„Оваа ситуација налага да бидеме мобилизирани и спремни за акција – со тоа што фокусот сега е ставен на преживување, на најблиските, на локалната заедница. Па така, со сопствената изложеност на опасност, страв и несигурност, ќе развиваме нови идеи, можеби помалку утопистички, но секако насочени кон системски промени. Ќе се создаде и повеќе простор, затоа што нема враќање кон старото – она што сега ни се чини дека било „нормално“ всушост ги создаде условите за оваа криза да се случи“, вели Анастас Вангели, предавач на Шангајскиот кампус на Високата Школа за Комерцијални Науки од Анже.
Во интервју за ПИНА, Вангели говори за промените кои пандемијата на Ковид 19 ги донесе во нашите животи, за улогата на Кина во кризата, одговорот на западните земји и критиките за европската солидарност, како и за други тековни случувања значајни за меѓународната политика.
Пандемијата на Ковид 19 го промени светот и допрва ќе ги анализираме последиците од истата на општествен, економски, социјален, културен план… Голем број држави кои важат за стабилни и водечки демократии делуваа неподготвени и изненадени од големината на кризата што доведе до спори реакции и мерки за заштита. Ве зачуди ли оваа несоодветна реакција на дел од западните земји?
Она што се случува(ше) во Италија, Шпанија, САД, Британија и на други места секако дека првенствено предизвикува шок и неверување. Зар е можно некои од најразвиените земји од светот да доживеат таков крах на здравствениот систем? Но, во ретроспектива, не би требало премногу да не’ зачудува тоа што се случи. Ризикот од пандемија редовно се наоѓа на листите на најголеми закани изработени од аналитичари на ризик и безбедносни институти – само што Западњаците сериозните инфективни болести првенствено ги асоцираа(т) со земјите во развој од Азија, Африка и Латинска Америка, со верување дека болештините се нешто што Европа и Америка одамна го искорениле. Тие со години ги намалуваа средствата за истражување на инфективни болести, и капацитетите на системот да се справи со нив. Напоредно со тоа, чекор по чекор беа ослабувани и здравствените системи, особено во периодот по финансиската криза. Впрочем во САД, најбогатата земја на светот, најгорливото прашање во ова предизборие – кое успеа да го наметне Берни Сандерс – беше токму состојбата на здравствениот систем. Комбинацијата на овие фактори – делузија на цивилизациска супериорност од една страна, и разјарен неолиберализам во јавните услуги од друга, придонесоа за тоа што се случи во тие земји.
Италија прва во Европа се најде на удар на Ковид 19 и заедно со Шпанија се уште се борат со пикот на епидемијата и големиот замав која таа зема во овие земји. Европската унија беше гласно критикувана поради ненавремената помош и несоодветниот одговор на кризата, за што многумина под знак прашалник ја ставија европската солидарност. ЕУ се извини, но тешко ќе бидат наскоро заборавени одредени постапки. Какво ќе биде влијанието на оваа криза врз Европската унија? Од Италија и Шпанија стигнаа пораки дека од справувањето со кризата зависи и визијата за ЕУ.
На ниво на супранационална заедница, во Европа има повеќе кохезија и солидарност од било каде во светот, но прашање е дали тие се на потребното ниво за да може ЕУ да се справи со најтешките предизвици. Впрочем, ЕУ од финансиската криза 2008-2009 наваму е во дефанзива – односно главната тема во Унијата е како да се оправат односите меѓу нејзините членки, како да се врати нејзиниот сјај, како да се вдахне нов живот во нејзините институции, и сл. Секоја наредна криза ги амплифицира постојните проблеми уште повеќе. Начинот на кој што Европа реагираше на експлозијата на КОВИД-19 е впрочем само амплифицирање на претходните текови: се кренаа границите (кои беа на дневен ред уште со мигрантската криза) и се обнови тензијата помеѓу север и југ во поглед на издавањето обврзници и справувањето со економските последици од кризата. Притоа, прилично неславно беше што инстинктивната реакција беше да се забрани извоз на медицинска опрема. Но во последниве денови ЕУ покажува нова иницијативност. КОВИД-19 колку што може да ја уништи Унијата, толку може да и’ даде и нов смисол на постоење.
Кина откако првично проба да го загуши сознанието за големината на проблемот, ја стави под контрола емидемијата на домашно тло, за што и беше пофалена од Светската здравствена организација. Но вирусот веќе се прошири во остатокот од светот кој сега има огромни последици и во голема неизвесност. Ќе сноси ли некаква одговорност Кина за нејзините првични реакции при појавата на вирусот или пак за немањето контрола врз маркетите со продажба на диви животни?
Кина навистина успеа да спречи поголема катастрофа на национално ниво, иако останува прашњето дали властите можеа да бидат потранспарентни и поефикасни во воведувањето на карантин во Вухан. Кина ја затвори речиси целата економија уште во јануари – тоа беше знак дека ситуацијата е повеќе од сериозна. Целиот свет ги виде страшните снимки од кинеските болници и од бескомпромисното карантинизирање на Вухан. Овие сигнали, на пример, беа доволни за соседите на Кина, кои имаат многу поинтензивна комуникација со Кина од западните земји, да реагираат брзо и да спречат поголеми екплозии на вирусот (не дека тие немаа епидемии, туку нивните епидемии се од многу помал размер од тие во Европа и САД). Некои од нив како Кореја, Сингапур и Виетнам имаа навистина неверојатно ниво на супресија на заразата. Примерот на Тајван е исто така многу важен, а Тајван има огромен проток на луѓе кои одат или се враќаат од кинеското копно. Така што кога се зборува за глобалното ширење на вирусот, дури и под претпоставка дека иницијалната реакција во властите во Вухан била несоодветна, прашањето е како остатокот од Кина, и нејзините азиски соседи кои беа далеку поизложени на контакт со првиот центар на заразата, имаа далеку поголем успех од места кои се повеќе од половина свет оддалечени (и имаа неколку недели да се подготват)? Оттаму, глобалното ширење на вирусот не е толку прашање на поединечна одговорност (и самото барање на одговорност е во основа политика – образложено во наредното прашање), туку прашање на различно разбирање на предизвикот на инфективните болести. Во Азија, владите реагираа брзо и ефикасно. На Запад, воглавно со закаснување (поради причините наведени во одговорот на првото прашање).
Што се однесува до јадењето животни, тоа треба да биде апсолутно регулирано не само во Кина и Азија (егзотични животни се јадат и на други места во светот), но треба да се регулира јадењето не само на диви и егзотични туку на секакви животни (пр. свински грип е од животно кое се смета за нормално јадење), и да се регулира не само заради потенцијални болештини туку поради еден голем сет на здравствени, еколошки и етички причини. Притоа, морам да нагласам дека зелените пазари (wet markets) во Кина (а многу од снимките прикажаа пазари од Индонезија) исто така премногу се сензационализираат, во борбата на наративи и желбата за кликови.
Речиси секојдневно Кина се фали дека испраќа помош и медицинска опрема до разни држави низ светот и освен што активно придонесува во борбата со Ковид19, ја користи кризата за да се наметне како влијание и политички фактор. Успеа (барем привремено) да наметне наратив за кризата на европската солидарност. Какви сценарија гледате во однос на позицијата на Кина на светската геополитичка сцена по надминувањето на оваа криза?
КОВИД-19 се случи во екот на она што често се нарекува „нова студена војна“ – односно период на интензивирани тензии помеѓу САД и Кина, кои доведоа и до трговската војна од 2018 наваму (која привремено беше стишана пред пар месеци). Сомнежи кон Кина имаше и на многу други места во светот (а особено во Европа): про-активните глобални политики на Кина во последната декада, нејзиниот раст, и се’ повидливата амбиција да стане бр. 1 економија во светот – во комбинација со културните разлики (и предрасуди), лимитираното знаење за Кина во остатокот од светот, и неискуството на кинеските дипломати во меѓународна комуникација (во комбинација со нивната наметливост во последните месеци), создадоа атмосфера на непријатно исчекување на моментот на конфликт. Се чини дека пандемијата на КОВИД-19 е токму тој момент.
Притоа мора да се направат неколку дистинкции. Во моментот на избувнувањето на вирусот во Европа и САД, Кина веќе се имаше колку-толку консолидирано. Како земја која произведува најголем дел од медицинската опрема во светот, таа беше во состојба и да донира, и да продава (особено во ситуација кога други земји забранија продажба на медицинска опрема) – дури некој би рекол дека имаше и обврска (не само морална – во ситуација на глобална криза, ниту една земја не е безбедна ако другите не се безбедни). Имаше и потреба од тоа – нејзината помош на многу места беше добредојдена. Но, комбинацијата на несмасната пропаганда на некои кинески дипломати кои сакаа да ја искористат ситуацијата да поентираат, и ранетото его на Западњаците (како што Иан Бремер твитна „признајте дека боли кога Кина праќа помош во САД и Европа“), во контекстот кој го опишав погоре, доведоа до политизација дури и на она што би требало да биде најосновна манифестација на солидарност.
Сепак, прашањето на самата пандемија и расправиите околу заштитаната опрема може да бидат брзо надминати. На краток рок очигледно ќе има тензии околу потеклото на вирусот. Но дури и тоа не е најбитното прашање. Клучно на долг рок ќе биде прашањето на економското опоравување и прекројувањето на глобалната економија. Дали САД ќе биде во состојба да продолжи со конфронтацијата со Кина или ќе има некакво олабавување? Дали глобалните ланци на снабдување ќе се оддалечат од Кина? Дали Кина ќе успее да ја намали зависноста од светскиот пазар? Дали кинеските државни претпријатија (и приватни компании) ќе го продолжат (или можеби дури интензивираат) инвестирањето надвор (вклучително и спојувањето и преземањето на западни компании)? Ако последиците од пандемијата се “римуваат“ со оние од финансиската криза, тогаш Кина може да излезе уште посилна од сево ова. Но, сеуште има многу непознаници. Кинеските економски планери не се семоќни, и можно е и Кина да се соочи со пролонгирана економска криза.
Критичарите на капитализмот замеруваат дека во дел од општествата спората реакција се должи на обидите да се спаси економијата пред здравјето на луѓето. Ќе се спасуваат ли постоечките системи со однапред искалкулирана колатерална штета во процесот?
Многу критичари на капитализмот би рекле дека капитализмот калкулира со животите на луѓето и во „мирнодобски“ услови, а не само во време на пандемија. Секоја криза – а особено оваа низ која живееме – го поставува прашањето дали конечно е дојден моментот на создавање поправеден систем. Но, веројатно ниту оваа криза не е доволно сериозна за да се изроди нешто ново и подобро. Можеби ќе има поголема улога на државата во економијата а економскиот национализам ќе биде мејнстрим, но тој нема да биде социјално ориентиран, туку подреден на одредени крупни интереси – и нема да исклучува мерки на штедење.
Со КОВИД-19 уште позабрзано испливуваат на површина проблемите кои долго беа туркани под тепих во многу општества како растечката нееднаквост, сиромаштијата, привилегиите на богатите и од друга страна немањето основни права како здравствена заштита на милиони луѓе. Ќе има ли некаков пресврт кризата во свеста кај луѓето и влијание на приоритетите во државите? Ќе постои ли притисок да се пренаменат барем дел од милијардите кои се трошат за милитаризација во здравството и науката?
Секако дека ќе се разгорат дебатите на овие теми, но ако има некакви првични промени кај државите – тие ќе бидат во насока на справување со економските предизвици (дискутирано погоре). Во никој случај нема да се намали инвестирањето во наоружување – напротив, со зголемувањето на тензиите, тоа може само да се зголемува. Веројатно пандемијата ќе даде добар изговор да се зголеми и буџетот за следење на комуникации, со оглед на тоа што тоа е еден од главните методи на справување со заразата. Секако дека ќе се инвестира некои период во наука и здравство, но тоа ќе биде во рамките на некоја козметичка промена. Коренитите проблеми во општествата ќе продолжат да постојат и понатаму, веројатно некои од нив со уште поголем интензитет.
