Нефункционалниот јавен превоз го отежнува пристапот до факултетите и училиштата

0
73
Фото: PINA.mk

Нефункционалниот јавен превоз им создава главоболка на студентите и учениците, кои најчесто се возат со автобуси за да стигнат до факултетите и до училиштата. Посебно се отежнува пристапот до образовните институции, особено за студентите кои на располагање имаат една автобуска линија.

Поради проблеми со функционирањето на јавниот превоз доцнат или не стигаат на предавања и на испити. Исто така, многу време им треба и по завршувањето со обврските, за да стигнат до дома.

Намалениот број на линии, гужвите и нередовноста на автобусите, се најчестите проблеми за младата популација, врзани за јавниот градски превоз.

Студентките Марија Тодоровска и Анастасија Стојчева за ПИНА.мк велат дека се случува автобус воопшто да не дојде, а и во оние кои ќе дојдат, најчесто има гужви и нема место за стоење.

Со нив се согласуваат и други студенти, кои исто така ги прашавме за проблемите со јавниот превоз, а кои велат дека дел од автобусите кои сообраќаат ги оставаа граѓаните на половина пат поради неисправност.

„Веќе сум се соочила со ситуации каде што едвај успевам да стигнам навреме на факултет, што создава дополнителен стрес, особено за време на испитните сесии.Ако не може редовно и навреме да се стигне на предавања и испити, тоа може негативно да влијае на успехот,“ потенцира студентката на Филозофски факултет.

Проблемот со јавниот превоз влијае и на онака „тенкиот“ студентски буџет, па така дел од нив се организираат за споделување на трошоци за такси, што би значело дополнително оптоварување на буџетот. Студентите велат дека тоа би значело откажување од излегување со пријателите и скратување на намирниците за пазарење.

Се уназадува студентскиот стандард, поради проблемите кои постојано се провлекуваат

Од Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС) сметаат дека средношколците и студентите се соочувале со предизвици и во изминатите години, меѓу кои се вбројува и проблемот со нефункционален јавен превоз кој не е изненадување, туку предизвик кој треба да се реши.

„Голем дел од средношколците и студентите главно користат јавен превоз за да стигнат на училиште, односно факултет. Во моментов, средношколците и студентите се соочуваат со зголемено каснење на автобусите и прекини на линиите, што за нив значи доцнење на училиште или факултет. Контиунираните пречки во функционирањето на јавниот превоз кои не се нови, туку постојат последните неколку години, ќе го отежнат пристапот до образование за средношколците и студентите на кои тоа им е примарен начин на превоз. За таа цел, апелираме до Градот Скопје што побрзо да го реши проблемот со јавниот превоз,“ велат од ОДАС за ПИНА.мк

ОДАС долго време работат на подигнувањето на студентскиот стандард, преку јавни расправи во Собранието и активности и иницијативи во државните институции. Оттаму сметаат дека поради проблемите кои постојано се провлекуваат, како што е со јавниот превоз, се уназадува студентскиот стандард.

„За нас студентскиот стандард е на прво место и не можеме да дозволиме пречките во јавниот превоз да влијаат на достапноста на образованието за средношколците и студентите“ велат од Организацијата.

Дел од автобусите кои сообраќаат ги оставаа граѓаните на половина пат поради неисправност. Од ОДАС сметаат дека безбедноста не била загрозена, но сепак студентите и средношколците биле изложени на повеќечасовно чекање на автобуските линии на високи температури.

„Точно е дека одреден број автобуси мораа да запрат со движењето поради неисправност, но за среќа не се работеше за сериозни проблеми. Поради тоа сметаме дека безбедноста на студентите не е загрозена, но мора да се земат предвид временските услови на кои средношколците и студентите, понекогаш и со часови, чекаат на автобуските станици низ Скопје,“ потенцираа оттаму.

Тие велат дека јавно апелирале до Град Скопје да го реши овој проблем пред почетокот на учебната и академската година, но не гледаат напори од нивна страна, активно и ефективно да се посветат на решавање на овој проблем.

Од ОДАС исто така сметаат дека не е решение да се префрли одговорноста на други институции, туку ефективно да се извршува пропишаната должност.

Додаваат дека како организација за млади, остануваат посветени на студентскиот стандард и решавање на предизвиците на средношколците и студентите, и ќе продолжат да бараат одговорност од Град Скопје.

Што велат надлежните?

Во однос на решавањето на прашањето со набавка на нови автобуси, кое беше и предизборно ветување на градоначалничката Данела Арсовска, на една година од новите локални избори, од набавката на 250 нови еко автобуси, се уште нема ништо.

Изминатите неколку месеци Владата и Град Скопје си ја префрлаа топката кој е виновен, за тоа што главниот град остана без нови автобуси, старите се почесто се расипуваат, па оттука граѓаните не можат да стигнат од една до друга дестинација.

Градоначалничката Арсовска обвинуваше дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ не гласале за да се набават нови автобуси, а на средбата во Владата, за решавање на ова прашање, министерот за локална самоуправа Златко Перински истакна дека„немањето комуникација помеѓу советничките групи во рамки на Градот Скопје е една фаза од препреките за реализација на проектите од страна на Градот“. Она што последно е најавено од Влада е дека Град Скопје ќе добие шест еколошки автобуси.

Град Скопје исто така аплицираше на јавниот повик на Владата за доделување на помош на општините, а меѓу проектите кои се поднесени е и набавка на 80 еколошки ЦНГ автобуси и 15 електрични автобуси, како и нови возила за скопската Пожарна.

До Јавното сообраќајно претпријатие  (ЈСП) упативме прашања за тоа колку автобуси недостасуваат во моментов за возниот ред да функционира нормално, дали се работи на решавање на проблемот и кога да се очекува редовност на автобуските линии, и пополнување на потребниот број на автобуси за зимскиот возен ред, како и која е причината за јавниот превоз да дојде до оваа нефункционалност, но не добивме одговори.

Авторка: Бојана Спасовска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА