Во последниот извештај на Европската Комисија за Македонија стои дека земјата нема напредок во судството и борбата со корупцијата. Пина.мк разговараше со почесната претседателка на Транспаренси Интернешнл Македонија, Слаѓана Тасева која вели дека Македонија продолжува да се карактеризира со доминација на извршната власт и слабоста на другите клучни институции. Таа додаде и дека недостаток на владеење на правото и лошо управување во целина е синдром на заробена држава и колку побрзо ги сфатиме пораките од ЕУ и поединечните земји членки, толку подобро за нас.
Пред неколку денови ги презентиравте резултатите од Извештајот за системот за Национален интегритет, и покрај сите препораки кои што ги давате нема подобрување во системот за национален интегритет од 2016 година, дури резултатите се некаде и полоши, на што се должи тоа?
– Не станува збор само за препораките кои се содржани во извештаите на Транспаренси Интернешнл Македонија за Националниот систем за интегритет. Веќе неколку години по ред укажуваме и на тоа дека не се спроведуваат препоракте од ГРЕКО, како ни препораките од Европската комисија, кои се директно поврзани со договорите со Европската Унија. Очигледен е недостатокот на лидерство во спроведување на активности кои ќе бидат ефикасни во борбата против корупцијата. Ова најмногу се однесува на непостоење на политичка волја, затоа што политиката во спрега со некои влијателни кругови од бизнисот, ги држи институциите под контрола, што оневозможува тие независно да ја вршат својата работа во борбата против криминалот и корупцијата. Едновремено можеме да зборуваме и за недостаток на владеење на правото и лошо управување во целина, што е синдром на заробена држава. Поразително е што заробената држава го опфаќа и судството, а независните институции, како ДЗР и ДКСК немаат поддршка и нивните препораки, иницијативи и одлуки не се спроведуваат. Сето ова останува и понатаму да го загрозува системот за национален интегритет.
Кој е клучниот проблем со Јавното обвинителство за организиран криминал, зошто е најслабо оценето и има наслабо оценет столб?
– Во Обвинителството во целина недостасуваат механизми за одговорност и отчет, кои во најголем дел се манипулираат и длабоко ја оневозможуваат независноста во неговата работа. Веќе можеме да го исклучиме прашањето на немање ресурси, затоа што истражувањето покажа дека тоа е институција која добива силна меѓународна подршка. За жал, во примерот на обвинителството станува очигледно дека проблемот е во интегритетот, а не во недостатокот на ресурси или знаење.
Како ја оценувате генералната слика за годината која што измина, каде го гледате најголемиот проблем со корупцијата?
– Годината што измина ќе остане обележана со измените на Кривичниот законик со кои се обезбеди амнестија на голем број случаи на висока корупција. Со тоа се обезбеди непречено да продолжи практиката на недопирливост и неказнување на оние кои се во високите ешалони на власта или блиску до нив. Преовладуваат личните и партиските, над јавниот интерес. За жал граѓаните веќе станаа свесни дека работите не се менуваат. Најголем проблем со корупцијата е недостатокот на независност во истрагите и во процесирање на случаите во кои треба да се утврди директна, лична одговорност. Без одговорност за личните постапки, и соодветна санкција за непочитување на законите, нема напредок ниту во демократијата ниту во било која друга сфера на општеството.
Какви забелешки треба да очекуваме во поглед на корупцијата во следниот извештај од Европската комисија, со оглед на тоа што последниот Извештај беше најлошиот што некогаш земјава го има добиено?
– Последниот извештај беше реален, што е многу добро. Пораката што треба да се разбере е дека со новата методологија за преговори, секоја држава членка на ЕУ има право и можност директно да поставува прашања и да бара објаснување за определени состојби од нивен интерес. А проблемот со корупцијата и владеење на правото е високо на агендата за евоинтеграции и без тоа нема напредок. Колку побргу и подобро ќе ги сватиме пораките од ЕУ и поединечните земји членки, толку подобро за нас. За жал, јас не гледам светло во тунелот.
Кои се вашите препораки, каде се потребни клучни системски промени за намалување и искоренување на корупцијата, како да се врати довербата кај граѓаните во институциите?
– Неопходно е да почнат да се спроведуваат законите, да постои систем на отчетност и одговорност. Партизацијата и политизацијата, кои ги држат институциите заробени во мрежата на личните и партиските интереси не обезбедуваат подеднакви можности за сите, се губи довербата во државата и вербата дека нешто ќе се смени.
За мене и понатаму клучно прашање е подготвеноста да се спроведе целосен ветинг во судството, обвинителстото и високите ешалони на полицијата.
Идната влада треба да обезбеди услови за неприкосновена борба против корупцијата и криминалот. Потребни се независни институции и компетентни поединци кои ќе ја поведат и ќе ја доведат до состојба на безусловност и оддржливост. Тоа ќе бара и жртви, да се расчисти со одредени ешалони во светот на бизнисот, парите и криминалот, што нема да ги остави недопрени политичките елити. Но тие се минливи. Државата треба да опстои и да оди напред, заедно со своите граѓани.
Авторка: Ивана Јаневска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА