Расте незадоволство кај граѓаните во Штип и Истокот, кои постојано лутаат од врата до врата со цел да ја добијат соодветната здравствената услуга. Установите бележат висок недостиг на стручен кадар, стара и дотраена апаратура, како и руинирани објекти со субстандардни услови.
Жалбите на незадоволните пациенти секојдневно растат, а истите се разочарани поради нехуманите услови, крајно несвојствени за 21 век. Незадоволните граѓани велат дека е непоходна брза реакција за доиграздба на новиот Клинички центар во Штип.
„Штипската болница изгледа на импровизирана установа која не е ниту близу до европските стандарди. Срамота е и веднаш мора да се доизгради новиот објект, бидејќи ние пациентите имаме се’ помала доверба во здравството … згрозени сме од условите, се плашиме да влеземе, имајќи предвид дека моменталната состојба во зградата е вистински хорор,“ вели граѓанин од Штип.
„Ова се крајно нехумани услови, сликите во болницата се страотни и шокантни за секој еден пациент. Младите не случајно си заминуваат од оваа земја, кога и на чесно платените давачки и даноци кон државата, за возврат добиваат мизерија, понижување, деградирање и изживување“, истакна друг разочаран граѓанин за ПИНА.
Имајќи во предвид дека болницата се гради цели 7 години, а 250.000 граѓани од регионот не може да добијат соодветна здравствена услуга, Владата свика вонредна седница на која ги задолжи Министерството за здравство, проектната единица и надзорот да подготват проект за завршување на изградбата на новиот објект на Клиничката болница во Штип, а по направениот просек на состојбата да распишат тендер за изведба.
„На владината седница беше разгледано и усвоено решение за динамично завршување на изградбата на новиот објект на болницата, согласно законските процедури. Целта е, граѓаните од источниот регион и вработените да добијат во најскоро време клиничка болница по современи стандарди“, соопшти Владата.
Властите од 2006 година ветуваат нејзина изградба, а последен рок беше таа да се изгради до средината на 2020 година. И овој рок беше пробиен, а за време на пандемијата беа запрени сите активности. За доизградба на болницата, како што велат од Владата, се активираат процедури, што ќе овозможат завршувањето на изградбата на новиот објект да се одвива со засилена и прецизно утвдена динамика.
„Задолжени се Министерството за здравство, проектната единица и надзорот да подготват ‘Проект на изведена состојба’, односно пресек на досега изведените работи, во рок од 42 дена. Задолжена е Проектната единица, по направениот пресек на состојбата, во соработка со Бирото за јавни набавки, да подготви нова, тендерска документација и биде објавена јавна набавка во рок од 30 дена“, соопшти Владата.
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, неодамна одлучи еднострано да го раскине договорот за штипската клиничка болница, откако фирмата која требаше да ја гради Штипската клиничка болница од 2016 година до денес не испочитувала ниту еден од предвидените роковите за финализирање на градбата.
Главниот изведувач на болницата „Интраком констракшн“ во 2016 година добил 1,4 милиони евра во јули, дополнително нови 1,5 милион во октомври, па уште 760 илјади евра во ноември 2016 година и требало да заврши со градбата до 2018 годинa. Од МЗ oчекуваат да се активира банкарската гаранцијата, а потоа ќе следува објава на нова јавна набавка и избор на нов изведувач на градежните работи околу Клиничката болница во Штип.
„Требало да биде изградена во 2018-та болницата во Штип, не е изградена. Па требало до 2023 година, до сега во јуни, што помина, требаше да се даде во употреба, не е дадена и јас постапив, го раскинав со сите права кои што ги имаме и ќе ја активирам и банкарската гаранција. Многу сум сериозен во моето делување и јас и тимот, истакна Меџити.
Јорданов: Повеќе години нема никаков напредок во израдбата на болницата
Во изјава за ПИНА снимена кратко пред одлуката на Меџити за раскинување на договорот за штипската болница, градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, рече дека црвениот аларм е веќе подолго време вклучен за граѓаните од Истокот, имајќи предвид дека неколку години по ред нема никаков напредок во доизградбата на Клиничката болница.
„Досега беа променети неколку министри за здравство, но се’ уште нема подобрување во динамиката околу изградбата на новиот Клинички центар. Во новата зграда не се случува ништо, иако веќе помина и една година откако целосно се реши судскиот спор меѓу фирмата изведувач од Грција и Бетон Штип како подизведувач, чиј спор дотогаш беше главното алиби на актуелната власт за моменталното стопирање на градежните активности. Алармот веќе подолго време е вклучен, на Штип и истокот им е потребна нова и современа болница, бидејќи мизерните услови не се хумани ниту за стотиците граѓани кои секојдневно се лекуваат, ниту пак за медицинскиот персонал, кој драстично се одлева во приватните клиники или одлучува да замине на работа во странство“, потенцираше Јорданов за ПИНА.
Директорот на штипската болница, Ален Ѓеорѓијев за ПИНА вели дека дополнителен проблем е дефицитот на медицинскиот кадар, бидејќи дел од лекарите заминуваат во приватните болници, некои од нив во странвство, а други во пензија, па веќе подолго време нивните испразнети места не се пополнуваат во овој регионален центар, кој опслужува околу 250.000 пациенти од два региони.
„Голема е потребата од доизградба на Клиничкиот центар, бидејќи оваа зграда е стара многу децени. Болницата и понатаму има потреба од кадар од сите профили“, кратко прокоментира Ѓеорѓијев за ПИНА, истакнувајќи дека сите информации околу изградбата на Клиничкиот центар ги има Проектната единица при Министерството за здравство.
Во изјава за ПИНА од Министерството за здравство велат дека градбата на болницата ќе продолжи за најмногу шест месеци до кога се очекува да заврши целата процедура околу новиот изведувач на градежните активности.
„Во рок од 42 дена треба да се достави ,,Проект на изведена состојба’’, да се подготви нова тендерска документација и во рок од 30 дена да се објави нова јавна набавка. Поднесени се барања за активирање банкарски гаранции, во износ од шест милиони евра и тие се реализирани. Рокот за изградба бил 30.06.2023, а досега се реализирани само 30 отсто“, кратко изјавија од МЗ за ПИНА.
Инаку, Штипската болница како најголем клинички центар во источниот дел на Македонија се најавува од далечната 2016 година. Оваа регионална болница требаше да биде со површина од 34 000 м2, со 5 нивоа каскадно поврзани. Инвестицијата од 46 милиони евра се однесуваше на изградбата и на опремувањето на болницата со соодветна медицинска опрема и друг ентериер.
Автор: Виктор Вукановски
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА