Изградбата на регионалната депонија за Радовиш ќе значи решение за децeниските проблеми

0
320
Депонијата Сушица во февруари 2021 година

Управувањето со отпадот во секој од регионите во земјата и натаму е нерешен проблем. Ниедна од регионалните депонии сè уште не е изградена. Радовиш е една од општините кои имаат најголеми проблеми во југоисточниот плански регион. Според јавното комунално претпријатие „Плаваја“ на територијата на општината се мапирани повеќе од 50 диви депонии кои последните 5 години во повеќе наврати се чистени, а за кратко време повторно се обновуваат.

Главната нестандардна депонија „Сушица“ пак се наоѓа на околу три километри од центарот на Радовиш, а во изминатите неколку години во повеќе наврати се палеше и го загадуваше градот. Во неа, претпријатието „Плаваја“ го депонира собраниот отпад од домаќинствата и индустриските објекти од целата територија на општината.

Една од причините за лошата состојба со управувањето со отпадот во општината е непостоењето систем со години наназад за собирањето на отпадот од населените места, смета Столе Георгиев, жител на Радовиш и претседател на Центарот за локален развој.

Столе Георгиев

„Главната нестандарна депонија всушност и не е депонија, тоа е ѓубриште. Таа апсолутно не исполнува никакви услови ниту од аспект на заштита на животната средина, ниту од безбедносен аспект. Самата локација е веднаш до реката Сушица што по правилата, депонија не смее да има близу до водени површини. Сите исцедоци од депонијата течат директно во реката. Моментално оваа депонија не е решение, но таква е состојбата. Кога ќе се створат услови, таа веднаш мора да биде дислоцирана“, објаснува Георгиев.

Истовремено, тој вели дека како здружение биле повикани на консултативен процес за спроведување на планот за ставање во функција на регионалната депонија.

Георгиев објаснува дека била изготвена целосна техничка документација и тендер на којшто аплицирале три странски компании, а замислата биле дека финансирањето и одржувањето на депонијата треба да биде во јавно-приватно партнерство.

„Во 2011 година, југоисточниот плански регион беше прв којшто имаше подготвено план за ставање во функција на регионалната депонија, за сега да биде последен. Се прави во моментов нова физибилити студија. Новиот план е југоисточниот плански регион да има заедничка депонија со вардарскиот регион. Сами по себе регионите немаат капацитет и ресурси за да одржуваат регионална депонија. Ние генерално во Македонија имаме лошо менаџирање со отпадот“, потенцира тој.

Во меѓувреме, Георгиев посочи дека има и дилеми за тоа колку е оправдано вардарскиот и југоисточниот плански регион да имаат заедничка депонија, затоа што, како што посочи трошоците за превоз на отпадот се огромни.

„На пример, кога би требало отпадот од Велес да биде донесен до општина Василево, тоа би било многу скапо. Можеби тоа им е пресметано на одговорните коишто го изработуваат националниот план за ставање во функција на депонијата. Еден од проблемите околу ставањето во функција на регионалните депонии е цената на комуналните услуги“, дециден е Георгиев.

Моментално е во тек постапката за одобрување на заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) со кој ќе се финансира регионалниот систем за управување со отпад во 5 региони, вклучувајќи го и југоисточниот, објаснува за ПИНА, Ана Мазнева, раководител на Сектор за управување на отпад во Министерството.

Ана Мазнева

Според неа, главниот проблем што се уште нема регионална депонија на југоистокот, како и во другите региони е недостатокот од средства за таква инвестиција.

„Во моментов постојните локации за одлагање на отпадот мора да се користат се до основањето на регионалните депонии. Градоначалниците на општините ќе ги преземат сите неопходни мерки за најбезбедно работење на постоечките нестандардни локации за отстранување на отпад идентификувани во Планот за управување со отпад на Република Северна Македонија 2021 – 2031“, појаснува Мазнева.

Таа додаде дека се одржани и две работни средби на кои општините се информирани за барањето за заем до ЕБОР, а дека досега немаат пристигнато никакви забелешки од општините.

Во однос на тоа како Министерството планира да ја подигне еколошката свест кај граѓаните, Мазнева потенцираше дека тоа ќе се направи со спроведување на национална кампања, како што е предвидено со Планот за управување со отпад на Република Северна Македонија 2021 – 2031 и со инспекциски надзор.

Директорот на јавното претпријатие „Плаваја“ Дејан Крстев пак, вели дека причината зошто се уште не е изградена регионалната депонија за него е непозната, посочувајќи дека тоа го спроведува Министерството за животна средина, односно ингеренциите се директно на Владата, а со тоа и информациите за имплементација на проектот.

Дејан Крстев

„Според моите информации, Министерството за животна средина и просторно планирање спроведува програма со која Југоисточниот и Вардарскиот регион ќе бидат споени во една регионална депонија која ќе биде изградена во селото Добрашинци во општина Василево. За општина Радовиш ставањето во функција на регионалната депонија би значело решавање на децениски проблем за депонирање на комуналниот отпад во нестандардни услови и зачувување на животната средина“, објаснува Крстев.

Тој е дециден дека од март 2019 година не е забележан пожар на нестандардната депонија Сушица, според информациите од јавното претпријатие. Најчестите причини за опожарувањето на депониите пак, вели дека се природни појави кои се појавуваат во разлагањето на отпадот, но и човечкиот фактор.

Автор: Кристијан Трајчов