Дина Дума: Сексуалното вознемирување и меѓуврсничкото насилство се глобални проблеми

0
184

Неодамна, трета година по ред се појави сексистичка и насилна група по името на „Јавна Соба“ на апликацијата Телеграм во која се споделувани експлицитни слики и други лични податоци на девојки и жени без нивна согласност. Нашата држава несомнено има проблем со онлајн сексуално вознемирување на жени и девојки, како и загрижувачки тренд на врсничко насилство (булинг). Кога се во прашање овие општествени проблеми, експерт(к)ите и активист(к)ите често повикуваат на санкции и одговорност од страна на надлежните институции, но и менување на свеста. 

„Сестри“, првиот долгометражен филм на младата режисерка Дина Дума се занимава токму со овие теми и на уметнички начин допринесува до јавниот дискурс околу сексуалното вознемирување и булингот. Филмот освои бројни награди на меѓународните филмски фестивали, меѓу која и Специјалната награда на жирито во програмата Источно од Западот, на Филмскиот фестивал во Карлови Вари. 

Фокусот на „Сестри“ е нездравото пријателство на тинејџерките Маја и Јана кои ѝ љубоморат на популарната Елена и вниманието кое таа го добива од момчињата, особено Крис, симпатијата на Маја. Кога на една средношколска забава Маја и Јана случајно ги фаќаат Крис и Елена сред сексуален чин, тие скришно ги снимаат и го постираат видеото на Инстаграм – акт преку кој главините ликови на овој филм всушност стануваат неговите антагонистки. По овој акт на онлајн сексуално вознемирување и врсничко насилство, Елена и Крис добиваат сосема различни реакции од околината. Крис останува „фраер“, а Елена е нарекувана погрдни, сексистички зборови и престанува да оди во училиште бидејќи не може да го издржи меѓуврсничкото насилство (од момчињата и девојчињата) кое ѝ се случува. Во разговор за ПИНА, Дума говори за сите овие проблеми како и за инспирацијата за филмот.

Што те инспирираше да го напишеш и снимиш овој филм? 

Уште кога бев јас во средно школо се случи една ваква слична случка како што е во филмот. Една девојка и еден дечко беа фатени како имаат односи и беа снимени. Видеово стана вирално и сите го видоа. Тогаш немаше Инстаграм, но имаше Фејсбук и ЈуТуб. Сите го видоа видеото и девојката мораше да смени училишта, се префарба, смени личен опис комплетно и на крај сепак не можеше да се спаси од целиот овој притисок и мораше да се исели во друга држава, додека момчето остана во школото, немаше никакви репрекусии од никого. Не само тоа, туку си остана „фраер“. Дополнително никој не се потруди да најде кој е тој што го снимил видеото. Колку што се сеќавам, видеово заврши на телевизија како ударна вест. 

Како течеше процесот на снимање и каква беше твојата динамика помеѓу тебе и актерите, особено главните актерки? 

За мене кастингот беше најбитниот процес кој траеше шест месеци затоа што беше важно да ги најдам правите ликови за филмот. Тоа беше за мене број еден затоа што ми беше јасно дека тие ќе го износат филмот. Исто така ми беше јасно уште од старт дека ќе мора да бидат вистински средношколки за да можам да ја доловам таа реалност и тој свет на најнатуралистички начин за да можам гледачот да го доближам што е можно поблиску до оваа тема. Самото снимање во суштина беше најкраткиот процес. Шест недели снимавме, што дури се смета за долго снимање. Обично се снима помеѓу четири и шест недели. Со актерките се спремавме претходно – со Миа Жиро и Антонија Белазелкова – работевме на начин што нив не им беше дозволено да го прочитаат сценариото. Воопшто не беше фокусот во сценариото, туку беше важно самите да стигнат до ликовите, нормално преку заедничка работа. Односно целта беше заедно да го докреираме тој свет и таа приказна со нивни лични приказни, лични искуства на оваа тема, приказни од нивни соученички или познанички. Така што, самото снимање беше егзекуција на еден процес кој што претходно заради спремање на сценариото траеше четири години. 

Дали во самиот процес на снимање ти научи нешто ново околу онлајн сексуалното вознемирување и врсничкото насилство што се случува сега од актерките со кои работеше или било кој друг инволвиран со филмот? 

Апсолутно да. Кога тргнав да го пишувам сценариото, се надевав дека оваа генерација е малце посвесна или малце е поразлична од тоа кога јас сум била средношколка. Меѓутоа кога го правев кастингот имав шанса да разговарам со многу голем број на девојки – на крај околу сто девојки – кои беа доволно отворени и со нас ги споделија своите лични приказни. Својата кастинг агентка Киријана Николоска сфативме дека во суштина работите не се сменети. Дури Киријана има и ќерка тинејџерка и кога го прочита прв пат сценариото беше малку скептична во смисла „не се случува стварно ова во средните школи, не зборат вака“. После кога заврши тој процес на кастинг ми рече само „изгледа стварно е ова вака“. Да, за жал, некако се надевав дека е тоа сменето, меѓутоа апсолутно не е затоа што оваа генерација има пристап до новата технологија за разлика од нас кои не бевме родени со оваа технологија и социјални медиуми, туку овие работи едноставно се појавија во нашите животи. [Новите генерации] се родени со оваа технологија: уште од мали знаат што е Фејсбук, што е Инстаграм, имаат профили уште од многу млади и едноставно тоа е еден многу голем дел од нивниот секојдневен живот. Така да, тој булинг и насилство врз жените и slut-shaming (стигматизацијата и сексистичкото осудување на жени и девојки кои се промискуитетни или пак се перцепирани како такви) се случува многу често. Меѓутоа од реакциите што ги добивам, ми станува јасно дека тоа не е проблем само кај нас, туку е глобален проблем. 

Каде беше прикажан филмот и дали реакциите кои ги доби во странство се различни од тие кои ги доби во Македонија? 

Филмот патуваше до сега на над 30 фестивали од својата премиера на фестивалот на Карлови Вари. Зема уште четири награди дополнително. Многу слични реакции во суштина добивам бидејќи како што кажав, ова е глобален проблем. Филмот допира до младите: многу често кога во жири има млади луѓе, филмот одма добива награда затоа што младите ги препознаваат овие проблеми и може да се поистоветат со ликовите и со проблемите кои со обработуваа во филмот. Додека пак, кога родители, на пример, го гледаат филмот ги добивам истите реакции како [во Македонија] затоа што на некој начин филмот им го отвара прозорец кон тој свет кој што нивните деца многу добро го кријат од дома. На тинејџерите ова им е познато, им е секојдневие, а на родителите им е благ шок и тука и во странство. 

Како сметаш дека филмот коментира околу патријархалните вредности и двојните стандарди со кои што се соочуваат девојките и жените во однос на сексуалноста за разлика од мажите и момчињата? 

Да, дефинитивно тука се фрла едно светло врз овој момент, врз оваа тема затоа што дефинитивно е неправда тоа ѝ се случува на Елена во филмот во однос на тоа што му се случува на Крис. Сакав да фрлам едно светло токму врз овој проблем затоа што овој проблем не застанува тука, можеби не ни почнува тука. Но дефинитивно се продлабочува и понатака во нашите животи, во нашето секојдневно функционирање, во сите сфери на општеството. За жал, сѐ уште живееме во патријархално општество и колку и да сакаме да прикажеме дека тоа не е така, тоа дефинитивно е така. 

Какви системски промени сметаш дека се потребни за да се намали и да се превенира овој тип на насилство? 

За почеток треба да се признае дека овој проблем постои во училиштата. Имаме сериозен проблем и треба да престане да се игнорира тоа. Веројатно треба да се земат моделите на поразвиените општества кои што во своето образование имаат вклучено и сексуално образование. Уште од рана возраст, меѓу другото, зборуваат и за овие проблеми. Ги освестуваат младите и се зборува отворено за сѐ. Мислам дека на тој начин би се намалил овој проблем, не верувам дека би се искоренил. Меѓутоа сигурно ако ги погледнеме моделите на поразвиените земји, ќе видиме дека овој модел допринесува доста до намалување на сексуалното насилство. Генерално проблемот исто така е што системот на разговор со педагог или психолог во училиштата кај нас не функционира. Во таа насока треба да се подобри ситуацијата пошто таа бариера е поставена помеѓу учениците и ова тело коешто треба да се грижи за нивното ментално здравје. Кај нас воопшто не се обрнува внимание на менталното здравје и ние немаме никаква култура на негување на ова здравје кое сепак би требало да почне од порана возраст. Учениците не гледаат дека овие вработени можат да им помогнат, дури и ако им треба помош, не гледаат дека таа помош може да дојде од таму. 

„Сестри“ е еден од малкуте македонски дологметражни филмови кој е режиран од жена. Дали сметаш дека постојат одредени структурни бариери за жените во ова поле? 

Морам да кажам дека во последните години сѐ повеќе жени добиваат можност да снимаат филмови. Односно Агенцијата за филм поддржува сѐ повеќе жени. Во суштина, јас сум третата жена која е поддржана од Агенцијата за снимање на долгометражен филм. Се надевам дека ќе продолжи оваа пракса бидејќи гледаме дека доаѓа нов бран на жени-режисерки кои снимиле и краткометражни филмови кои беа на големи фестивали. Сепак, се надевам дека тоа поддржување ќе биде рамноправно со мажи-режисери.

Авторка: Елена Гаговска

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.