Ивановска: Секој функционер за кого државниот ревизор дал негативно мислење на финансиските извештаи, треба веднаш да биде разрешен

0
640

Претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска во интервју за ПИНА вели дека секој носител на јавна функција, за кого Државниот ревизор дал негативно мислење на финансиските извештаи, треба веднаш да биде разрешен. Според неа, кај функционерите недостасуваат трите клучни елементи за искоренување на корупцијата – свест, волја и упорност.

Ивановска во интервју за ПИНА вели дека според нивните сознанија, ОЈО досега постапува по 16 нивни предмети, девет биле отфрлени, а за 10 сѐ уште не добиле одговор.

ПИНА: Генералната слика тешко се менува. Корупцијата го подрива секој аспект од нашето живеење. Има ли надеж дека ќе се подобри состојбата со корупцијата во државава?

ИВАНОВСКА: Постоењето на корупцијата во државата е резултат на ризични фактори кои ја поттикнуваат оваа корупција. Сѐ додека има услови тие да постојат, ќе постои и корупцијата. Кога тие ризични фактори ќе се намалат, тогаш нема да има корупција. Односно, ќе биде сведена на некое контролирано ниво. Кои се ризичните фактори? Повеќе пати сме ги истакнале, работевме на Националната стратегија за борба против корупцијата, испитувавме ризици на институционално ниво, меѓутоа, генерално ризичните фактори коишто ја подгреваат корупцијата во државата се силното политичко влијание во сите сфери, понатаму отсуството на интегритет, понатаму, неказнивоста, односно, невладеењето на правото, недоволната транспарентност и ред други. Меѓутоа, овие се најсилните фактори коишто делуваат, за да постои корупцијата. Кога ќе бидеме спремни овие фактори да се намалат, тогаш ќе се намали и корупцијата. Еве, да се задржиме на првиот фактор – силното политичко влијание. Значи, ова влијание е присутно насекаде, сакате во системот на вработувања, сакате во јавните набавки, коишто ние во Националната стратегија ги ставивме во хоризонтални области, понатаму, сакате во оние служби коишто треба да го спроведат законот, Инспекција, Полиција, Царина итн. Видете ги анкетите каде е најмногу изразена корупцијата и веднаш ќе ви биде јасно зошто тоа е така. Понатаму, и во Националната стратегија дадовме препорака, често и во јавноста кажуваме дека Законот за висока раководна структура е неопходен заради тоа што е потребно институциите да ги водат професионални кадри, а не партиски кадри. Тоа е клучното. Затоа што партиските кадри коишто досега, во изминатите 30 години ја водат државата ја доведоа до ова ниво. Бидејќи влијаат на процесот на вработување во институцијата, на процесот на вработување, односно, влијаат на непрофесионално однесување на луѓето коишто се во институцијата. Значи, сето тоа треба да се промени. Како ќе се промени? Само со јакнење на свеста на луѓето и јакнење на интегритетот на граѓаните. Односно, создавање на еден систем којшто ќе биде отпорен на корупција. Едноставно, луѓето да бидат свесни дека вредат многу повеќе отколку за тоа ситно што се продаваат.

ПИНА: Познато е, и Вие сте предупредувале досега, меѓутоа, и членови на претходни состави на Државната комисија за спречување на корупцијата дека Јавното обвинителство не ги истражува предметите коишто Антикорупциската комисија ги има. Досега беше назначено лице од Јавното обвинителство што треба да комуницира со вас. Како оди оваа комуникација? Дали има промена во начинот на комуникација помеѓу Антикорупциска и Јавното обвинителство?

ИВАНОВСКА: Па, ние навистина се трудиме да ја подобриме соработката со Јавното обвинителство и морам да кажам дека и од таа страна има позитивни сигнали за тоа. Се договоривме дека кога ќе имаме потреба, кога ќе се работи за некои посложени предмети, за истите да разговараме со обвинителите. Едноставно, да ја доближиме сликата којашто ние сме ја истражиле, сме ја откриле, анализа или што и да е. Така што, во таа насока навистина има подобрување. Сега, реално очекуваме да има ефект од оваа соработка. Податоците покажуваат дека во изминатиот период од нашево функционирање како Комисија имаме 35 Иницијативи доставено до Јавното обвинителство, за 10 немаме одговор, девет се отфрлени, а по 16 имаме сознанија дека се постапува. Така што, реално очекуваме да има ефект од постапувањето на обвинителите по нашите Иницијативи.

ПИНА: Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија, но и дел од новинарите во изминатите години често регистрирале наводи на можна корупција, особено во трошењето на јавните пари. Колку сметате дека има одговорност за тоа како се трошат јавните пари и колку се гради добро владеење?

ИВАНОВСКА: Сметам дека не постои доволно отчетност и одговорност на носителите на јавни функции за потрошените јавни пари. Видете, функцијата на Државниот завод за ревизија е токму тоа, да го види наменското и законското трошење на државните пари. Секаде онаму кадешто Државниот ревизор ќе изрази негативно мислење во однос на усогласеност на финансиските трансакции со законска регулатива, тоа значи дека тоа лице коешто ја раководело таа институција под итно треба да се разреши. Значи, веднаш. Не знам како да објаснам. На толку многу наоди, на толку многу извештаи, и пак некој да се прави наглув. Не можам да разберам, навистина. Бевме во Италија, видовме пример како функционира таму. До државниот ревизор, од една страна седи јавен обвинител, од другата страна судија. Нема чекање. Тоа што го наоѓа ревизорот го проследува обвинителот до судијата, судијата пресудува и тоа е тоа. Не само што е разрешен, во Италија се плаќа и надомест на штета за нанесена штета на угледот на институцијата, лицето треба да плати. Значи, многу се поригорозни во тој дел. Кај нас секогаш тука партиите ги покриваат работите и повторно ние сме на исто. Сите се ОК, законите не чинат. Не е точно дека до толку не чинат законите. Точно е дека има во законите има намерно ставено некои двосмислености на зборовите итн. Меѓутоа, ако човек има чесна намера ќе го примени онака како што треба, а не како што би можело да се сфати. Така што, многу е битна намерата на носителите на јавни функции, која е намерата, дали им е нешто да исправат, да поправат, да придонесат за државата или пак, само за себе и за својот личен интерес и за својот партиски интерес.

Автор: Даниел Василев

  • Видеото е изработено во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА