Проценетиот број на лица кои живеат со ХИВ во земјава е релативно низок во споредба со земјите од опкружувањето и врз основа на анализите изнесува околу 500 лица. На годишно ниво пак, според Здружението ,,Заедно посилни” во просек во земјава се дијагностицираат 45 случаи на ХИВ, во последните пет години.
Први декември е датумот кога се одбележува Светскиот ден за борба против СИДА. На локално ниво носител на една од кампањите беше и здружението „Заедно посилни“ кое организираше низа активности.
Извршниот директор на здружението Андреј Сених за ПИНА објаснува дека денеска тестирањето за ХИВ се смета за најважна интервенција за ставање крај на оваа епидемија, бидејќи штом едно лице се дијагностицира и почне да прима терапија, се прекинува можност за понатамошно пренесување на вирусот.
Покрај бројката на лица за кои се проценува дека се носители на вирусот, според Сених бројот на тие што не се свесни дека имаат ваков статус би можел да изнесува меѓу 105 до 243 лица.
„Од проценети 500 лица со ХИВ на крајот на 2020 година биле дијагностицирани 332 лица односно 66 проценти. Околу 330 пациенти моментално примаат терапија на Клиниката за инфективни болести“, посочува тој.
Едно од три лица инфицирани со ХИВ не е свесно за таквата состојба
Свесноста за тестирањето за ХИВ е на многу ниско ниво, а една од причините е дека симптомите наликуваат и на сезонскиот грип. Според Сених, луѓето со ХИВ се речиси целосно невидливи како конкретни индивидуи засегнати од оваа инфекција.
„Симптомите често пати се споредуваат со оние на грипот и тие може да бидат покачена телесна температура, главоболка, замор, болки во мускулите, потечени лимфни јазли и слично, а овие симптоми не се специфични само за ХИВ. Само врз основа на нив не може да се заклучи дека некој има ХИВ. Овие симптоми вообичаено исчезнуваат за релативно краток период, а потоа во тек на неколку години лицето може да нема никакви знаци дека има инфекција. Вирусот никогаш не мирува“, дополнува тој.
Важно е дека сето ова може успешно и лесно да се спречи доколку лицето инфицирано со ХИВ доволно рано дознае за својата инфекција и почне да прима терапија, додава тој.
Според анализата на „Заедно посилни“ работена според методологијата на Европскиот центар за контрола на болести (ЕЦДЦ), просечното време поминато од моментот на инфицирање со ХИВ до моментот на дијагнозата изнесува околу 5 години, додека едно од три лица инфицирани со ХИВ во Македонија не е свесно за својот ХИВ-статус.
„Едноставно, луѓето ретко помислуваат или ретко се охрабруваат да направат ХИВ-тест. Тоа, пак, од своја страна е резултат на лажната перцепција дека ‘не сум засегнат/-а’ или пак на стравот да не откријам дека сум ХИВ-позитивен/на, поради погрешните сфаќања дека оваа инфекција значи болест и смрт, незнаењето дека таа веќе 25 години успешно се третира. Може да биде резултат и на стравот дека ако се дознае дека имам ХИВ, ќе бидам обележан, дискриминиран или отфрлен“, додава тој.
Па така, значителен процент од луѓето со ХИВ се дијагностицираат дури откако ќе имаат одреден симптоми и компликации поради намалениот имунитет, објаснува Сених, односно откако поминале неколку години живеејќи со вирусот без да знаат за тоа.
Децениски истражувања за создавање ефикасна вакцина против ХИВ
Првата вакцина за коронавирусот се појави речиси половина година откако тој се прошири низ светот, но децениските истражувања за ХИВ и СИДА не можат да постигнат напредок за пронаоѓање на ваква вакцина.
Кога станува збор за ХИВ, како што посочува Сених, една од причините што е исклучително тешко да се создаде вакцина е дека вирусот се наоѓа некаде на врвот на листата според степенот на својата генетска варијабилност. Дополнително и дека има способност да мутира исклучително брзо и да создава огромен број на различни соеви, додава тој.
„Сè уште не е извесно дека во догледно време ќе се открие ефикасна вакцина против ХИВ и покрај тоа што значителни средства се инвестираат за оваа цел“, дециден е тој.
Кризата со коронавирусот не се одрази врз обезбедувањето терапија за лицата со ХИВ
Службите за превенција, тестирање, лекување и нега на ХИВ се нарушени особено во земјите со кревки системи на здравјето. На Инфективната клиника кај нас сепак, не се лекуваат само пациенти со Ковид-19, туку една од патологиите е и ХИВ. Сених објаснува дека Клиниката во целиот овој период вложила максимални напори за неутрализирање на влијанието на Ковид-19 врз грижата за пациентите со ХИВ.
„Во тоа се обидовме да помогнеме и ние како здружение, олеснувајќи го пристапот до терапија за пациентите од другите градови и помагајќи да се намали притисокот врз Клиниката. За среќа, кризата не се одрази врз обезбедувањето на редовна терапија, иако делумно се одрази врз честотата на основните контролни прегледи за пациентите со ХИВ. Очекуваме ова да се нормализира во целост во текот на 2022 година“, вели Сених.
Според него, Македонија има развиено одредени механизми за справување со епидемијата на ХИВ и тие покажале значителни резултати во изминатите 15-тина години. Сепак, во исто време е јасно и дека се потребни уште напори и вложување за да се преобрати трендот на епидемијата во насока на нула нови инфекции до 2030 година, додава тој.
„Кога се појави новиот коронавирус се создаде паника во јавноста, а таа придонесе за исклучително високо ниво на стигма кон луѓето што се инфицирале со вирусот. Сведоци бевме како на социјалните мрежи се вршеше обележување, па дури и говор на омраза, врз основа на претпоставки за нечие наводно неодговорно однесување. Оваа ситуација многу наликуваше на односот кон луѓето со ХИВ во првите години на епидемија, кој, за жал, во значителна мера опстојува до денес. Се разбира, сите имаме одговорност да се грижиме за личното здравје и за јавното здравје, но тоа не значи дека сите сме во позиција да судиме дали некој навистина бил неодговорен кога се инфицирал или пак кога можеби придонел да се инфицира некој друг“, изјави Сених.
Здружението „Заедно посилни“ обезбедува неколку вида услуги со цел да им понуди помош на лицата носители на ХИВ вирусот.
Покрај советување од психолог, тие нудат и советување од социјален работник, како и т.н. врсничка поддршка, која подразбира разговор и советување од страна на лица што живеат со ХИВ повеќе години и кои се соодветно обучени да даваат ваков вид на поддршка. За многу лица со ХИВ таа е од огромно значење особено во првиот период по откривањето на дијагнозата.
Автор: Маја Терзиова