Климатските промени имаат значајно влијание врз намалувањето на водните ресурси и овие трендови ќе стануваат се понагласени во годините што доаѓаат, особено ако не се преземат повеќе мерки за заштита на водите од последиците кои ги носат промените, велат познавачите.
Повисоките температури ќе го интензивираат испарувањето на водните ресурси, но истовремено и поради тоа што поради промените кои се случуваат во атмосферата ќе се намали количеството на врнежи на годишно ниво во нашата држава, велат од Центарот за климатски промени.
Бојана Станојевска Пецуровска од оваа организација вели дека податоците веќе навестуваат намалување на врнежите па така согласно податоците од УХМР во последните 16 години, со исклучок на 2009-2010 година кога врнежите бележат значителен тренд на зголемување и тоа само за градовите Охрид, Крива Паланка и Берово, од 2014 година па се до 2019 година врнежите се константни а во некои делови бележат и постојано опаѓање и се движат во рамки од околу 400 мм до околу 700 мм на годишно ниво.
,,Само за споредба во периодот од 2004 до 2019 година, најголемо количество врнежи од 1143,8 мм се евидентирани во Охрид, каде и просечните врнежи за овој период се најголеми. Најниски просечни врнежи се евидентирани во Штип, каде во 2011 година е забележан најниско количество врнежи од 310 мм. Ваквата состојба е условена во голема мера од порастот на просечните температури како на глобално и регионално така и во Македонија, особено што во Македонија се забележува тренд на зголемување на просечната температура во 2019 година во однос на просечната температура од 2014 до 2018 година, и тоа во месеците од втората половина на годината од август до ноември, односно во месеците кога вообичаено се очекуваат повеќе дождови. Во однос на региони, источниот и југоисточниот се региони каде се забележува најголемо покачување на просечната годишна температура но и најниско количество врнежи, а југоисточниот регион е најранливиот регион во однос на климатски промени“, смета Станојевска Пецуровска.
Зголемување на температурите, намалување на врнежите
Во однос на проекциите кои се направени во однос на потенцијалното покачување на просечната температура односно зголемување на концентрациите на стакленичките гасови, Станојевска Пецуровска вели дека се очекува дека врнежите ќе се намалат до 20% односно 30% до 2100 година, при што најнагласено е намалувањето на врнежите во летниот период каде во одредени делови од земјата се очекува намалување на врнежите и до 40%.
,, Намалувањето на количеството на врнежи ќе го намали и количеството на вода во реките а со тоа индиректно и подземните води и водата за пиење. Па така согласно Третата Национална Комуникација за КП се очекува вкупната површина на вода во Вардар да се намали за 8% до 2075 година односно 13% до 2100 година, додека за Брегалница за 10% до 2025 година и 23,8% до 2100 година. Генерално земено, сите истражувања за Македонија покажуваат дека порастот на стакленички гасови ќе влијае на зголемување на просечната температура а со тоа и намалување на просечните врнежи особено во источниот и југоисточниот дел од државата“, вели Станојевска Пецуровска од Центарот за климатски промени.
Фокус на црвените точки
Дека во Македонија евидентно е намалување на водните талози во езерата и реките како последица на влијанието на климатските промени врз овој циклус, забележуваат и експертите кои се специјализирани за заштита на водите. На ова се гледа само како на најава за негативните влијанија кои допрва можат да настанат доколку активно не се работи на заштита на водите и на нивното управување.
Евгенија Крстевска, адвокатка специјализирана за заштита на водите за ПИНА вели дека како црвени точки кои што може да се посочат како најподложни поради влијанието на климатските промени се недостатокот од вода за човекова конзумација, производството на земјоделски производи, појава на поплави и состојбите со реките и езерата. ,,Првиот проблем со кој што би се соочиле во иднина е недостатокот од вода за пиење, доколку продолжи ваквото искористување на водата за повеќе намени без соодветна истраженост и воспоставување на мерки за заштита.
Водата за пиење кај нас се користи не само за човекова конзумација, туку и за полевање на земјоделски површини, одржување на јавни површини, производство на електрична енергија и сл. Земјоделските површини се полеваат со вода за пиење која што доаѓа од системите за водоснабдување и хидросистеми кои користат бунари. Промената на начинот на производството на храна и намалување на употребата на пестицидите мора да се направи за да се намали загадувањето на водите но и да се ограничи количината на вода за пиење која се користи за оваа намена. Одржувањето на јавните површини со вода за пиење е недозволиво во ситуација каде што сеуште имаме ранливи категории на граѓани кои немаат пристап до вода.
Плановите за ерозија и заштита од поплави мора да се развиваат на локално ниво и да се направат потребни инфраструктурни за да се заштити локалното население. Заштитата на езерата и реките мора да биде на највисоко ниво затоа што површинските води имаат огромно значење за хидролошкиот циклус. За подобрување на нивните состојби клучен е мониторингот на водите, воспоставување на мрежа на пречистителни станици за да се обезбеди квалитетот на водите и размената на информации помеѓу државите кои што ги делат површинските води за редовно следење на состојбите со истите“, вели Крстевска.
Како главни мерки кои државата треба да ги преземе за намалување на последиците од климатските промени, таа го споменува најпрвин управувањето со водите кое мора да биде единствено и водено од една стручна институција.
,,Оваа потреба произлегува од зголемена употреба на водите за различни намени и носење на одлуки за нејзинаnискористеност без да се земат во предвид сите влијанија. За да се управува единствено со водите мора да се унапреди легислативата на начин на кој што водите ќе се заштититат како врвно јавно добро со Уставот а приоритетната употреба на водата за човекова конзумација ќе биде загарантирана.
За фактички да се оствари оваа заштита, потребно е целосно истражување на состојбите со водите, воспоставување на заштитни зони и ефикасен систем на мониторинг и казнување, инфраструктирни вложувања и носење на одлучи за управување со водите по претходни стручни и јавни консултации.
Заштитата на водите мора да биде во центарот и на енергетската транзиција и дискусиите за влијанието на климатските промени. Денес кога фокусот е на low carbon strategy а се игнорираат состојбите со водите поради нивна недоволна истраженост и отсуство на долгорочно планирање, па така природата го возвраќа ударот. Изминатата година имавме случаи каде што вештачките акумулации и малите хидроцентрали не произведуваат електрична енергија онолку колку што било проценето пред нивната изградба затоа што влијанието на климатските прoмени и заштитата на водите не биле земени во предвид“, додава таа.
Нерамномерност кај расположливите водни ресурси
Професорот на Институтот за географија при ПМФ, Ивица Милевски вели дека ние се уште немаме јасни индикатори за тоа каква е или ќе биде состојбата со водните ресурси кај нас во следните 20, 50 или 100 години. Проблемот, смета тој, произлегува од немање детални и фундаментални истражувања на таа тема, ниту пак солидна мрежа на метеоролошки и хидролошки станици за да може да се согледаат трендовите.
,,Главен проблем со трендот на врнежите не е нивното намалување, туку засилувањето на нерамномерноста и особено честината на интензивни до поројни врнежи од една страна и на сушни периоди од друга страна. Наведеното веќе има ефект врз појавата на метеоролошко-хидролошки природни непогоди (поплави, ерозија, свлечишта, суши и др.). Во таа смисла, добар систем на акумулации во комбинација со соодветни биотехнички и хидротехнички мерки, може не само да го ублажи ефектот, туку и драстично да ги намали штетите од изразито нерамномерните врнежи.
Поради наведеното, расположливите, корисни водни ресурси кај нас се намалуваат, што дополнително е нагласено со несоодветно наводнување, претерани губитоци на вода, ненаменско и нерационално користење на водните ресурси, изградба на проточни електрични централи (наместо поголеми водни акумулации), обесшумување. Она што секако го очекувам е поизразена просторна нерамномерност кај расположливите водни ресурси во Македонија. Западниот дел и понатаму ќе има солидни водни ресурси, иако обесшумувањето и несоодветното киристење на земјиштето со антропогената деградација ќе има свој ефект. Сепак, најпогодени ќе бидат централните и источните делови на државата кои ионака се оголени, со брзо истекување на површинските води по врнежи и под удар на десертификација (опустенување)“, вели Милевски.
Според него, важни мерки за ублажување на ефектот од намалување на водните ресурси во блиската иднина се пошумувањето, уредувањето на речните сливови, изградба на вештачки акумулации, максимално рационално користење на водата, преземање на мерки за минимална загуба на водата во водоснабдување и наводнување, префрлање на водата помеѓу речните сливови, озеленување на градовите или сочувување на зеленилото, како и внимателна градба на објекти.
Од Центарот за климатски промени пак велат дека е потребно обезбедувањето на подобар и интегриран пристап при управувањето со водните ресурси, како од аспект на нивно зачувување така и од аспект на нивно управување и искористување.
Автор: Кристина Озимец
„Со оваа сторија, ПИНА се приклучува кон кампањата „Разбистри се`“, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.“