Најновото истражување на Советот за човекови права на Обединетите нации – Климатските промени и сиромаштијата укажува дека состојбата со негативните влијанија на климатските промени е алармантна.
Последица на климатските промени се сѐ позачестените топлотни бранови, сушите, поплавите, ерозијата на земјиштата, обилните дождови, снежните бури, како и непредвидливите временски услови.
Со цел да дознаеме кои се главните предизвици и влијанија од климатските промени во Македонија, какви чекори презема државата, но и до каде е носењето на Законот за климатска акција, ПИНА разговараше со државниот советник во Министерството за животна средина и Национален координатор за климатски промени Теодора Обрадовиќ Грнчаровска.
Кои се главните предизвици и влијанија од климатските промени со кои Македонија моментално се соочува или се предвидува да се соочи во иднина?
Климатските промени се најголемиот глобален предизвик кој не познава граници, а со кој се соочува светот, и за чие решавање неопходна е заедничка стратешка акција на владите од целиот свет.
Од анализата на климатските проекции кои се обработени во Четвртиот национален план за климатски промени (февруари 2023), Северна Македонија е особено ранлива на климатските промени. Се очекува дека земјава до крајот на векот ќе има потопла и посува клима, со зголемување на екстремите на високите температури и намалување во екстремите на ниските температури. И покрај проекциите за посуви услови, се очекува зголемување во настаните на екстремни врнежи, што дава резултат на зголемен ризик од поројни поплави. Во летниот период, се проектира зголемување на бројот на последователни суви денови, што ќе води до почести суши. Климатските проекции покажуваат дека овие климатски екстреми, вклучувајќи суши, поплави и топлотни бранови, ќе се зголемат по фреквенција и големина во иднина.
Ваквите промени во климата негативно ќе се одразат врз најранливите сектори: водните ресурси, земјоделството (растително производство, почва и сточарство), шумарството и биодиверзитетот.
Со цел намалување на негативните влијанија на климатските промени, неопходни се политики и мерки на адаптација. Процесот на адаптација бара одлична меѓуресорска соработка во имплементација на идентификуваните политики и мерки, што пак од друга страна е поврзано со градење на административни и технички капацитети, како и потреба од значителни финансиски средства.
Какви чекори презема Македонија за исполнување на целите поставени со Парискиот климатски договор?
Македонија го ратификуваше Парискиот договор во јануари 2018 година, со следниов иницијален придонес во глобалните напори за намалување на емисиите на стакленички гасови: „Да се намалат емисиите на CO2 од согорувањето на фосилните горива за 30%, односно за 36% на повисоко ниво на амбиции, до 2030 година во споредба со вообичаеното сценарио (BAU).
Подоцна, во април 2021, Владата го донесе ревидираниот национален придонес со следното ниво на амбиција:
Во 2030 година, 51% намалување на емисиите на стакленички гасови во споредба со нивоата од 1990 година, или изразено во нето емисии, во 2030 година, намалување од 82% во споредба со нивоата од 1990 година. Засилениот придонес е фокусиран на областа за ублажување, со визија да ја вклучи компонентата за адаптација во следните поднесоци, откако ќе се подготват и усвојат релевантните национални стратешки и плански документи од оваа област.
Главните компоненти на подобрувањето на националениот придонес се реализираат во следните области: амбиција за ублажување, имплементација и комуникација. Дополнително на овие цели, беа вградени и резултатите од анализите на потенцијалот за намалување на емисиите на стакленички гасови во неенергетските сектори, односно анализирани се вкупно 63 политики и мерки за ублажување во следните сектори: Енергетика (вклучително: набавки на енергија, домување и неодредени, индустрија, транспорт); Земјоделство, шумарство и друго користење на земјиштето (FOLU), Отпад и дополнителни мерки (т.н овозможувачи на мерки за ублажување).
Со усвојувањето на Долгорочната стратегија за климатска акција со Акцискиот план, државата ги постави своите долгорочни цели и визија. Долгорочна визија е Република Северна Македонија до 2050 година да биде просперитетна економија со ниска содржина на јаглерод, која следи одржливи и климатски отпорни патеки за развој, ја подобрува конкурентноста и промовира социјална кохезија преку акција за борба против климатските промени и нејзините влијанија.
Долгорочна цел што го квантифицира придонесот на Северна Македонија во глобалните напори е намалување на националните нето емисии на стакленички гасови (вклучувајќи шумарство и друго користење на земјиштето и со исклучок на емисиите од увозот на електрична енергија и воздухопловството) од 72% до 2050 година во споредба со нивоата од 1990 година (или намалување на емисиите на стакленички гасови за 42% за 2050 година во споредба со 1990 година, со исклучок на емисиите од секторите шумарство и употреба на земјиште и увоз на електрична енергија и воздухопловство) и зголемена отпорност на општеството, економијата и екосистемите на Северна Македонија на влијанијата на климатските промени.
Кои се главните предизвици или пречки со кои се соочувате во спроведувањето на политиките за климатски промени во Македонија? Како Министерството се справува со овие предизвици и обезбедува напредок?
Предизвиците со кои се соочува државава се од различна природа, од несоодветни технички, финансиски и човечки капацитети, па се’ до предизвици поврзани со имплементација на мерките за намалување на емисиите на стакленичките гасови и справувањето со негативните влијанија од климатските процеси.
Приемот во Европската Унија е приоритет за Република Северна Македонија. Во областа климатска акција истото ќе побарува првенствено преструктурирање и адаптирање на институциите кон барањата на европското законодавство, односно премин од проектен кон институционален сеопфатен одговор. Овие предизвици се нотирани во повеќе извештаи за напредокот и за истите се направени акциски планови.
Исто така, нотиран е и исклучителниот експертски капацитет кој е ставен во функција на овозможување на научна основа з креирање мудри и климатски подобни политики.
Останува на општеството во целина да ги приоретизира овие предложени политики, мерки и кации, бидејќи поголем дел од нив се мерки со двоен и троен бенефит (се со негативни трошоци и се со потенцијал за креирање на зелени работни места).
Да не го заборавиме и најбитниот момент, дека имплементирањето на мерките се и со позитивни ефекти врз здравјето на луѓето.
Претстои донесување на Законот за климатска акција, кој ќе ги постави, меѓу другото, правните основи за структуриран одговор, но и исполнување на многуте обврски за известување и изработка на прецизни анализи и пресметки.
Предизвик ќе биде и адаптирањето на индустријата од поедините сектори за извоз на производи во ЕУ со помал јаглероден отпечаток.
Она што особено би скала да го истакнам е слухот и отвореноста на министерството да ги ислуша и артикулира во што поголема мерка сите барања и очекувања на различни засегнати страни, но, првенствено, водено од знаењето за идните побарувања на Европското законодавство.
Како може секој од нас да се активира и да придонесе за подобро справување со климатските промени?
Секој од нас, односно сите заедно треба да направиме промени во нашето однесување со цел да ги намалиме нашите влијанија врз животната средина, а со тоа и негативните влијанија од климатските промени.
Промените би вклучувале: – порационално користење на ресурсите, енергијата и водата – контролирање на потрошувачката на електричната енергија во домовите преку исклучување на уредите кога не се потребни, избегнување прекумерно загревање/ладење на просториите во кои се престојува, намалување на потрошувачката на вода, особено да не се врши полевање на јавни површини со квалитена вода за пиење, како и да се намалат загубите на вода и енергија,
– користење на обновливи извори ( енергијата од ветерот, сонцето, геотермалната енергија и водата). Онаму каде е финансиски исплатливо, за загревање на санитарната вода во домот може да се користи сончевата енергија преку инсталирање на сончеви панели, кои сончевата енергија ја претвораат во топлинска и ја загреваат санитарната вода. На ваков начин освен што се заштедува електрична енергија, се користи сончевата енергија која е бесплатна и не придонесува кон емисија на стакленички гасови.
– користење на алтернативен (велосипед, тротинет, пешачење) и јавен превоз до степен до кој е можно наместо автомобил, како и намалување на создавањето на отпад и негова реупотреба до степен до кој е можно, задолжително селектирање на создадениот отпад, итн.
Колку е важна едукацијата на населението со цел успешно справување со климатските промени?
Едукацијата на населението е од извонредна важност со цел препознавање на климатските промени и успешно справување со нив. Истражувањата и анализите извршени во формалното образование покажаа дека е постигнат одреден степен на развој во однос на наставата за климатските промени во образовниот систем во Северна Македонија, особено во основното и средното образование. Сепак, вклучувањето на оваа содржина во формалното образование е сегментирано по одделни предмети, без холистички пристап. Важни препораки кои ќе придонесат за подобрување на климатското образование и зголемување на климатската писменост содржат вклучување на образованието за климатски промени во клучните стратешки документи од Владата, како долгорочна цел исклучена од политичките дискусии и усогласување помеѓу образовните иницијативи и политиките за одржлив развој. Истото е содржано и во нацртот на Законот за климатска акција.
Во однос на јавната свест, можеби е релевантно да се спомене истражувањето спроведено во 2021 година од страна на УНДП и МЖСПП. Тие спроведоа електронско истражување за да ги добијат најновите податоци за перцепцијата и нивото на јавната свест за климатските промени. Истражувањето покажа дека како најголем социјален проблем на прво место е ставен недостатокот на чиста вода, а потоа климатските промени. Околу 11% од испитаниците сметаат дека не се доволно информирани за различните влијанија и последици од климатските промени, а 27% изјавиле дека не се информирани како можат да се прилагодат на климатските промени. Резултатите се искористени за развој на активностите на кампањата и стратегијата за известување за климатските промени.
На каков начин се едуцира населението во нашата држава на оваа тема?
Земјата беше меѓу седумте пионери во светот што ја вклучи Акцијата за климатски промени во рамките на Акцискиот план за Отворено Владино Партнерство (ОВП), потврдувајќи ја на тој начин својата посветеност, со што постави, на нововоспоставениот портал за отворени податоци, што е можно повеќе отворени збирки податоци релевантни за климатските промени. Министерството за информатичко општество и Администрацијата (МИОА) создаде и портал за отворени податоци на централната власт, каде што сите државни институции ќе ги направат достапни за јавноста сите свои збирки на отворени податоци без никакви трошоци. Со ова на корисниците им се овозможува преку една точка да пристапат до сите отворени јавни податоци. Веб-страницата за климатските промени е добар основен чекор кон централизирано знаење и негово пошироко споделување, преку достапност до сите национални извештаи, планови, стратегии како и информации и новости поврзани со климатските промени.
Граѓанските организации кои работата во доменот на животната средина преку нивните делувања и јавни кампањи исто така придонесуваат за споделување на сознанијата поврзани со климатските промени и едукација на населението.
Зошто толку долго се чека на усвојување на Законот за климатска акција и кога може да се очекува да се усвои?
Основна причина е динамиката со која се менува европското законодавство и беа потребни измени и дополнувања во текот на самото работење.
Исто така, се вршеа многу консултации со ЕУ, Енергетската заедница и со домашните компании за моделот и методологијата на пресметка во однос на јаглеродната такса, која треба да се воведе на начин да помогне на државата и на одредени компании од одредени области да ја реализираат оваа идна обврска на најдобар начин, а да се избегне двојното оданочувње.
Законот за климатска акција е во нацрт верзија и истиот беше достапен до јавноста преку поставување на платформата ЕНЕР во периодот декември 2022-февруари 2023. Во периодот февруари – март 2023 одржани се јавни расправи во неколку наврати. Една од расправите беше наменета на претставниците на граѓанските организации, а дополнително беше организирана јавна расправа наменета за претставниицте на засегнатите индустрии, локалните самоуправи и други национални институции, консултантски компании и сл. Сите засегнати страни имаа на располагање период за проучување на нацрт Законот и доставување на забелешки и коментари, а најрелевантните се земени во предвид и вградени во ажурираната верзија на нацрт Законот.
Во следниов период се планира финализирање на Законот, по што би се доставил до Владата на усвојување, кое се очекува до крајот на 2023 година.
Зошто ваквиот закон е потребен и што ќе донесе неговата имплементација?
Законот е потребен не само како обврска за усогласување на националното законодавство со она од ЕУ, туку се очекува да придонесе кон олеснување на спроведувањето на стратегиите, плановите, политиките и мерките за исполнување на националните цели и долгорочните обврски за намалување на емисиите на стакленичките гасови во согласност со Законот за ратификација на Договорот од Париз.
Со Законот (меѓу останатото) ќе се воспостават механизми за мониторинг и известување неопходни за комплетно известување и верификација на информации за антропогени емисии на стакленички гасови по извори и отстранување преку апсорбенти; рамка за политики, планирање и административни мерки неопходни за да се намалат емисиите на стакленички гасови од изворите на ниво што се смета за научно неопходно да се овозможи адаптација на најранливите сектори кон климатските промени; воведување на јаглеродна такса.
Сето ова води кон обезбедување на правна сигурност на инвеститорите и искористување на можностите за економски развој, поттикнување на инвестициите, отворање нови работни места и социјална кохезија.
Авторка: Христина Стефановска