Родово базирано насилство во дигиталниот свет: Circulus vitiosus на офлајн насилството и патријархатот

0
235

Насилството врз жените и девојчињата без разлика дали се случува онлајн или офлајн  претставува најсериозна форма на родово базирана дискриминација. Кога се случува во  сајбер просторот, најчесто е поврзано со традиционалните форми на родово базираното  насилство и го има истиот механизам на патријархат како и формите во физичкиот свет.  Истото е резултат на пресликувањето на родовите и социјални разлики и родовата  нееднаквост од физичкиот во дигиталниот свет. 

EIGE (2019) во студија во Британија за сајбер демнење дошла до заклучок дека 54% од  онлајн демнењето вклучувало и средби и во физичкиот свет (EIGE, 2019). Повеќе од една  третина од жените во светот биле вознемирувани онлајн, а 50% од нив биле помлади  жените (EIGE, 2019), додека 58% биле вознемирувани во дигиталниот свет. Половина од  нив биле почесто вознемирувани онлајн, отколку на улиците (Plan International, 2020). Во  студија на Амнести интернешнл, 46% од жените биле вознемирувани онлајн, а актите биле  со мизогина и сексистичка содржина (Amnesty International, 2017). 

Сајбер насилството вклучува „употреба на компјутерски систем за да се предизвика,  олесни или да се закани со насилство на друго лице што може да резултира со физичка,  сексуална, психичка или економска повреда или страдање, и може да вклучува  експлоатација на околностите, карактеристиките или ранливоста на лицето“ (Council of  Europe, 2018: 5). 

Сајбер насилството врз жените вклучува акти на родово базирано насилство сторено  директно или индиректно преку информациските и комуникациските технологии што  резултирало или би резултирало со физичка, сексуална, психичка или економска повреда  или страдање на жените или девојчињата, вклучувајќи и закани за такви акти, без разлика  дали се случуваат во јавниот или приватниот живот или ограничување на нивните права и  слободи. Сајбер насилството врз жените не е ограничено на, но вклучува непочитување на  приватноста, демнење, вознемирување, родово базиран говор на омраза, споделување на  лични содржини без дозвола, сексуална злоупотреба со фотографии, хакирање, кражба на  идентитет, директно насилство. Сајбер насилството е дел од процесот на насилство врз  жените; не постои во вакуум, туку се состои од повеќебројни форми на онлајн и офлајн  насилство (European Commission, Advisory Committee on Equal Opportunities for Women and  Men, 2020). 

Родово заснованото насилство во дигиталниот свет вклучува различни форми на  девијантно и/или криминално однесување, како што е говорот на омраза (најчесто со  мизогина содржина, сајбер демнење, онлајн сексуално вознемирување, други форми на  сајбер вознемирување, сајбер булинг, онлајн сексуална злоупотреба, итн. (Henry & Powell,  2014). 

Онлајн формите на родово базираното насилство следуваат или се претходници на  формите кои се случуваат „традиционално“ во физичкиот свет, но последиците се  подеднакво важни и тешки како и кај другите (McGlynn, Rackley & Houghton, 2017, p.36).  Сајбер насилството претставува уште една форма на злоупотреба на жените и девојките, форма која е резултат на социјалната структура и односите на моќ. „Насилните акти кои  се случуваат преку технологијата се интегрален дел на истото насилство кое жените  и девојките го доживуваат во физичкиот свет, поради причини поврзани со нивниот  род“ (GREVIO, 2021). 

Злоупотребата која е помогната од технологијата се користи како средство за да се  замолчат индивидуите и да се ограничи слободата на говор и борбата за човековите права.  Во многу случаи, жените кои се на јавни и политички функции се цел на кампањи на  дезинформации, со намера да бидат дискредитирани, понижени, заплашени и замолчени  во нивниот јавен живот (DCAF, 2021: 9). 

Powell and Henry (2017) зборуваат за сексуалното насилство во дигиталниот свет како  „технолошки потпомогната сексуална злоупотреба“ и го дефинираат како секој акт каде  информациската и комуникациската технологија се користат „да ја олеснат или продолжат  сексуалната и родово базирана повреда на жртвите“ (Powell & Henry, 2017, p.205). Овие  термини и дефиниции овозможуваат пошироко сфаќање на родово базираното насилство  во дигиталниот свет. Се работи за концепт кој се однесува на криминално или друг тип на  однесување кое е сексуално агресивно и вознемирува, а е сторено со помош или употреба  на технологијата (Powell & Henry, 2017). 

Со развојот на технологијата, феминистичките студии за технологијата и општеството ја  анализирале родовата природа на технологијата (Bimber, 2000). Нивните заклучоци биле  многу оптимистични, објаснувајќи дека технологијата дава можности за да се изгради „свет  без родови“ (West & Zimmerman, 1987; Butler, 1990). Од друга страна, другите правци на  феминизмот тврделе дека технологијата е родово структурирана, бидејќи луѓето во неа се  најчесто мажи, потоа популарните и културни слики се поврзани со „хегемонистичката  машкост“, знаењето и праксата во технологијата се родово поделени, па така дигиталниот  свет стана само една алтернатива на традиционалните хиерархиски родови односи од  физичкиот свет. 

Wajcman (2004) зборува за техно-феминизам, користејќи го терминот за да ја објасни  врската меѓу родот и технологијата, каде и двете се извор и последица на родовите односи  и обратно (Wajcman, 2002, p.356; Wajcman, 2004). Технологијата не е неутрална, туку е дел  од структурата и претставува уште еден аспект на општеството (Ito & Okabe, 2005). 

Технологијата не е средство за извршување на кривични дела или сила која ја промени  феноменологијата на криминалот, туку алтернативен и/или паралелен свет каде родовите  односи се репродуцираат, а уште полошо, насилните култури и сексуалното насилство се  копирани и исто така постојат. 

Со развојот на технологијата, правото се обидува да биде во чекор со новите можности на  дигиталниот свет. Постојат многу различни пристапи во откривањето и инкриминацијата на  новите/стари форми на родово базирано насилство во сајбер просторот. Најголемите  предизвици во новите правни акти е да бидат опфатени последиците поврзани со тие  дејствија, но и да се овозможи помош и поддршка на жртвите, да се откријат и  санкционираат сторителите, пред се тие кои се лоцирани на друго место, во јурисдикцијата  на друга земја или ако успеале да ја сокријат својата IP адреса. Идните предизвици се  поврзани и со Интернет провајдерите, пред се кога станува збор за социјалните мрежи или  апликациите за паметните телефони, затоа што истите решаваат да не соработуваат со  полицијата. Кога тоа ќе се случи, доаѓаме до уште поголема пречка за собирање докази и  правда за жртвите (Powell & Henry, 2016).

Дополнително, притисокот за регулирање и децентрализација на големите технички  компании, може да биде злоупотребено од страна на Владите кои ги ограничуваат правата  на корисниците, цензурираат, набљудуваат и манипулираат. Најдоброто решение е да  постои законска рамка која би била во согласност со меѓународните документи и  принципите за човекови права (Freedom House). 

Уште еден предизвик е феноменот на обвинување на жртвите, заедно со последици како  што психички повреди, штета на развојот на кариерата, инвазија на приватноста,  повлекување од јавниот живот, итн. Обвинувањето на жртвите кое се случува секојдневно  ги прави жртвите да не ги пријавуваат случаите на полицијата, а во случај да пријават,  државните органи да не им веруваат. Поради оваа ситуација, фокусот би требало да е  насочен и кон спречување на ваквите криминални дејствија, но и на сензибилизација на  полициските службеници кои работат на тие случаи, како и на губење на предрасудите во  ваквите случаи. 

Во Република Северна Македонија статистичките податоци се спорадични и се уште не  постои систематски начин на следење на овие кривични дела. Тоа значи дека не постојат  истражувања на димензиите на родово базираното насилство во дигиталниот свет. Се  уште не постои анализа на насилството врз одредени групи жени, како што се постарите  жени, сексуалните работнички, LBTI жените, жените во руралните средини, жените  мигрантки, жените од етнички малцинства, жените со одредени попречености, итн.,  односно социјалните групи жени кои се повеќе ранливи на интерсекциска дискриминација  и злоупотреба (GREVIO, 2023: 29). 

Во истражување на ОБСЕ од 2019 година за родово базираното насилство, 7% од жените  биле жртви на демнење од страна на непознато лице (53%) или интимен партнер (30%).  Кај 48% процесот на демнење траел неколку месеци, а покрај што се случувал во  физичкиот свет, жртвите добивале и телефонски повици, СМС пораки, електронска пошта,  како и пораки на социјалните мрежи (OSCE, 2019: 34-35). 

Родовите стереотипи за традиционалните родови улоги се значително присутни во  Северна Македонија. Жените најчесто се поврзуваат со домашната работа и обврски,  грижата за децата, а многу поретко со професионалната кариера. Ова значи и поретко  учество на жените во културата, спортот, како и другите активности (Stanojoska, 2023: 110).  Она што уште повеќе загрижува е фактот што „македонското општество е толерантно  кон насилството врз жените, сметајќи го за „нормално“ или „секојдневно“, како дел од  традиционалната култура во општеството“ (AIRE, 2023: 39). 

Република Северна Македонија ја ратификува Истанбулската конвенција во 2018 година,  која е можеби и моментално најдобриот меѓународен документ кој се однесува на родово  базираното насилство. Првиот поважен чекор во имплементацијата на обврските е  донесувањето на Законот за превенција и заштита од насилство врз жените и семејно  насилство (Службен весник на РСМ, 24/21), како и Акциониот план за имплементација на  Истанбулската конвенција. Подоцна, беа променети и други релевантни закони, за конечно  во 2023 година да се случат измените на Кривичниот законик (Службен весник на РСМ,  36/23). Овие измени вклучија важни измени на инкриминации опфатени со Конвенцијата;  вклучувајќи корекција на дефиницијата за силување и полов напад; вклучување на родово  базираното насилство како посебен фактор за убиство; криминализација на демнењето,  сексуалното (полово) вознемирување, и женско генитално сакатење (обрежување)  (GREVIO Report, 2023).

Пред инкриминациите во Кривичниот законик, поврзани со родово базираното насилство,  во Северна Македонија, многу жени и девојки биле жртви на овој феномен во сајбер  просторот, во случаите Јавна соба и Јавна соба 2, како и во други случаи кога фотографии  и видеа од жени и девојки биле споделувани без нивна согласност. 

Она што во моментот треба да се направи е фокусот да биде насочен од една страна кон  институциите преку повеќе анализи и истражувања на овој вид насилство, затоа што првиот  чекор кон превенција и спречување е познавањето на феноменологијата на криминалното  однесување. Понатаму, подобра законска рамка, што бара и доколку е потребно нови  инкриминации, затоа што дел од одредени однесувања се уште не се опфатени со  измените на КЗ; потоа подобра соработка со Интернет платформите и социјалните  медиуми; како и сензибилизација на полициските службеници и останатите субјекти во  процесот на кривична правда. Од друга страна, фокусот треба да биде ставен и на жртвите,  преку стратегии и кампањи поврзани со детекција и пријава на содржини кои не ги  почитуваат правилата на однесување на Интернет платформите и не ја почитува нивната  приватност; развивање ресурси за поддршка и помош на жртвите, што би вклучувало  бесплатна правна помош, медицинска помош и психо-социјална помош и поддршка; но и  развој на стратегии за превенција преку образовни кампањи на работните места и во  училиштата, во насока на заштита од насилство во сајбер просторот, но и кон  идентификација и промена на општествените норми и културните практики кои ги  стигматизираат и ре-виктимизираат жртвите на родово базираното насилство во сајбер  просторот. Ваквата детекција и промени би требало да ги насочат тие норми и практики кон  сторителите, затоа што вината треба е нивна, а не на жртвите.

Авторка: вон. проф. д-р Ангелина Станојоска 

Овој есеј/напис е дел од Публикацијата: Надвор од екранот: Разоткривање на дигиталното родово насилство низ критички осврт објавена од Мрежа Стела во рамки на проектот „Кога дигиталното родово-базирано насилство излегува надвор од екранот” поддржан од Швајцарската Влада во Република Северна Македонија.