Истовремено со пандемијата на американско тло се случија процеси значајни за светската левица – Берни Сандерс и дефинитивно се откажа од претседателската кандидатура а деновиве му даде и поддршка на Бајден кој ќе се соочи со Трамп. Каква порака праќа ова до левицата во светот? Кои се придобивките кои ги донесе движењето на Сандерс во САД?
Сандерс успеа да го извади најдоброто од американската политичка традиција – да поттикне големо грасрутс движење, на про-активни луѓе желни за промена, кои се мобилизираа, донираа средства и целосно се вложија во кампања која заговараше коренити промени. Дури и оние кои не се сложуваа со Сандерс, имаа стравопочит кон широката мобилизација која тој ја инспирираше. Тоа движење немаше само за цел да го смени Трамп, туку и да го смени системот кој го произведе Трамп (барем декларативно). Сепак, на крајот преовладеаа интересите на естаблишментот на Демократската Партија, и откако Сандерс се откажа, постои ризик сето тоа што тој го изгради, да биде срушено. Но, барем во контекст на овие избори, заслугата на Сандерс е што го повлече целиот дискурс на демократите во лево; а некои од неговите предлог-мерки за справување со пандемијата можно е да бидат и имплементирани од постојната администрација. На подолг рок, останува да се види дали движењето кои се создаде ќе успее да продолжи и да созрева. Сосема е можно и тоа да не успее да опстане – особено затоа што сега се наоѓа во вкрстен оган – и од страна на Демократската и од страна на Републиканската Партија.
И на крајот со едно прашање за домашната сцена. Протестите за промени во кои учествуваа многумина се одамна завршени, власта се промени, но доста практики за жал останаа непроменети. Волјата и енергијата за суштински промени делумно беа спинувани за партиски или „повисоки“ цели, а доста други барања на граѓаните се заборавија или се игнорираа. “Нема правда, нема мир“ сега звучи како една наивна празна парола од минатото. И пред Ковид 19, значаен период владее апатија и ниска доверба или пак заинтересираност за активизам и критика. Можен ли е пак активизам и нова енергија после сите трауматични процеси низ кои поминавме, но и по контрапродуктивното “спојување“ на власта со значаен дел од поранешната медиумска или невладина сцена?
Одговор: Ако можам да си дозволам да го заобиколам прашањето, и да звучам дури и прозаично: мислам дека тековната ситуација и пандемијата парадоксално може и да ни дадат еден момент на помирување со тоа трауматично минато (ние = луѓето кои го споделуваме тоа чувство кое ти го опиша погоре), затоа што помагаат подобро да разбереме дека големите историски настани – и големите историски текови кои водат до нив – не (нужно) зависат од индивидуалци, па и од движења, и дури и од партии (во таа смисла, она што се случуваше во Македонија 2015-денес, е мало и незначајно случување во поглед на она што се случува денес и последиците на истото).
Денес, без оглед на прашањето како дошло до оваа пандемија, на планетарно ниво ние се соочуваме со еден исконски предизвик – што во основа е борба на човештвото со природата. Барем за момент, индивидуалните судбини се подредени на големата (планетарна) колективна судбина, а таа судбина пак им е вон контрола дури и на најмоќните. Во една таква ситуација, каде што сите сме сведени на сопствениот преживувачки инстинкт, нема ништо необично ниту непримерно во апатијата за поголеми теми. Дури и би рекол дека тоа што многу од нас биле апатични однапред е можеби дури и среќна околност – замисли во оваа ситуација, кога не може светот да се справи со еден микро-организам, се уште да имавме некакви повисоки очекувања?
Се разбира, тоа не значи дека треба да бидеме разочарани и повлечени и неактивни. Оваа ситуација налага да бидеме мобилизирани и спремни за акција – со тоа што фокусот сега е ставен на преживување, на најблиските, на локалната заедница. Па така, со сопствената изложеност на опасност, страв и несигурност, ќе развиваме нови идеи, можеби помалку утопистички, но секако насочени кон системски промени. Ќе се создаде и повеќе простор, затоа што нема враќање кон старото – она што сега ни се чини дека било „нормално“ всушост ги создаде условите за оваа криза да се случи. Но, не може тоа да се прави веднаш – прво треба да се излезе од карантинот.
Автор: Кристина Озимец