Савески: Младите се демотивирани за соработка со институциите

0
131

Се додека се игнорираат одредени коруптивни појави од страна на институциите, сè повеќе и повеќе ќе се нормализира корупцијата, вели во интервју за ПИНА претседателот на Младинскиот образовен форум, Ристо Савески. Посочува дека младите во однос на соработка со институции, главно се демотивирани поради тоа што мислат дека се само декорација и дека не можат да направат никаква промена. Со него зборувавме за корупцијата во образованието, иселувањето на младите од Македонија и (не)довербата на младите во институциите. Савески е активен учесник во граѓанското општество. Неговиот ангажман се состои од активности, средства и истражувања што придонесуваат кон позитивниот мир, интеркултурниот дијалог и поттикнување на вклученост на младите во процесите.

Колку доброто владеење влијае врз животот на младите?

Доброто владеење е апсолутно неопходно за подобра општествена атмосфера во која делуваат сите граѓани, па и младите. Доброто владеење за младите значи подобар пристап до образование, пракса, волонтерство (иако денес младите не се во голема мера заинтересирани за волонтерството), лесен и едноставен пристап до институции, намалена бирократија. Сите овие процеси, да не бидат проткаени со барања за мито, поткуп, корупција, пренасочување на одговорноста кон други канцеларии/институции.

Образование не е изолирано од корупција, тука таа е присутна во нашиот образовен систем, и е еден од факторите кои придонесуваат за опаѓачкиот рејтинг на нашите универзитети. Кои се најчестите појави на корупцијата во образованието кај нас?

Корупцијата веќе стана инвентар во секоја сфера во Македонија, па и во образованието. Најголем дел од корупцијата во образованието се врти околу непотизам, поткуп, мамење на испити, плагијат, непријавување на корупција. Веќе два од пет студенти, се соочуваат со корупција на факултетите. Во средното образование сè уште средношколците плаќаат за свидетелствата да ги добијат на крајот на учебната година. Присутна е и појавата на приватни часови, односно за учениците да добиваат подобри оценки, им е понудена опцијата „приватен час“. Се додека инситутциите ги игнорираат овие појави, сè повеќе и повеќе ќе се нормализира корупцијата.

Според податоците кои ги добиваме од бројни анализи, повеќе од половина, односно 52,8 проценти од младите во Македонија би емигрирале во странство. На што се должи ова според вас?

Бројките се уште подепресивни, ако се земе предвид колкав процент од младите кои излегуваат надвор, сакаат да се вратат и да го вложат стекнатото знаење и искуство во Македонија. Мотивацијата за барањето на можности во странство, генерално не се должи единствено на животниот стандард. Тоа е комбинација на експериментирање со образовниот систем, кој не ги рефлектира реалните потреби за едукација на младите; отсуството на поддршка на младинскиот ентузијазам; нормализирање на корупцијата во секоја општествена пора; преобемна бирократија; ниското ниво на вклученост на младите во процесите на одлучување на локално и национално ниво; и немање на можности за вработување.

Овие проблеми само придонесуваат кон затворениот круг на апатија на младите, кои парадоксално пројавуваат сè помал интерес да се вклучат во политичките процеси и воопшто да направат некоја промена во општеството.

Иако постојат документи и напори од страна на државата за решавање на миграцијата, тие не ги отсликуваат суштинските проблеми кои ги „туркаат“ младите да размислуваат на иселување.

Сметам исто така дека отсуството на реален план, кој ја отсликува фактичката состојба, во било која област, придонесува до ерозија на веќе распаднатиот систем и недостаток на визија за тоа каде чекориме како општество.

Како да се врати довербата на младите во институциите, да веруваат и да бидат иницијатори на промените?

Младите во однос на соработка со институции, главно се демотивирани поради тоа што мислат дека се само декорација и дека не можат да направат никаква промена. Институциите треба да бидат поотворени за соработка, да ги консултираат и вклучуваат младите во процесите на носење на одлуки. Поинклузивен процес, значи и ефективно спроведување на политиките.

Од друга страна и младите треба да бидат похрабри во артикулација на своите потреби и барања. Дури и во случај да не успеат да не вродат со успех нивните напори, голема е веројатноста дека ќе остават трага и ќе инспирираат други млади дека треба гласно да говорат за нивните проблеми и да иницираат промени.

Авторка: Маја Терзиова

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА