За состојбата на жените во руралните средини се повеќе се говори, нивната положба се подобрува низ годините, но се уште, многу треба да се работи кога станува збор за одредени прашања, како што е поседување на имот.
Низ генерациите тој тренд во македонските села се менува, но сепак останува главен проблем. Стереотипите се уште постојат, но 49-годишната земјоделка Живка Ѓурчиновска од гостиварското село Томчевиште, е исклучок од непишаните правила во македонската рурална средина.
Се омажила млада, на 19 години, но за сите овие 30 години живеење и работа на село, се изборила за своите права и остварување на целите кои сама си ги поставила.
„Во Томчевиште дојдов од Брвеница, која што е поурбана средина. Не знаев ништо да работам. Уште тогаш, сопругот поседуваше земја и машини за нејзина обработка. Но, ми беше предизвик и интересно да научам. Почнав да ги учам земјоделските работи, и денес знам се, возам и трактор,“ раскажува Ѓурчиновска за Пина.мк.
Откако почнала да навлегува во земјоделскиот бизнис, Ѓурчиновска посакала да има и парче земја на нејзино име. Вели дека бидејќи била способна да работи, ја охрабрило да се избори трудот да ѝ биде ценет.
„Имаше малку отпор, бидејќи поради менталитетот, каде се видело жената да поседува земја. Отпорот, воопшто произлегува од постарите генерации во семејството, бидејќи поаѓаат од тоа, што ќе речат комшиите. Како тоа, таа дошла од урбана средина и сега нејзе ѝ се препишало земја,“ објаснува Ѓурчиновска за стереотипите со кои таа се соочила.
Но нејзината упорност низ годините вродила со успех, добила земја на свое име и има нешто под закуп.
„Од сопругот имам голема поддршка, за што и да одлучам да работам. Тој не ги убеди неговите за имотот да ми се препише мене, туку си купивме. Со сопствени средства што ги заработивме купивме имот на мое име, најпрво четири декари, после уште два декари, имам лешници под наем, кои се на мое име,“ раскажува Ѓурчиновска.
Според нејзе, предноста да се поседува имот, е огромна, бидејќи на тој начин земјоделките влегуваат во системот и може да си плаќаат придонеси за здравствено и пензиско осигурување.
„Доколку немаш имот не можеш да се пријавиш за да бидеш пензиски и здравствено осигуран. Друга предност е што, субвенциите кои државата ги даваше, беа поголеми за жените кои имаат имот. Целта беше наемната сила на жената, да биде признаена, бидејќи таа вложува труд, а не е платена. Пример е свекрва ми, цел живот се занимавала со земјоделие, но денес нема пензија и никакви приходи, бидејќи не се плаќале придонеси,“ додава таа.
Браќата препишуваат имот на сестрите
Ѓурчиновска објаснува дека во нејзиното село Томчевиште, се уште мажите располагаат со имотите, и тие контролираат и управуваат. Но нејзината генерација, полека го менува тој пристап.
Како мајка на три деца две машки и едно женско, вели дека би сакала сопствениот имот да го подели на три еднакви дела.
„Во оваа средина, односно во овие села во околината, се уште имотот се препишува на машките деца, а женските ќе добијат одреден финансиски надомест, што сепак не е во ред, и не е исто.
За разлика од одлуките на родителите, машките деца на пример, имаат желба да поделат со сестрата бидејќи сите подеднакво се жртвуваат, и ред е, и таа да има. Има случаи кога браќата откако ќе добијат земја, дел препишуваат и на сестрата,“ вели Ѓурчиновска.
Двете нејзини деца завршиле високо образование, а третиот се уште студира, но и тие се вклучени во работите на нива, кога има работа. Нашата соговорничка вели дека, за разлика од постарите, децата „прават математики“, дали се исплати нештото да се сработи. Ако нема исплатливост, нема да работат.
„Порано кога ќе ја посеевме нивата, гледавме само да се сработи. Денешната генерација прави план, дали има сметка да се посее и да се сработи. Работната сила и рака уште останува неплатена, го работиме сами и не е вклучено во бизнис пресметките,“ објаснува таа.
Дека менталитетот полека се менува, Ѓурчиновска објаснува за разлика од порано кога работите биле поделени на машки и на женски, сега не е така.
„Сега жената вози трактор, а мажот ако треба, прави ручек,“ додава таа.
Ѓурчиновска советува жените да бидат упорни во своите барања, да разговораат со сопрузите и најблиските, и да се изборат за своите права, бидејќи како што вели земјоделките работат дури и повеќе од вработените жени, кои за својата работа добиваат плата.
„Жената треба да има желба да се докажува, но не пред другите туку на себе. Да си ги тестира можностите за работа и напредок,“ завршува Ѓурчиновска.
Нашата соговорничка и нејзиното семејство поседуваат 100 декари земја, и 10 хектари обработуваат под наем. Одгледуваат пченица, пченка, грав, компири, пиперки, домати, а најново и лешници.Производите ги пласираат на домашниот пазар, е една реколта од лешниците, ја продале во Албанија.
Во време на криза со храната, тие го зголемиле производството на пченица и на пченка.
Селото Томчевиште е со 350 жители, и се наоѓа на седум километри од Гостивар. Децата до петто одделение учат во подрачно училиште, а потоа со организиран превоз патуваат до градот. Градски превоз до Гостивар нема, градинки и амбуланта исто така немаат.
Овие услови исто така го отежнуваат животот, и индиректно придонесуваат за подредена состојба на жената, бидејќи нема институционално згрижување на децата на предшколска возраст.
Авторка: Силвана Жежова