Матичните доктори во руралните средини во следните две години ќе можат да работат без медицински сестри, поради недостигот на кадар, а со цел еднаква пристапност до здравствени услуги за сите граѓани. Оваа одлука беше донесена по состанок на директорите на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски и Бранко Аџигогов, со раководството на Здружението на приватни лекари (ЗПЛ) и координатори од градови. Во разговор за ПИНА.мк претседателката на ЗПЛ, д-р Лилија Чолакова Дервишова, потенцира дека руралните ординации се од огромно значење за пациентите и е потребна Национална стратегија за зачувување на ординациите. Станува збор за 48 рурални амбуланти во цела држава.
Од колкава важност е постигнатиот договор со ФЗО за граѓаните и матичните доктори во помалите места да можат да работат без медицински сестри?
– Тие ординации се од огромно значење за тие пациенти кои живеат и работат во тие региони. Но со масовните миграции од село кон град и од градовите кон странство, матичните доктори се соочуваат со нов момент немање медицински сестри кои би сакале да работат во рурални места. Затоа се и нашите барања како ЗПЛРМ кон ФЗОМ да се дозволи да продолжат со работа тие доктори кои постојат и се уште сакаат и можат да останат во тие рурални места.
Со оваа одлука, колку од руралните амбуланти ќе продолжат да работат без медицински сестри?
– Во моментов такви ординации беа од Блатец, Виница и пет ординации од Радовиш.
Постои ли опасност од затворање на амбулантите во помалите подрачја поради недостиг на медицински персонал?
– Моменталните закони се, во ординација да работи тим доктор и сестра и да може да се добива капитација во отсуство на медицинска сестра до 60 дена. За да не останат без капитација мораше да се направат измени на ниво на Управен одбор во ФЗОМ – да се дозволи до 24 месеци да работат без медицинска сестра и да добиваат капитација и да продолжат да го лекуваат народот таму.
Со кои проблеми и предизвици се соочува медицинскиот персонал кој работи во руралните амбуланти?
– Намалениот број на жители во малите места, далечината, секојдневното патување по лоши патишта, запоставувањето во однос на покачување на финансискиот прилив на средства – сето тоа придонесе да се намалува бројот на рурални амбуланти во Македонија.
На граѓаните им е загарантирано правото на здравствена заштита, но со затворање на амбулантите во помалите места здравствените услуги им се отежнати, оневозможени, постои ли надеж дека во иднина оваа состојба би се подобрила?
– Со години апелирам да мора да постои национална стратегија за зачувување на овие ординации, кадарот!!!
Што е клучно што треба да се направи за да продолжат со работа амбулантите во руралните средини и да се реотворат веќе затворените, со цел еднаква пристапност до здравствени услуги?
– Потребна е финансиска помош, да се подобрат примањата, и тие колеги и медицински сестри да се чувствуваат достоинствено. Сега е за поздравување моментот на покачување на финансиските средства во овие ординации 22.500 ден, со што се надеваме дека ќе биде подобрена нивната состојба. Мора да се случи зголемување на висината на капитациониот бод, за младите доктори да почнат да се гледаат како идни матични доктори. Потребно е секој млад доктор минимум три години да работи во села и рурални места и само така, со добро планирање, ќе можеме да овозможиме добра пристапност на секој пациент од рурални места до доктор. Потребно ни е отворање на пунктови, промени на закони кои ќе бидат во интерес на потребите на пациентите и на медицинскиот кадар. Само така ќе ги задржиме и луѓето и кадарот во овие места – со квалитетна плата и добри услови за работење, повеќе медицина, а помалку администрација!
Автор: Бојана Спасовска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА