Вакцини против Ковид-19 има, но има послаб одзив од граѓаните

0
44
Фото: Министерство за здравство

Во Македонија, интересот за имунизација против Ковид-19 спласнува иако здравствени власти препорачуваат вакцинација, бидејќи вирусот циркулира, граѓаните заболуваат, иако ретко, но има и смртни случаи.

Претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски за  ПИНА.мк потврдува дека интересот за вакцинација сè повеќе опаѓа, иако светските препораки остануваат исти.

„Слично како за вакцинацијата против грип, се препорачува луѓето над 65 години, оние со хронични болести и намален имунитет да се вакцинираат против ковид и така да си ги намалат шансите за евентуално потешко поминување на болеста. Зашто немаме нови вакцини, имајќи предвид дека засега се применуваат старите од пред некоја година, кои остануваат на листата на препорачани и ефективни од Светската здравствена организација,“ вели Петличковски.

Во однос на достапноста на вакцини, тој додава дека во моментов во Македонија има одредена количина на бивалентни вакцини, втора генерација на мРНК вакцини.

„Сепак, би сакал да најавам дека во план е и скора набавка на последните верзии на вакцини специфични за XBB варијантата на корона вирусот. Според моите информации, новите количини би требало да се достапни на почетокот на февруари,“ додава Петличковски.

Состојбата е стабилна

Претседателот на Комисијата за заразни болести оценува дека моменталната епидемиолошка состојба е добра и одговара на периодот во кој се наоѓаме.

„Зимата е сезона во која вирусните инфекции се позачестени и соодветно, изминативе недели се зголемува бројот на пациенти со респираторни инфекции. Моментално во пораст е бројот на инфекции со грип, последнава недела и официјално влеговме во сезоната на инфлуенца, а опаѓаат инфекциите со ковид и РСВ. Сепак, овие бројки иако нешто повисоки, се споредливи со стандардните години,“ вели Петличковски.

Според него, овој период од годината, за изненадување го намали бројот на заразени од ковид, но ја донесе големата кашлица, иако сега за сега нема место за паника.

„И во изминатите години сме имале спорадични случаи, а во 2018 година биле детектирани 30-тина случаи. Големата кашлица е болест која е најкритична за малите деца на возраст до 2 години и тоа што може и треба да се направи е родителите да го следат предложениот имунизациски календар, т.е. да ги вакцинираат децата онака како што е предвидено. Во моментов, опфатот на деца вакцинирани со трите дози од примовакцинацијата за голема кашлица е 83,9% и тоа треба да се подобри,“ вели Петличковски.

Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за ПИНА.мк велат дека по речиси четири години од појавата на Ковид-19, регистриран е зголемен имунитет кај нашата популација.

„Клучен е акумулираниот имунитет стекнат со вакцинација и прележување на болеста, тоа е основната причина што немаме преплавување на болниците и смртни случаи. Заинтересираните граѓани кои сакаат да се вакцинираат, треба да знаат дека како претходната, така и оваа година вакцинацијата се одвива без закажување, можат да ја примат вакцината секој ден, без закажување, во здравствените домови во државата,“ велат од ИЈЗ.

Кај заболените од ковид доминираат горнореспираторни симптоми

Од Министерството за здравство за ПИНА.мк велат дека во Македонија има доволен број на вакцини за имунизација на населението, иако одзивот на граѓани е сè уште мал.

„Пред пунктот за тестирање за Ковид-19 во Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) во Скопје имала помала раздвиженост, но далеку како што беше во изминатите две години. Кога станува за клиничката слика на заболените со Ковид-19 периодов, искуството на лекарите говори дека најчесто доминираат горнореспираторни симптоми, болки во грлото, течење на носот, сува кашлица, понекогаш и висока телесна температура, но станува збор за лесни симптоми. Лабораториските контроли не отстапуваат од нормалните параметри. Боледувањето и лекувањето траат околу седум дена, а кај тие со коморбидитети и подолго. Инаку, што се однесува до бројката на вакцини за имунизација, во моментов на располагање имаме над 50.000 вакцини на „Pfizer“, двовалентна вакцина која се користи и како бустер и како вакцина за примовакцинација. Вакви се и препораките од САД и ЕУ, кои велат дека може и понатаму да се вакцинира со вакцините кои се на залиха, се додека не станат достапни новите вакцини. Нивните испитувања потврдија дека и двовалентните вакцини се ефикасни во спречувањето на хоспитализација и смртен исход,“ велат од Министерство за здравство.

Со вакцинација до поголема имунизација

Очекувано, зимата го означи почетокот на сезоната на грип, при што вирусите полесно циркулираат на постудениот и сув воздух. Од Комисијата за заразни болести велат дека луѓето во овој период се собираат во затворени простории за да избегаат од студот, а на тој начин го зголемуваат и ризикот од пренос на грип. Токму поради ова, императив е да се примени вакцинација против грип, но и да се почитуваат лекарските совети.

„Со доаѓањето на зимата дополнително се комплицира и присуството на Ковид-19. Имунизацијата е неопходна за овој период од годината, особено кај вулнерабилните групи (деца, жени, адолесценти, младина, лица со хендикеп, мигранти и стари лица), хронично болните и кај повозрасните граѓани од над 65 години. Со новите вакцини одобрени од САД и Европа, граѓаните не треба да бидат во дилема или заблуда, бидејќи тие се по усовршени, имајќи предвид дека истите се адаптирани за посоодветен имун одговор кон омикрон XBB варијантата, а претходните беа наменети за оригиналната прва варијанта на вирусот и омикрон ВА варијантата,“ велат од Комисијата за заразни болести за ПИНА.мк.

Како е во светот?

Центрите за контрола и превенција на болести на САД во септември потпишаа широка употреба на ажурирани вакцини за Ковид-19 одобрени од владата, кои покриваат возраст од 6 месеци па нагоре.

Вакцините се дел од притисокот на службениците во јавното здравство да се усогласат следните вакцини против ковид поблиску со вистинската циркулирачка варијанта на вирусот, слично како што се дизајнирани годишните вакцини против грип.

Покрај САД, се огласи и Европската комисија, која соопшти дека ја одобрила употребата на новата адаптирана вакцина против корона вирусот на производителот „Бионтек-Фајзер“, „Комирнати Икс-Бе-Бе.1.5“ („Comirnaty XBB.1.5“), во текот на есенската кампања за вакцинација против Ковид-19 во земјите членки на ЕУ.

Во согласност со претходните препораки на Европската медицинска академија и Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ), возрасните лица и децата над петгодишна возраст на кои им е потребна вакцинација, треба да примат единечна доза без разлика на нивната историја на вакцинација против Ковид-19.

Еврокомисијата во соопштението посочи и дека целта на адаптација на вакцината е да се таргетира Омикрон сојот на вирусот, но се очекува да придонесе за поголем имунитет и против останатите варијанти.

Автор: Виктор Вукановски

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА