Донации за хуманитарна помош за Украина и подготовки за прием на бегалци

0
523

Пакети со храна, лекови, средства за лична хигиена почнаа да го полнат пунктот за хуманитарна помош за населението во Украина, кој се наоѓа во скопската населба Ѓорче Петров. Може да се донира секој ден, а донации веќе испратиле и неколку компании, велат од Здружението на Украинци „Лесја Украинка“.

За 24-годишната Дарија Тверитинова од Украина, која речиси три години живее и студира во Скопје, волонтирањето во овој пункт е единствениот начин да помогне на своите сограѓани.

„Се чувствував беспомошно и мислам дека кога сум на пунктот за донации за Украинците, барем малку можам да им помогнам. Многу е тешко, јас сум тука на сигурно и би сакала и моите пријатели и семејство да се чувствуваат така. Постојано гледам вести, проверувам на мобилниот телефон дали ми испратиле порака, дали се добро и да знам дека се живи“, објаснува Тверитинова за ПИНА.

Дел од нејзиното семејство и пријателите кои живеат таму, сè уште не успеале да ја напуштат Украина.

„Тие сакаат да дојдат тука, но засега немаат како. Моите пријатели се во Киев, а фамилијата ми во Северна Украина и се плашат да одат на запад или југ од своите домови затоа што има многу војска на улиците, се бомбардира, има ракети, така што засега нема безбеден начин да се побегне“, вели Тверитинова.

Милион луѓе досега ја напуштиле Украина

Според последните информации од Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) бројот на бегалци кои избегале од Украина во соседните држави за само една недела надмина еден милион. Со овој степен на раселување, доколку нема деескалација на воените дејства, ситуацијата се развива да стане огромна бегалска криза.

Сите соседни држави досега ги задржаа своите граници отворени за бегалците од Украина и тоа е за пофалба. Повеќето бегалци преминаа во Полска, Унгарија, Молдавија, Романија, Словачка, додека некои отидоа кон други европски држави.

Истовремено, има има голем број луѓе кои преминале во Руската Федерација, изјави за ПИНА Љубинка Брашнарска, портпарол на УНХЦР.

„Државава досега во минатото во неколку наврати има обезбедено заштита за бројни бегалци од разни конфликти и војни од регионот и светот и ние од УНХЦР сме тука со цел да им помогнеме на државните власти и институции доколку се појави потреба. Ја проследивме изјавата на министерката Петровска дека во моментов се проверуваат државните капацитети за прифаќање бегалци и секако стоиме на располагање во рамки на нашиот мандат да понудиме помош на државата во обезбедување помош и заштита за можни украински бегалци во државата“, додаде Брашнарска.

Иако сè уште нема најави колку бегалци од Украина евентуално ќе прими нашата земја и каде тие ќе бидат сместени, Владата ги задолжи надлежните институции во најбрзо време да достават информации за расположливите државни сместувачки капацитети за да се подготват за евентуална бегалска криза.

Ова ќе важи и за украинските државјани кои се затекнати во Македонија и не можат да се вратат во Украина заради безбедносни причини. Нив ќе им биде овозможено продолжување на престојот во земјава.

Според податоците што ПИНА ги доби од МВР, во последните десетина дена на влез на граничните премини се регистрирани 398, а на излез 309 украински државјани.

На украинска територија се наоѓаат уште 50 наши државјани со членови на нивните семејства. Од нив, 25 веќе ги напуштиле домовите и се движат низ безбедносни коридори преку кои треба да бидат евакуирани, соопшти Министерството за надворешни работи.

Во меѓувреме, Македонија испраќа дипломатска екипа повторно за Украина за да им помогнат на нашите државјани да се вратат дома.

Инаку, во земјите од регионот, односно во Србија и Хрватска само неколку денови по руската инвазија пристигнаа првите украински бегалци.

Авторка: Теодора Цветковска