Врсничкото насилство тешко се пријавува од учениците

0
134

Искуствата досега, според засегнатите страни, покажуваат дека врсничкото насилство може да се намали само со квалитетни мерки и посветеност од Министерствата, училиштата, институциите но и од родителите. Социјалните мрежи се местото каде младите најмногу се соочуваат со врсничко насилство, покажа спроведената анонимна анкета која ја спроведовме за целите на овој текст, испратена до повеќе од 130 основни училишта низ земјава.

Девојче од седмо одделение било жртва на булинг поради љубомора од нејзините соученички. Ова е едно од сведоштвата кои ги добивме при анкета на вработените во училиштата во врска со врсничко насилство преку социјалните мрежи. Причинините за насилството, според сведоштвото, на почетокот биле непознати, но подоцна се открила причината.

„Жртвата посебно се истакнува по модерната облека, а кај другата најверојатно започнува да се појавува љубомора. Со другарчињата од одделението имале група каде споделувале домашни задачи и тука започнуваат навреди извесен период. Ги забележале нејзините најблиски, потоа се вклучивме и ние од училиште и презедовме мерки“, стои во сведоштвото.

Резултатите од спроведената анонимна анкета за потребите на овој текст покажуваат дека во минатата учебна година, во околу 27 отсто од училиштата кои ни одговорија било забележано врсничко насилство. Анкетата преку електронска пошта беше испратена до официјалните служби на речиси сите основни училишта речиси сите основни училишта низ земјава, а ни одговорија дури 138 од нив.

Во околу 17 проценти од училиштата кои се дел од анкетата не се запознаени дали воопшто имало некаков случај на врсничко насилство а во над 55 отсто од нив немало пријавено ниту еден случај.

 

Но, и таму каде што имало пријави, не сите ученици се охрабриле да го направат тоа. Податоците извлечени од анкетата покажаа дека околу 34 отсто од децата воопшто не се пожалиле во своите училишта дека биле жртви на булинг. Додека пак само мал дел од нив или 8 посто често пријавиле дека биле мета на врсничко насилство. 

Во дел од изјавите имаше и примери како наставниците се обидуваат да се справат со насилството меѓу учениците и навремено да го откријат. Па така еден од вработените во основно училиште, своите ученици ги охрабрувал да пријавуваат насилство преку кутија со анонимни дојави.

„Кутијата функционира одлично во моето одделение, јас сум во тек со настаните, а кога ќе забележам проблем што треба да се реши го пронаоѓам преку ракописот оној кој анонимно ми напишал и започнуваме да го решаваме”, стои во сведоштвото на наставникот.

Психологот Верица Бакулеска за ПИНА вели дека последиците од врсничкото насилство се забележуваат и кај жртвите и кај насилниците, но и кај сведоците на булинг.

„Насилството може да влијае на многу сфери од животот и последиците можат да бидат краткорочни но и долгорочни. Краткорочните последици кај жртвите можат да бидат – намален академски успех, намалена самодоверба, чувство на безвредност, суицидални мисли. На долг рок се соочуваат со проблеми на работа, посттрауматско нарушување,социјална анксиозност или развивање на ментални растројства“, додава Бакулеска.

Против булинг со упатство

Во 2020 година Министерството за образование и наука под водство на Арбер Адеми, донесе Упатство за постапката за пријавување и заштита на ученик жртва на која било од формите на насилство, злоупотреба и занемарување.

Според МОН целта на ова Упатство, е да ја уреди постапката за пријавување и заштита на ученици жртви на која било форма на насилство.

Во Упатството е наведено дека мерките и активностите за спречување на насилството се спроведуваат преку, промена на статутот на училиштето и воведување на интерен  акт за превенција и заштита од насилство, кој мора да биде јавно достапен заедно со Упатството.

Анкетата покажа дека во најголем дел од училиштата или во над 77 отсто од анкетираните ова Упатство се применува а во околу 22 проценти не се применува. Сличен е резултатот и со јавната достапност на Упатството.

Со Упатството, од МОН предвидуваат и организација на обуки за наставници и ученици, најмалку два пати годишно со цел спречување и заштита од насилство.

Според Упатството секој е должен да пријави насилство или сомнеж за насилство над ученик. Директорот на секое училиште е должен да определи контакт лице за пријавување насилство и негов заменик од редот на стручните соработници. 

Нови препораки против булинг

Само неколку години подоцна од обелоденувањето на ова Упатство, МОН најави нови мерки за спречување на врсничкото насилство. Причина за тоа беа настаните во соседна Србија кога 13 годишниот Коста уби осум свои сооученици.

Па така на предлог на Министерството за образование и наука, Владата усвои 10-тина препораки за подигнување на безбедноста во училиштата и за превенирање и справување со врсничко насилство. Од МОН велат дека ваквите  препораки се плод на широка дискусија и изготвени се во консултација со експертската јавност, универзитетски професори и стручните служби во училиштата.

Од Министерството за труд и социјала пак додаваат дека ваквите заклучоци донесени од страна на Владата се однесуваат на заедничка соработка меѓу двете министерства.

„Се препорачува сите основни и средни училишта преку општините да формираат стручни тимови на кои фокус ќе им бидат разговори со секој ученик во училиштето. Се препорачува и организација на состаноци за родителите со цел да им се укаже на законските обврски“, додаваат од Труд и социјала.

Според Бакулеска клучната улога во решавањето на овој проблем, ја имаат родителите но и институциите, а посебно училиштето.

„Класниот раководител би требало да се консултира со училишниот психолог кога ќе забележи дека детето често е вклучено во тепачки, агресивно е или пак, кога кај некое дете ќе забележи антисоцијално однесување. Психологот има право да ги повика детето и неговите родители на разговор и со нив да работи на конкретниот проблем“, рече Бакулеска.

Во Македонија пак покрај институциите, и учениците започнаа да  преземаат одредени иницијативи со цел да се намали врсничкото насилство. Еден од таквите примери е на основците од училиштето Григор  Прличев од Охрид кои снимиле филм во режија, монтажа и сценарио на нивен соученик на тема Врсничко насилство. Филмот е насловен: „Да почнеме од нас“ и во него се прикажани случки од секојдневието.

Поинакви мерки во регионот

За разлика од Македонија, земјите од регионот со врсничкото насилство се справуваат на малку поразличен начин.

Во Србија, Владата неодамна формираше Совет за спречување на врсничко насилство, чија задача е да обезбеди организирање мобилни тимови за спречување врсничко насилство преку протоколи меѓу центрите за социјална работа и други служби, како образовни и здравствени установи и полиција, која итно ќе реагира ако се случи таков вид насилство. Владата донесе и одлука за формирање на Работа група за поддршка на менталното здравје и безбедност на младите како и Работна група за безбедност на децата на интернет, која во наредниот месец ќе го разгледа воведувањето мерки за забрана за пристап до одредени сајтови.

Во Црна Гора пак веднаш по немилиот настан во Србија, Министерот за образование Миомир Војиновиќ, најави измена на правилникот за работа на училиштата и зголемување на бројот на педагози и психолози во училиштата. Исто така по иницијатива на Министерот во Црна Гора се отвори телефонската линија  за пријавување врсничко насилство преку која ќе се пријавуваат сите форми на насилство.

Авторка: Симона Паскоска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА