53% од компаниите лани се соочиле со коруптивни барања од страна на државните институции, покажа Анкета за корупцијата со која се соочува приватниот сектор на Стопанска комора на Северна Македонија. Наодите на анкетата покажуваат дека најчесто од нив се барало пари, но и подароци и услуги, додека големината на барањата зависела од големината на компанијата, односно, колку е поголема компанијата, со толку повеќе коруптивни барања се соочила. Потпретседателот на Стопанска комора, Зоран Јовановски во интервју за ПИНА.мк, вели дека големото ниво на корупција со која се соочува приватниот сектор влијае негативно и врз странските инвестиции, и повикува да се превземаат сериозни активниости за намалување на корупцијата.
Резултатите од последната Анкета со приватниот бизнис сектор за прашања поврзани со корупција, од страна на Сопанската комора во рамки на проектот „Граѓаните против корупцијата“, покажа дека, повеќе од половина од компаниите се соочиле со коруптивни барања во 2023 година. Со каков вид на корупција најчесто се соочиле компаниите?
– Најпрвин, се работи за анкета за корупцијата со која се соочува приватниот сектор. Анкетата е дел од активностите на Стопанската Комора во рамки на проектот „Граѓаните против корупцијата“, координиран од Македонскиот центар за меѓународна соработка и финансиран од УСАИД. Анкетата е правена во март 2024 година и се однесува на она со што се соочиле компаниите во 2023 година.
Во однос на формата на коруптивното барање што компаниите го добиле од субјект од јавниот сектор во 2023 година, одговорите посочуваат дека најчесто на компаниите им биле побарани пари, потоа некаква услуга, подарок, итн.
Кој вид на компании се соочуват повеќе со коруптивни барања?
– Анкетата покажа дека сите компании, без оглед на нивната големина, биле изложени на коруптивни барања. Сепак, може да се каже дека во групата на компании кои се изјасниле дека се соочиле со коруптивно барање најголемо учество имаат големите (40,9%) и средните компании (29,5%).
Од кои институции доаѓаат повеќе овие барања?
– Во анкетата компаниите посочуваат дека најголем дел од коруптивните барања во 2023 година дошле од субјекти на централната, а помал дел од субјекти од локалната државната власт. Компаниите посочија дека најмногу се соочиле со коруптивни барања додека биле во постапка за добивање на некаква дозвола или одобрение.
Како влијае ова во бизнис секторот, дали располагате со податоци дали има компании кои се откажале од својот бизнис како последица на голема корупција или трпеле загуба?
– Сосема е јасно дека корупцијата негативно влијае на амбиентот за водење бизнис. Корупцијата овозможува непазарно фаворизирање на одредени субјекти и со самото тоа создава предуслови за нефер амбиент за натпревар помеѓу компаниите на пазарот. Исто така, корупцијата овозможува не секогаш државата да го набави најдобриот производ или услуга за своите потреби. Анкетата покажа дека компаниите имале застој во бизнисот затоа што не прифатиле коруптивно барање од субјект од јавниот сектор и таквиот застој најмногу се манифестирал преку пролонгирање на деловната активност на компаниите, без разлика дали станувало збор за реализација на деловна инвестиција, производство, увоз или извоз.
Каква е ситуацијата во однос на странските инвестиции, дали се упатуваат и кон нив коруптивни барања?
– Во примерокот на компании кои одговорија на прашања од Анкетата, 65,4% отпаѓаат на компании чие работење е претежно насочено кон домашниот пазар, а 34,6% отпаѓаат на компании чие работење е насочено претежно кон странските пазари. Тоа значи дека и компаниите што претставуваат странски инвестиции учествуваа во Анкетата. Анкетата беше целосно анонимна, но може разумно да се претпостави дека и тие компании се соочиле со коруптивни барања.
Како влијае корупцијата во однос на странските инвестиции, дали нивото на корупција претставува пречка за странските инвестиции?
– Се разбира дека било кој странски инвеститор преферира да работи во бизнис амбиент во кој не царува корупција. Нивото на корупција во една национална економија е и своевидно огледало за прудентноста на државниот сектор. На последното рангирање реализирано од меѓународната организација Транспаренси Интернешенел, кое е најрелевантно за таа намена, нашата земја е рангирана на 76. место во светот. Тоа не е добра позиција и мора да се преземат сериозни чекори за значително намалување на корупцијата. Во тој контекст, компаниите што одговорија на Анкетата се оптимисти, 96% од нив дека може да се намали корупцијата, разликата е само во очекувањето до кој степен може тоа да се направи.
Како ја оценувате соработката на државните институции во борбата против корупцијата во бизнис секторот?
– Борбата против корупцијата може да се добие само со координирана заедничка активност на сите релевантни чинители. Тоа значи активен ангажман на државните институции (Државната комисија за спречување на корупцијата, јавното обвинителство, судството и механизмите за интегритет во секоја институција од јавниот сектор), граѓаните, медиумите, граѓанскиот сектор и секако, приватниот сектор преку Стопанската комора. Ние во Стопанската комора имаме редица активности што ќе ги реализираме во наредниот период. Новата Влада ја вброи борбата против корупцијата како еден од своите три врвни приоритети. Тоа е добра стартна основа. Неопходна е непоколеблива акција.
Авторка: Теута Бучи
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА