Младите и минималецот – новите покачувања нема да го сменат „крпениот живот“ 

0
1199

Денот е седми февруари. Понеделнички, фатени за раце високо кренати во воздухот,  премиерот Димитар Ковачевски, Дарко Димовски (Сојуз на синдикати на Македонија) и Владанка Трајковска (Организација на работодавачи на Македонија) прогласија триумф по рундата преговори за покачување на минималната плата. Сега, одлуката се очекува да „помине“ и во Собранието.

„Ветивме и реализиравме зголемување на минималната плата од 18.000 денари и директно го подобруваме животниот стандард на граѓаните, на работниците“, напиша премиерот Ковачевски на Фејсбук. 

Според статистиките на Владата, 80.000 граѓани во април месец ќе земат околу 50 евра плус, ако биле пријавени на минималец и заработувале 15.200 денари месечно. Една од групите кои повторно се најдоа најпогодени се младите кај кои и понатаму стапката на невработеност е висока – околу 30 отсто од работоспособните млади се без работа, според Заводот за статистика и последните бројки од 2020 година. 

„Крпен живот“ 

Разгледавме како би било да се живее со минимална плата. Па така, со 600 денари во рака, колку што дневно би имал в џеб еден млад човек ако работи за 18.000 ден, го „поминавме“ денот. 

Појадок – ѓеврек и јогурт 35 денари, кафе состанок – 90 денари, ручек и вечера – леб, зелена салата, колбаси, јајца и кафе – 260 денари. Само за храна, дневниот трошок е 385 денари. Ако во просек дневно се трошат околу 400 денари, тоа би значело дека како млад човек само за јадење треба да дадеш 12.000 денари во месецот. Без „десерти“, дополнителни давачки за средства за хигена и без социјален живот. Во „касата“ остануваат 100 евра – пари за сметка за струја, вода, интернет и телефон и затоплување на домот.

Според Бојан Петровски, претседател на „Асоцијација за политики и активизам“, младите нема да ги видат придобивките од покачувањето на минималната плата, ако дел од парите ги враќаат назад на рака на работодавачот.

Тој вели дека институциите мора да профункционираат и застанат во одбрана на работникот, во случајов на младите луѓе кои во голем број работат на црно, непријавени, без платено здравствено и пензиско осигурување и под директна милост или немилост на „газдата“. 

„Да не забораваме, младите се една од најзагрозените групи на граѓани за време на пандемијата. Огромен број млади луѓе останаа без работа и буквално живеат ‘крпен’ живот овие две години. Основните потреби на млад човек во кои не влегуваат културниот и забавниот живот, спортски активности како користење на теретана или базен, патувања или дообразување, зимски и летен одмор, не може да се ‘задоволат’ дури и со овие 18.000 денари“, објаснува Петровски за ПИНА.

Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“ пак, вели дека новите измени на законот за минимална плата не нудат системски решенија, туку само ја маскираат моменталната состојба, а последиците од ваквото субвенционирано зголемување на минималецот повторно ќе ги плати работникот. Tаа како позитивен пример ја посочи Црна Гора каде од почетокот на 2022, минимална платата беше покачена на 450 евра, без политички покачувања. 

„Црна Гора се откажа од даноци, но посегна кон прогресивен данок за оние кои имаат, за да даде на оние кои имаат многу помалку. Беа објаснети методите, целите и е една програма која и те како можевме да ја спроведеме во Македонија. Но, сега мислам дека ќе се врати праксата на враќање пари на рака назад кај газдите, ќе има проблем со непријавени работници, ќе се исплаќаат плати под минималецот, од осум часа ќе се пријават луѓето на четири, ќе има израмнување на платите кои ќе направат незадоволство кај работниците со поголемо искуство“, додава Ампева.

Како течеше процесот? 

Милијарда денари за субвенции за минималец до крај на годината 

Го прашавме Сојузот на синдикат на Македонија, како главен иницијатор на „Предлог измените на Законот за минимална плата“, колку дополнително ќе се оптовари буџетот и дали може Македонија да издржи уште едно вакво субвенционирано покачување. 

Тие велат дека се убедени во сериозниот пристап на Владата, која врз основа на претходни финансиски анализи и пресметки ги усогласила ставовите со синдикатот и работодавачите.

„Стручната анализа која беше изработена од еминентни  експерти и врз основа на која ССМ  ја темелеше својата иницијатива за зголемување на минималната плата , покажа дека со покачување на минималната плата се зголемува продуктивноста на трудот  и на тој начин и работодавачите ќе бидат задоволни затоа што ќе се зголеми производството во компаниите, а сето тоа позитивно ќе влијае на економскиот и општествениот развој, а тоа е заложба и цел на Владата, да обезбеди економски услови за подобар стандард на граѓаните“, велат од ССМ.

На официјалната страница на Собранието, во документот со предлог измените кој стасал од Владата пак, стои дека според нивната проценка само до крајот на оваа година за субвенции на минималната плата ќе треба да се дадат приближно милијарда денари од Буџетот. 

За последното светло на законот, сега на ред е по скратена постапка да се изгласа предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, на седницата број 62 која е најавена да продолжи денеска.

Авторка: Теодора Цветковска