Истражување на ВФД: Само 17% од членовите на општинските совети се млади

0
42

Од вкупно 10.532 кандидати за советници, 26.4% на претходните локални избори биле млади, но само 17.4% се избрани за советници.

Во меѓувреме младите имаат највисоки позиции на листите во руралните општини односно 35.6%, потоа во урбаните со 24.3% и најниски во општините во рамки на Град Скопје со 16.3 отсто. Ова го покажа истражувањето на Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД) кое беше презентирано денеска.

Иако четвртина од популацијата се млади лица, само 3% од кандидатите за градоначалници биле на возраст до 29 години, колку што е и законската рамка која дефинира што е младо лице. Од вкупно 299 кандидати за градоначалници, според истражувањето на ВФД само 8.3% се жени, додека само 3% се млади жени.

Меѓу кандидатите за градоначалници само 6 политички субјекти имале млади лица, додека 43 политички субјекти воопшто немале.

„Од функциите кои се бираат на избори, младите имаат поголеми шанси да бидат избрани за советници, отколку за градоначалници или пратеници. Според истражувањето, просечната возраст на избраните советници е 39,63 години, додека на градоначалници е 42,67 години. Просечната возраст на избрани пратеници на изборите во 2020 беше 44,82 години. Дури и кога младите се наоѓаат на листите, тие се на помалку добитни места“, велат од ВФД.

Истовремено, на настанот беа посочени и неколку препораки до политичките партии, односно се бара тие да водат грижа и да даваат поддршка и простор за учество во политичките процеси на младите кандидати.

Дополнително, се препорачува да се воспостават и квоти во рамки на партиите за застапеност на младите како кандидати.

„При самите избори проверката со биометриски податоци, да се користи и за да се обезбеди статистика за излезноста и учеството на младите и жените во изборниот процес“, се додава во препораките.

Истражувањето на ВФД беше направено врз основа на официјалните податоци за кандидати објавени на веб-страницата на Државната изборна комисија, објаснуваат од организацијата.