Хисар, Крива Паланка, Пехчево, Свети Николе и Штип. Повеќе од минимумот имаат 12 здравствени центри, меѓу кои најдобро во овој поглед стојат Битола, Делчево со Македонска Каменица, Кичево и Кочани – секаде има дури по 3 или 4 тимови повеќе отколку што предвидува законскиот минимум.
Автор: Виктор Вукановски
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА