Шемовска: Потребни се повеќе места за социјализација на жените од руралните средини

0
197

Жените во Центар Жупа ќе добијат мултифункционален женски центар. Проектот е филантропска акција и истата е поддржана и иницирана од страна на организацијата „Акција Здруженска“, а здружението „Радика-ДЕ“ е организацијата која работи на опремување на центарот.

Претседателката  на огранокот на „Радика-ДЕ“ во Центар Жупа, Бенази Шемовска вели дека целта на овој проект е заедно со локалните кружоци да се оформи центарот кој ќе биде во состојба во каква ја имаат замислено жените, односно да можат да се социјализираат и да можат да изработуваат нешто со кое економски ќе имаат бенефит од сработеното.

„Почетокот на наредната година се очекува проектот да биде комплетно завршен. Една од главните причини за ваквата идеја е самата социјализација на жените, бидејќи ние живееме во една таква околина каде жените немаат каде да го прават тоа. Со самата идеја за социјализација, произлезе и идејата за тоа дали жените би можеле и да заработуваат. 

Она што тие би можеле да работат е изработката на домашна традиционална храна која во последниот период на пазарот во Македонија се бара многу. Она што ќе го изработат тие размислуваат да го продаваат преку социјалните мрежи или пак во некоја друга форма. Сакам да напоменам и дека голем дел од локалното население се ангажираше и секој по нешто донираше за нашиот центар да изгледа што е можно подобро, а очекуваме помош и од бизнис секторот“, вели таа.

Шемовска рече дека оваа помош е само за да се направи овој центар, а новите проекти и новите иницијативи треба да дојдат од нив и тие се оние кои треба да го разработат центарот во нешто големо и успешно.

„Ние ќе направиме сѐ за да дојдеме до вистинската цел, а тоа е едукација и економско зајакнување на жените бидејќи кај нас поголемиот дел од жените се невработени. Една од позитивните работи кои произлегуваат од ваквите иницијативи е самото излегување на руралната жена од дома. Жените многу ретко или скоро никогаш не се собираат за да се социјализираат и да дискутираат за нивните лични потреби. 

Сега веќе имаме активности и иницијативи каде жените активно учествуваат и конечно се охрабруваат да бидат активни во општеството. За разлика од порано, сега одреден број на жени ги интересира буџетот на општината и прашуваат за тоа колкави средства се издвојуваат за ваков вид на иницијативи“, објаснува Шемовска.

Во однос на тоа кои се главните проблемите со кои се соочуваат жените во руралните средини, таа рече дека проблеми се повеќе.

„Жените во руралните средини се соочуваат со повеќе проблеми. Еден од тие е социјализацијата на жената која порано немаше навика често да излегува дома и да се дружи. Сега тоа полека се менува. Друг проблем е слабото учество на жените во креирањето на локалните политики каде тие секогаш биле во втор или трет план и никој не ги прашувал што мислат тие. Трет проблем е што најчесто жените во руралните средини се со несоодветно образование кое доведува до проблеми за нивно вработување. Перцепцијата кај нас е дека жената треба само да биде фокусирана на домот и децата, особено во руралните средини, а мене особено ме радува што тоа полека се менува“, децидна е таа.

Шемовска потенцираше дека секоја жена треба да знае дека самата таа е дел од општеството и дека таа е онаа која го креира општеството.

„Ако ние жените бидеме свесни за она што можеме да го направиме, тогаш можеме да имаме општество каде жената ќе биде на прво место, ќе се цени, ќе биде секогаш поддржана, а не да се става во втор план и да се заборава и дека и постои. Треба само да бидеме свесни за себе и да знаеме колку сме силни и колку можеме. Треба да и се даде простор и на жената за начинот на кој размислува, да се види и од нејзиниот прозор“, додаде Шемовска.

Автор: Кристијан Трајчов

  • Текстот е изработен во рамки на соработката која ПИНА ја има со организацијата ,,Акција Здруженска“