Малку општински инспектори, многу загадувачи

0
139
Фото: Архива - ПИНА, отпад

Реката Кумановка, која поминува во поширокото градско подрачје на Куманово е полна со отпадоци од текстил, градежен шут, пластика, кои се секојдневна глетка особено на потегот кај булеварот „Октомвриска револуција“. Несовесни граѓани постојано фрлаат смет во реката. Граѓаните реагираат дека нема кој да го санкционира ваквото однесување.

Фото: Река Кумановка, Куманово

– Три пати во текот на една недела пријавив до инспекција дека граѓанка фрла ѓубре во реката, еднаш излегоа на терен и само констатираа дека има ѓубре, ниту еднаш не ја пронајдоа жената која фрлаше облека директно во реката, вели Габриела Д., кумановка која живее во зграда во близина на реката.

Сведок е на речиси секојдневно фрлање на отпадоци. Од инспекцијата неколку пати и кажале дека нема кој да излезе на терен, затоа што малкуте инспектори веќе се на терен и испитуваат посериозни загадувања направени од компании.

Ужасно ѝ пречи што реката е нечиста и смета дека Куманово не го заслужува тоа. Таа вели дека млади парови веќе почнале да размислуваат за селење од државата, бидејќи е нечиста и загадена.

Фото: Река Кумановка, Куманово

Нејасно ѝ е зошто се трошат пари за чистење на река, депонии, кога проблемот се повторува и не може да разбере зошто се решава парцијално, не и суштински.

Куманово како најголема општина во државата има буџет од 9.850.000 денари за заштита на животната средба, како што се управување со отпад, заштита на почвата, воздухот, водата

Од 18 лиценцирани инспектори, од кои тројца се за заштита на животна средина. Освен редовни, вршат и вонредни надзори по налог на раководител, градоначалник и по службена должност ако забележат неправилности. Тие прифаќаат и видеа и слики од граѓаните.

– Доколку станува збор за анонимен пријавувач не е можно да се извести подносителот, но ѝ покрај овие законски одредби ние ги процесуираме сите анонимни пријави. Во овој случај не постои комуникација помеѓу инспектор и подносител и подносителот не може да биде информиран за текот на постапката или за проблемот кој настанал во текот на постапката, вели раководителот на секторот за инспекциски надзор од општина Куманово, Бобан Бојковски.

Малите општини како Крива Паланка имаат уште посериозни проблеми и уште поголем недостиг на инспектори. Раководителот на одделението за инспекциски надзор, Бранко Велиновски, вели дека има четири општински инспектори од кои еден за животна средина.

– Според мое мислење за општините од северо-источниот плански регион би бил доволен Регионален инспекторат од пет инспектори за животна средина и тоа еден за Крива Паланка, Ранковце и Кратово, еден за Липково и Нагоричане и тројца за Куманово од кои еден би бил раководител на овој Регионален инспекторат за животна средина, вели Велиновски.

И тие прифаќаат видеа и фотографии, но ги анализираат, кој ги праќа, дали масовно се споделуваат во локалната заедница. За него е важна мотивацијата за инспекторите особено за време на празници и викенди кога се регистрирани најчестите загадувања.

Во државниот Инспекторат за животна средина има 25 инспектори од кои 18 за животна, три за заштита на природата и четворица водостопански инспектори.

– Согласно систематизацијата има 53 места од кои се пополнети 29. Само за инспектори има систематизирано 40 места, пополнети се 25. Постои европска пракса врз основа на која се калкулира број на инспектори и административни вработени согласно повеќе параметри пред сè согласно субјектите на надзор и ДИЖС ја применува истата при подготовка на систематизацијата, велат од ДИЖС.

Граѓаните се жалат дека дел од инспекторите во општините не можеле да излезат на терен затоа што имало недостиг на инспектори и одредени горливи прашања од животната средина останале нерешени. Од инспекторатот потврдуваат дека е преполовен капацитетот на општинските инспектори.

– Има такви претставки пред сè поради преполовениот капацитет на општините. Од 80+1 општина, околу 50 проценти имаат општински инспектори за животна средина, велат од ДИЖС

Од инспекцискиот совет, пак, велат дека се задолжени за работата на државниот инспекторат, не и за општинскиот. Последнава година до Инспекцискиот совет не била поднесена ниту една претставка против работата на државен инспектор за животна средина.

Од советот ги повикаа граѓаните кои сакаат да пријават загадување и несоодветно реагирање од општинските и државните инспектори да поднесат претставки до Инспекцискиот совет по писмен пат во архивата и по електронски пат.

Европската комисија во извештајот за напредокот на Македонија за 2022 година наведува дека земјава во однос на областа животна средина остварила напредок, но нотира недостаток на човечки финансиски капацитет. Препораките се однесуваат на подобрување на меѓусекторска координација, подобрување на слабиот административен капацитет, поголема транспарентност. 

Ова го потврдуваат и службите кои додаваат дека недостигаат од еден до тројца инспектори во речиси сите поголеми центри во државата, додека во руралните општини речиси и да нема инспектор кој исклучиво ќе се занимава со загадување.

Додека не се исполнат препораките, граѓаните ќе споделуваат фотографии и видеа на социјалните мрежи, дежурните критичари ќе негодуваат, Кумановка ќе остане „течна“ депонија.

– Јас како совесен граѓанин пријавувам редовно, ама нема некоја посериозна реакција. Не велам дека службите не се трудат, едноставно се малку на број, вели Габриела.

Авторка: Александра Максимовска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА