На почетокот на второто полугодие, останаа предизвиците од почетокот на учебната година, кога учениците се соочуваа со недостиг на учебници, речиси неупотребна вредност на старите бидејќи се искинати, грешки во содржината, како и неможност за прилагодување на новите концепти поради неподготвеноста со материјали.
„Најпроблематични се одделенијата во кои што се спроведува новата Концепција, каде има само делумно, а во некои одделенија и воопшто нема учебници. Во VI одделение нема учебник по ниту еден предмет, туку само материјали за учење, кои се во електронска форма и треба да им служат на учениците до оној момент кога ќе се издадат учебници. Воедно би напоменал дека учебници недостасуваат во сите одделенија. 80% од постоечките учебници кои што се во употреба во предметна настава се искинати и распарталавени, бидејќи тиражите се од пред најмалку десет години. Државата не најде за сходно да обезбеди нови, па така децата во суштина имаат учебници кои и воопшто не се за употреба,” изјави за ПИНА.мк Васко Гичевски, наставник во основно училиште.
Од Министерството за образование, за ПИНА.мк велат дека најголем дел од учебниците за основно образование кои се одобрени за користење од Националната комисија за учебници, биле испорачани пред почетокот на новата учебна година. Додека пак учебниците за трето биле испорачани во септември месец, а се испорачуваат и за шесто одделение.
Заради проблемот со испорака на учебниците, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) одлучи да поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес против МОН.
„МОН ги отфрла сите наводи на Државната комисија за заштита од дискриминација и информираме дека сите активности кои согласно законските прописи се наша надлежност во процесот на обезбедување на учебници, навремено започнуваат и се реализираат. Односно, обврска на МОН е да ги испечати и испорача до училиштата, сите учебници кои ги одобрува Националната комисија за учебници, како посебен орган формиран од Владата. И тоа се спроведува веднаш по добивањето на правосилна одлука за одобрување на секој еден учебник, така што нема никакви доцнења во реализирањето на обврските од страна на МОН.” велат од МОН за ПИНА.мк.
Според наставникот Гичевски до овој момент исполнети се само ветувањата за опремување на училиштата со наставни средства.
„ Замислете ние после низа години добиваме нагледни средства и им се радуваме како да се некое од седумте чуда од цивилизациите на Стариот век, а впрочем се само обични и неопходни нешта за секојдневно работење во училиштата. Во контекст на другото, МОН доцнеше и се уште доцни со изработката на учебниците, упорно се обидува да ја истера концепцијата на некој пат, која со сета нејзина нефункционалност и немањето законски можности да се спроведе предизвика еден хаос во училиштата. Велам незаконски, пред се поради фактот што, Законот за основно образование и Законот за наставници, не познаваат изведување на настава по модули, па тоа направи еден голем проблем во однос на организацијата на наставната работа и финансиското работење на училиштата, кои сега се најдоа зачудени како може еден наставник да има полно работно време и со 18 и со 30 наставни часа и да зема еднаква плата за 18 и за 30 часа. Ова е базична законска неусогласеност, бидејќи веројатно надлежните заборавија дека пред да ја применуваат концепцијата, треба да овозможат законска поткрепа за истата. Во овој момент наставната работа во училиштата се организира според Насоките за организација, планирање и реализација на настава издадени од страна на Биро за развој на образование на 21.06.2023, што само е по себе е смешно и израз на нашата правна култура и знаење каде едно решение за насоки, анулира неколку закони,” додаде Гичевски.
Незадоволството, неретко го изразуваат и родителите, кои новите концепти ги сметаат за грешка бидејќи децата и наставниците не можат да се прилагодат.
„Имам две деца, едното е осмо, а другото е шесто одделение. Детето од шесто одделение нема никакви книги, зошто воведуваат нова програма кога нема услови за тоа. Јас како мајка сум разочарана, „се бара“ знаење а истото нема од каде да се стекне. Наставниците немаат магични стапчиња за секој час да импровизираат нешто ново. Ги осакатуваат постојано, сега нема учебници, претходно беа со грешки или стандардно фалеа страници. Отсекогаш сме копирале, иако образованието е бесплатно и достапно за сите, барем така е според законите,” вели родител за ПИНА.мк
Состојбите во македонското образованието можеби најдобро се огледаат и при тестирањето на ПИСА.
Имено, учениците од Македонија повторно се најдоа во групата држави кои покажуваат најлоши резултати во читање, математика и природни науки според последното ПИСА тестирање од 2022 година, а чии резултати беа објавени на 5 декември 2023 година.
Од вкупно 81 држави, провинции и територии кои беа вклучени во минатогодишното тестирање, Македонија се најде на 62 место во математика, на 72 место во читање и на 69 место по наука.
Последното тестирање покажува драстично назадување во споредба со тестирањето од 2018 година. Во споредба со 2018 година, најмногу пад се забележува во читање (-34 поени) и наука (-33 поени).
Според МОН, лошите резултати од ПИСА тестирањето се последица на влијанието што ковид-пандемијата го остави врз образованието во глобални размери.
Од таму велат дека „резултатите ќе бидат од исклучителна важност за ревидирање на постојните и креирање на идните образовни политики.“
Авторка: Сара Танаскоска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА