Седум емисии на шест телевизиски канали и период од само еден месец и половина биле доволни за да се воочи огромниот возрасен јаз помеѓу лицата кои гостуваат на дебатните емисии на ТВ каналите. Само 13 лица помлади од 35 години и 40 лица на возраст помеѓу 35 и 39 години биле гости на дел од седумте дебатни емисии, наспроти 240 повозрасни лица.
Ова се резултатите од истражувањето насловено „Поневидливи во медиумите отколку во политиката“ на младите истражувачите Кристијан Фидановски и Ева Јованова, објавено во Списанието за општествени прашања „Предизвици“.
Идејата за да се направи едно вакво истражување, тие за ПИНА објаснуваат дека дошло од „едноличноста на големото мнозинство политички емисии во Македонија“. Според нив, несфатливо и неоправдливо е за држава во која секоја вечер на телевизија доминираат политички дебати и интервјуа, упорно да се вртат истите лица.
„Со истражувањето не откриваме ‘топла вода’, туку само ја претставуваме таа добропозната реалност во конкретни бројки, а со надеж дека уредниците и новинарите конечно ќе стават прст на чело“, велат истражувачите.
Дебатните емисии кои биле предмет на истражувањето, Фидановски и Јованова велат дека ги немале гледано со години. Колегите пак, истовремено и ги сожалувале што ќе мора да гледаат македонски политички емисии.
„Дури и да не с(м)е во право за ваквиот став, медиумите се оние кои треба да се запрашаат што е она што ги одбива младите политиколози, дел од нив со престижни меѓународни дипломи и долги истражувачки кариери, од самата помисла да го вклучат телевизорот. Значи, влеговме во анализата без конкретни очекувања бидејќи всушност и не ја знаевме најактуелната состојба. Затоа, се надевавме дека ќе наидеме на (по)урамнотежен возрасен профил барем во некои од седумте емисии, иако претпоставувавме дека севкупната слика ќе биде негативна“, објаснуваат младите истражувачи.
Фокусот на истражувањето бил ставен на аналитичарите, бидејќи за нив, истражувачите велат дека медиумите имаат поголем избор на потенцијални соговорници, односно дека можат да поканат кого сакаат согласно темата. Сепак, било утврдено дека во сите седум емисии, бројката на поканети млади аналитичари, под 40 години бил едноцифрен.
„Наместо медиумите да се обидат да ги изедначат возрасните групи, тие само ги оддалечуваат“, велат тие.
„Овој конкретен податок би рекле дека е изненадувачки дури и за најголемите скептици на темава, бидејќи со него оној чест изговор на новинарите дека ‘каниме ние млади кога можеме, проблемот е што политичариве се сите постари’ паѓа во вода. Фрапантно е и сознанието дека двајца аналитичари постари од 40 години биле канети подеднакво често колку и сите поканети аналитичари помлади од 40 години“, велат Фидановски и Јованова.
Младите ретко на телевизија како и темите посветени за нив
Резултатите од истражувањето може да се анализираат од повеќе аспекти, велат од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) за ПИНА, кои додаваат дека истовремено може да се изведат и повеќе заклучоци.
За нив, ваквите податоци не се изненадувачки, туку познати, но и загрижувачки, бидејќи сметаат дека дебатните емисии се еден од начините на кои може да се слушне гласот на младите и нивното критичко размислување, за да допре до донесувачите на одлуки.
„Покрај податокот што младите многу ретко биле повикани да бидат гости во дебатни емисии и да дискутираат релевантни теми, самите телевизиските емисии и дебати многу ретко се посветени на прашања значајни за младите“, велат од НМСМ.
Оттаму велат дека генерално, постои значителен недостиг на младински теми во медиумскиот простор, дури и во известувањето за настани организирани од самите младински организации.
„Вклученоста на младите во медиумите не е на задоволително ниво, а причините може да се гледаат на двете страни, од една страна е слабата заинтересираност на традиционалните медиуми да пристапат кон младите, а од друга страна младите кои почесто ги користат новите медиуми како алатка за информирање и известување“, посочуваат од НМСМ.
Но, една од можните причини за малиот број млади учесници и емисии поврзани со младите го лоцираат во директната поврзаност со публиката која ги гледа тие дебатни емисии. Од НМСМ се повикуваат на бројни истражувања за кои велат дека младите се помалку ги користат традиционалните медиуми за информирање, а како најкористен медиум го сметаат интернетот.
Малиот број млади гости во емисиите, според Националниот совет алармира дека интересот да се слушне младинскиот глас не е на задоволително ниво.
„Тргнувајќи од фактот дека младите се творци на нови и иновативни идеи за напредок на едно општество, малата вклученост на млади луѓе во медиумскиот простор, особено на дебатни емисии претставува загуба како за пошироката јавност, така и за заедницата во целина“, додаваат од НМСМ.
Нивното медиумско исклучување пак, велат дека доведува до одвојување на младите од јавниот дискурс и од општествениот развој на државата.
Истовремено, велат дека слабата заинтересираност на младите за гледање дебатни емисии е поради малиот број емисии поврзани со теми кои се однесуваат на младите.
„Понатака, од причина што младите се повеќе склони кон новите медиумски форми најголемиот дел од младинските дебати најчесто се одвиваат на социјалните мрежи, а не на телевизиските канали. Дотолку повеќе што, младите се повеќе изнаоѓаат нови начини преку кои ги искажуваат своите ставови или дискутираат за разновидни теми од животот. За тоа говори и зголемениот тренд за снимање на влогови и популарноста на Јутуб сцената во регионот“, велат од НМСМ
„Гледаноста на најпопуларните јутубери на Балканот е дури и многу поголема од гледаноста на одделни емисии на некои телевизиски канали. Притоа, публиката којашто ги гледа ваквите ‘Јутуб’ канали се млади луѓе и содржината од видеата има одреден степен на влијание кон формирање на ставовите и размислувањата на младите. Затоа е многу важно да се нагласи дека во овие општества на диверзитет на информациите и разноликост на медиуми за младиот човек не е важно само да биде информиран и застапен во медиумите туку и да поседува одреден степен на медиумска писменост и креирање на критичко размислување“, додаваат тие.
За тоа како може да се подобри ваквата ситуација, децидни се дека медиумите првенствено треба да креираат посоодветна содржина прилагодена на нивните потреби.
Истовремено, велат дека е исклучително важно да се следат најновите трендови кај младите.
„И адаптирање на традиционалниот начин на известување преку зголемено користење на медиумите кои им се блиски на младите, но и проширување на содржините на медиумите за теми поврзани со младински политики, заштита на животна средина, образование, како и други теми од особена важност за младите. Воедно, од исклучителна важност е и унапредувањето на меѓусебната соработка помеѓу медиумите и младинските организации“, сметаат од НМСМ
Истражувачите се децидни и велат дека ситуацијата може да се подобри едноставно, односно „медиумите да засукаат ракави и да почнат да канат и помлади соговорници“.
Велат дека поради пандемијата и онака често се вклучуваат гости онлајн, со што има на располагање и експерти кои живеат во странство. Има и позитивни примери на емисии кои активно се трудат да го ‘исшараат’ својот профил на гости, но сепак има уште многу работа за да се поправи впечатокот на ,,мрзеливо новинарство“, сметаат истражувачите.
Автор: Мартин Колоски