Тешко се учат лекции од шемите како „Конти“

0
177
Фото: Ibrahim Boran on Unsplash

Ветувања за брзи пари и брза заработка отворија сомнежи за загуби кај илјадници македонски граѓани на вложените финансиски средства во една од најновите шеми во земјава – „Конти“. Појавата на брзорастечката апликација на социјалните мрежи дополнително ја зголеми нејзината популарност, особено кај оние кои сакаа набрзина, со неколку кликови да заработат големи суми на пари.

„Конти“ речиси една година функционираше без да направи поголема бука во пошироката јавност, се до моментот кога беше обзнаено дека шемата „пропаѓа“ по што завладеа општа паника и хаос кај над 14.000 лица кои неповратно изгубија и неколку илјадници евра.

Централна и Источна Македонија како најголеми бази на групацијата „Конти“

За еден човек да направи сопствена лична сметка на платформата „Конти“ било потребно да отвори профил на Бајненс – платформа за онлајн тргување со криптовалути. За да се „добијат“ пари, пред се треба да се купи некој од пакетите со кој, лицето кое сака да заработи пари на платформата дава одреден влог. Најчесто пакетите се од педесет долари па се до премиум пакетите кои изнесуваат 6.000 евра.

Секој од овие пакети е со важност од 75 дена, а остварениот профит кој уплаќачот го добива на „Бајненс“ можат да ги подигнат во некоја од менувачниците која работи со криптовалути – иако тие не се регулирани на македонскиот пазар, додека пак за исплатите на парите се чекало до 72 часа.

За инвеститорот да заработи на уплатените пари е потребно да се отвораат линкови кои ги водат до одредени реклами и филмови, за кои е потребно да се притисне опцијата „ми се допаѓа“ неколку пати во еден ден, а како и секоја пирамидална шема постои и опцијата за регрутација на нови членови – па така, колку повеќе луѓе вложуваат, толку би требало да биде поголема и заработката.

Треба да се напомене дека паралелно со регистрацијата на апликацијата, инвеститорите стануваат дел од група на Телеграм која во моментот на згаснување броеше нешто повеќе од 14.000 членови. Провизиите кои членовите на шемата ги добиваат од привлекување на нови учесници, создава лажна илузија за успешност, а многумина од оние кои се приклучваат веруваат дека ќе можат да заработат значителни суми, но на крајот оние на дното на пирамидата обично губат пари.

Важен податок е дека секое инвестирање е базирано на доброволна одлука, па оттука се чини дека тешко ќе може државниот апарат да интервенира.

Апликацијата Конти во земјава беше активна од пред речиси една година – оттогаш членовите го ширеа зборот наоколу и се поголем број на граѓани кои се надеваа на брза заработка лесно пристапуваа и инвестираа. Летово во Кавадарци и Радовиш „Конти“ доби и свои канцеларии, а видеата од отворањето на еден од нив брзо се рашири по социјалната мрежа Х откако беше обзнаено дека групата згаснува и дека инвестираните пари на граѓаните многу веројатно никогаш нема да им се вратат.

Според одредени информации, најголем број на корисници и членови на групата се токму од Централниот и Источниот дел од земјава.

За начинот на функционирање за ПИНА говореше поранешен член на групата од Скопје. Само накратко не извести дека тој инвестирал 100 долари пред неколку месеци, а откако добил симболична заработка поради страв од целосно пропаѓање се решил да ги повлече парите. Откако станало јасно дека шемата пропаѓа, ја напуштил групата на Телеграм и сите поврзани групи со неа.

На социјалните мрежи се појави и фотографија на која наводно администраторот на групата ги известува членовите дека веројатноста дека трансакциите за сите кои уплатиле нема да се реализираат и оти никој не бил натеран да инвестира со сила – туку се одело со принципот на ризик во кој многумина добиле, но многумина и изгубиле.

Постојано се појавуваат нови сомнителни ,,шеми“

Пирамидалните шеми како „Конти“ не се нов вид на финансиска измама. Тие функционираат преку заработка на пари преку регрутирање на нови членови – а во оваа шема најчесто најмногу заработуваат оние кои се наоѓаат на врвот на пирамидата, додека пак оние кои се наоѓаат на дното најчесто завршуваат со големи загуби.

Пирамидалните шеми се нелегални во многу земји оти во нивната основа недостасува одржлив економски модел и конечните учесници обично губат огромни суми на пари.

„Сопствениците“ или луѓето од врвот честопати се обидуваат да создадат впечаток дека оваа шема е легитимен бизнис па започнуваат со нудење на бројни производи и услуги, но тие најчесто се безвредни или пак се параван за вистинската пирамидална структура.

Набрзо по пропаѓањето на „Конти“, измамници ги преплавија социјалните мрежи со објави и линкови од „нови“ страници каде на сите оние кои изгубиле пари од „македонскиот Конти“ ги пренасочуваат кон одреден налог под името „Конти Словенија“ каде би ги пренеле во целост своите податоци за да им се исплатат долговите.

Паралелно, на одредени фан страници на Фејсбук се појави апликацијата „Етернал“ која има слични карактеристики како веќе пропаднатата „Конти“, односно нуди неколку пакети за инвестиции кои во зависност од уплатата „можат“ да донесат значителна сума на пари на инвеститорите во одреден рок – најмалиот од три дена до најголемиот од 60 дена. Сите оние кои се заинтересирани за инвестирање доколку имаат прашања можат да контактираат администратори на приватна порака на несигурни фан страни.

Македонските граѓани честопати биле мета на пирамидални инвестициски финансиски малверзации

Конти не е единствениот случај во земјава во кој македонските граѓани кои сакале лесно и брзо да стигнат до заработка на пари на крајот ги изгубиле влоговите. Претходно, во 2022 година медиумите известуваа за илегалната апликација „Биг Комерц“ која на сличен начин привлекла голем број на граѓани да инвестираат во ,,шемата“ слична како Конти.

Во минатото најголема ,,пирамида“ беше аферата со штедилницата ТАТ во 1997 година во која оштетени беа 13 000 македонски граѓани за износ од над 60 милиони евра. Директорката и сопственичката на штедилницата Соња Николовска тогаш доби затворска казна од три и пол години за даночно затајување, што пак донесе нестабилност во банкарскиот систем во земјата.

Комуникологот Бојан Кордалов за ПИНА.мк вели дека иако делува оти е најлесно прстот да се впери кон граѓаните, сепак клучната работа е да се види што прават институциите изминативе децении за превенција на вакви случаи. Кордалов вели дека се додека се зголемува бројот на лица во ризик и на лица кои едвај планираат како ќе го поминат денот, очекувано е дека одреден дел од нив спасот ќе го побараат во пирамидални штедилници, инвестиции и останати места за лесна заработувачка.

„Сѐ додека во јавниот дискурс директно или индиректно градиме позитивен впечаток за брзи и лесни кредити, многу од граѓаните дополнително ќе градат склоност кон „Конти“ и слични пирамиди за наводна лесна и брза заработка. Значи, како комуницираме, каков систем на доверба градибе и колку институциите и политичарите се на страна на граѓаните и нивните потреби, толку подобро и понапредно општсетво ќе имаме. Ако тераме како до сега, ова ќе е очекуваниот резултат. Едноставно, не може во рецептот наместо сол да ставите шеќер и да се чудите зошто сте зготвиле десерт наместо главно јадење,“ вели Кордалов.

Дополнително, според него, потребно е државата да се насочи кон едукација на граѓаните, но и создавање на култра на работа и заработка според вложеното време и ресурси – доколку тоа не се постигне, граѓаните ќе продолжат да „пливаат во морето“ на лажна надеж за брзи и лесни пари.

„Постои можност за регулација на сѐ, но во една јасна, демократска постапка и процедура. Македонија има одлични закони и законска основа за да владее правото. Но, личните и партиските интереси, корупцијата и негрижата на голем дел од оние кои треба да го обликуваат општеството води до тоа да самите ги дерогираме законите и промовираме неказнивост како држава и регион“, заклучи Кордалов.

Граѓаните ретко се одлучуваат институционално да си ги бараат изгубените пари
Иако последната пирамидална измама стана позната за јавноста во релативен краток период по пропаѓањето, сепак неколку недели подоцна, до Министерството за внатрешни работи се уште нема пристигнато ниту една пријава од граѓани за инвестициската измама.

Но, она што зачудува е фактот што иако и во минатото имало вакви случаи, во Секторот за компјутерски криминал при МВР никогаш не пристигнала ниту една пријава. Оттаму за ПИНА.мк велат дека тие активно работат за информирање на граѓаните за различни типови на закани во интернет просторот, во форма на јавни известувања.

„Со цел граѓаните да се заштитат од ваков тип на измами, Секторот за компјутерски криминал советува – Многу да се внимава при отворање на URL линкови кои прв пат ги гледаат граѓаните и кои делуваат непознати, пред да се отвори линкот потребно е да се пребара се што е можно за него од други корисници за да се добие искуство или оценка за неговата веродостојност. Дополнително, доколку граѓаните се одлучиле да користат апликации или платформи за инвестирање и други финансиски услуги, задолжително треба да направат истражување за платформата, во однос на тоа дали истите имаат акредитации и регулации“, велат од МВР.

Претпоставката е дека до МВР не пристигнуваат кривични пријави затоа што онлајн инвестициските измами функционираат на принципот – доброволно учество, при што корисниците речиси никогаш не потпишуваат никаков договор, па затоа тешко можат и да си ги повратат парите.

„Конти“ се затвори без притоа да ги врати парите на оштетените граѓани, а имајќи ја предвид историјата и економската ситуација барем за поголемиот дел на македонските граѓани во земјава, се укажува на тоа дека ова нема да биде последен случај. Сега преостанува да се види дали лекцијата е научена или пак ова тло ќе остане плодна почва за понатамошни финансиски измами.

Автор: Михаил Милошевски

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА