Верувале или не, градот кој по површина и население е меѓу петте најголеми во земјава, нема градски парк.
Пошироката јавност можеби немаше да го дознае тој факт за Тетово, ако група од над 60 интелектуалци не поднесеше иницијатива “Тетово сака парк”, за градот кој редовно високо котира на листата на најзагадени во земјава, но и во Европа и пошироко.
Во Тетово, како јавен простор се користат шест зелени површини позиционирани на: „Два Бреста“, стара библиотека, Шарена Џамија, „Ајдучко Маало“, „Жена Борец“, населбата близу тениските игралишта. Сите се помали од 1 хектар.
Според Законот за урбано зеленило, „парк“ е зелена површина со големина над 1 хектар, која се користи за одмор, шетање, разонода и игра. Тетово има 0,2m² парковска површина по жител.
Светската здравствена организација препорачува 9m² градско зеленило по жител. Предложената површина од страна на инцијативата има 16,4 хектари.
Промена на Генералниот и деталните урбанистички планови прв чекор
Магистерот по право, Даријан Сотировски, дел од иницијативата, за ПИНА вели дека за почеток треба да се почне со утврдување на урбанистичка намена во Генералниот (ГУП) и деталните урбанистички планови за модули од урбаните блокови 27, 29, 31 и 57.
Тој вели дека Тетово е светски рекордер по загаденост на амбиенталниот воздух, дека има огромна изграденост, а провев нема, ниту пак елементарни услови за квалитетен живот, хуман јавен простор и здрава животна средина.
„Генерации и генерации го жртвуваа своето здравје и сегашност, за капиталот да овозможи своја иднина. Но, вака веќе не може“, посочува Сотировски.
Предлогот на презентација пред неколку дена го претстави Благоја Ристовски, магистер инженер архитект и дел од иницијативата.
Тој посочи дека станува збор за специфично градско подрачје, во кое што градот завршува, а на исток продолжува некакво неградско ткаење. Со тоа, рече Ристовски, имаме место кое што е совршено за одмор и рекреација, а е достапно до градот.
„Површината е речиси симетрично поставена на оската – булеварот, кој што води до градскиот плоштад. Ова е можност да се создаде еден јасно дефиниран урбанистички гест зелена источна капија, кога западната зелена капија е Шар Планина, воедно се создава тампон зона кон индустриската зона на исток“, рече Ристовски.
Најважно е првично Општината да утврди парковска намена Д (зеленило, спорт, рекреација и меморијални простори) во генералниот урбанистички план за блоковите 31 и 57а, вели за ПИНА, Јован Божиновски, магистрант по архитектура.
Како што појаснува тој два од четирите предвидени блокови за паркот, се во сопственост на државата, како и во поголемиот дел од другите два. На дел од овие два блока има стари индустриски објекти.
„Површината предложена за градски парк е последното слободно, неизградено градско ткиво од толкав обем, со капацитет да биде интегрално дефинирано како парк. Нема друг простор“, посочува тој.
Последниот ГУП за Општина Тетово е од далечната 2003 година. Има најави за конечно да се донесе нов ГУП, но не е познато кога.
Голема подршка од јавноста
Не постои иницијатива во Тетово која добила толкава поддршка, вели за ПИНА, правникот Марко Видачек, дел од инцијативата.
“Самата почетна бројка од околу 60 истакнати граѓани, притоа луѓе од различна националност, верска припадност или политичка определба, кои можеби и меѓу себе лично не се познаваат, но се сложни за проблемот и решението, говори за сериозноста на иницијативата.
Поддршката од над 2.500 потписи е дополнителна потврда за потребата од парк и исправноста на иницијативата. Ова прашање е како со воздухот – ако е загаден, е загаден за сите. Ако има парк, ќе има за сите.
Ако видиме дека просторот кај паркот Жена борец, иако според закон не ја исполнува потребната големина за парк, е секогаш исполнет и се бара место повеќе, тогаш зошто Тетово да не добие вистински парк во поголеми размери?
Не гледам зошто Советот не би го ставил ова прашање на дневен ред. Ако општината добила предлог после години и години пасивност од наша страна како граѓани, тогаш сум сигурен дека истиот треба да се разгледа.
Важно е дека предлогот кај граѓаните како и кај стручноста јавност предизвика сериозен интерес, посочува тој.
Нема пари, велат од Општина Тетово
Барањето на иницијативата “Тетово сака парк” е пристигнато во Општина Тетово, велат за ПИНА од Кабинетот на градоначалникот Биљал Касами.
Во рок од 60 дена, според законот од таму треба да дадат одговор на инцијативата. Велат дека Општината дава подршка, но нема пари.
“Се работи за сериозен, голем проект, кој бара и многу финансиски средства. Токму поради ова, а имајќи го предвид и огромниот наследен долг со кој се соочува општината, нашето мислење е дека засега, ова тешко би можело да се реализира.
Сепак, ова никако не значи дека Општина Тетово не поддржува вакви иницијативи, напротив, што повеќе зеленило и поздрава и почиста околина е еден од нашите приоритети. Отворени сме за соработка и се надеваме дека ќе изнајдеме некое решение, за доброто на граѓаните“, велат од таму.
Нема пари или нема волја?, коментира за одговорот на Општината, Сотировски.
“Утврдувањето на урбанистичка намена Д (паркови и зеленило) е административна постапка без финансиски трошоци. Тоа трајно спречува изградба на згради и овозможува вистински градски парк за џабе!
Реализацијата на паркот може да се одвива по динамички план од полесно (парковско партерно уредување на рамниците во потегот) кон потешко (давање сродна намена на дел од објектите, канали за наводнување и опрема, експропријација доколку е неопходно), а притоа обезбедувањето на финансиска конструкција на еден солиден повеќегодишен план транспарентен, темелен и во интерес на сите граѓани ќе биде лесно изводливо преку достапните државни, меѓународни и приватни фондови и инструменти. Има волја има парк!“, вели тој.
Автор: Петре Димитров