,,Општата анти-ЛГБТИ хистерија која се појавува пред одржувањето на парадата е нехумана и дефинитивно е насочена кон одземање на достоинството и има за цел да направи да се почуствуваат ЛГБТИ луѓето невредни. Ете затоа Парадата на гордоста се организира за да поттикне на отпор, на активизам, на активна борба против системското насилство и дискриминација и конечно на општествена позитивна промена за позицијата на сите различности“, вели активистката Елена Петровска во интервју за ПИНА.мк во кое разговаравме за атмосферата пред и по одржувањето на Парадата на гордоста како и за ситуацијата со човековите права во земјава.
По втор пат во земјава се одржа Парадата на гордоста, откако лани поради пандемијата овој настан не се случи. Реакциите беа најразлични од доста поддршка па се до негативни коментари или говор на омраза на социјалните мрежи. Какво значење за ЛГБТИ заедницата има овој настан и на кои начини истиот влијае на свеста на граѓаните кога се работи за правата на оваа заедница?
Овој настан пред се’, се организира и одржува заради давање на видливост на проблемите со кои се соочуваат луѓето од ЛГБТИ заедницата, односно зголемување на видиливоста на самата заедница. Ова е многу важно поради повеќе причини, тргнувајќи од тоа дека мнозинството од општата популација кај нас би сакала ЛГБТИ луѓето да се некаде таму скриени, никој да не ги гледа, а не еднакви и достоинствени граѓани заслужни за почит. Парадата на гордоста покажува дека тој јавен простор каде се маршира е и простор на ЛГБТИ луѓето заради тоа што токму во тој јавен простор им е „забрането“ да бидат тоа што се, да покажат љубов, а наместо тоа добиваат ќотек, вербално насилство и вознемирувања, страв и несигурност, навреди, пцовки, омаловажување. Ете затоа Парадата на гордоста се одржува на така видлив начин со освојување на јавен простор за да се покаже отпор против таа опресија која доаѓа од повеќе страни. Оваа опресија доаѓа од нормите, вредностите, родовоите улоги и очекувањата кои се пренесуваат низ генерации, и така се креираат тие стереотипи, предрасуди, но доаѓа и од институциите, од службениците во нив, од наставниците, од професорите, од книгите, од полицајците, од докторите итн. Луѓето од ЛГБТИ заедницата бараат да бидат еднакви и достоинствени, а не сведени на идеологија и пропаганда. Општата анти- ЛГБТИ хистерија која се појавува пред одржувањето на парадата е нехумана и дефинитивно е насочена кон одземање на достоинството и има за цел да направи да се почуствуваат ЛГБТИ луѓето невредни. Ете затоа Парадата на гордоста се организира за да поттикне на отпор, на активизам, на активна борба против системското насилство и дискриминација и конечно на општествена позитивна промена за позицијата на сите различности. ЛГБТИ луѓето еднакво го заслужуваат правото на среќа како и сите луѓе кои себеси се сметаат за нормални, а всушност го уживаат тоа право без да се свесни дека го имаат воопшто. Сметам дека свеста на граѓаните кај нас сеуште е ниска за овие проблематики но сепак се менува, тоа е позитивно. Последниот извештај на Civil rights defenders покажува зголемување на поддршката меѓу граѓаните за одржување на Парадата на гордоста.
Со какви проблеми и нееднаквости најмногу се соочуваат ЛГБТИ лицата кај нас?
Проблемите и нееднаквостистите за ЛГБТИ луѓето се повеќеслојни и се последица на мноштво фактори и влијанија и секогаш мораме да ги анализираме низ призмата на интерсекционалноста. Генерално земено, најчестите проблеми ги лоцираме во булингот и силеџиството врз младите ЛГБТИ луѓе во училиштата, физичкото насилство кое што се случува а кое не добива разрешница од институциите, семејното психичко, физичко а често и економско насилство заради сексуалната ориентација и/или родов идентитет како и енормниот говор на омраза кој постојано се употребува на социјалните мрежи но и во секојдневието. Последицата од говорот на омраза најчество се манифестира во дела од омраза, а дискриминацијата има многу облици и често не се препознава од страна на институциите. Понатака, мораме да напоменеме дека самата ЛГБТИ заедница е доста диверзитетна и има различни категории на лица кои се соочуваат со различен тип на проблеми.
Најранливите и маргинализирани лица, особено трансродовите луѓе, најчесто тешко доаѓаат до пазарот на трудот заради личните документи и не добиваат основни здравствени и социјални услуги, кои им следуваат на сите граѓани. Тоа доведува до ризици од сиромаштија а најчесто неприфатеноста во семејството ги остава дел од овие под огромен ризик од бездомништво. Стигмата, предрасудите, омразата кон ЛГБТИ луѓето се пренесуваат директно преку образованието, преку хомофобичните содржини во учебниците, преку дискриминацијата која јавно настанивицте и професорите ја вршат, притоа изоставајќи го фактот дека доколку сакаме да градиме оштество кое ќе нуди благосостојба и еднакви можности за секого, тоа мора да се искорени. Таквите содржини влијаат на животите на младите ЛГБТИ луѓе, а доколку ја погледнете најновата HBSC студија ќе наидете на загрижувачки податоци кои се алармантни по однос на планирањето на самоубиства и размилувањето за извршување на убиството меѓу млади геј момчиња и девојчиња лезбејки споредено со нивните врсници со хетеросексуална ориентација.
Неодамна беше изгласан новиот состав на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, може ли конечно, непречено да профункционира комисијата? Може ли да се зборува за тоа колкав пропуст е направен, колку се уназадивме за оној период кога не функционираше ова тело?
-Покрај тоа што немаше долго време изгласан Закон за заштита од дискриминација, па Уставен суд го укина, па беше повторно донесен по формирање на новото парламентарно мнозиство, сепак, системот има начини како да се справи со случаи на дискриминација, но тоа е систем кој на граѓаните не им е познат. Кога има дискриминаторски случај во помали градови, микросредини, луѓето имаат доста малку информации каде може да се обратат, за нив тоа е проблем – системот не е ниту дисперзиран, а камоли лесно достапен и тука е уште едно прекршување на човековите права. Да, државата има начини како да се справи и без тој закон но тоа не е ефикасен начин за справување со оваа прашање.
Новата Комисија за спречување и заштита од дискриминација започна со функционирање и со постапување по претставки од граѓаните, здруженијата итн. Во моментот се обработуваат две претставки поврзани со дискриминација врз ЛГБТИ луѓе, а Комисијата за прв пат јавно излезе со став дека ќе го мониторира периодот пред одржувањето на Парадата на гордоста како и во текот на одржувањето. Веќе излегоа и со мислење за извршена дискриминација од Мото Клуб Пелистер Битола. Комисијата сеуште не функционира во полн состав нити со обезбедени услови за соодветна работа, но се надевам дека во следниот период ова ќе им биде овозможено заради тоа што се зголемува бројот на заинтересирани граѓани кои сакаат да пријават дискриминација или да добијат советување.
Проблем е и тоа што таа Комисија функционира во Скопје, а во однос на сиромашни, ЛГБТ, и други ранливи групи граѓани, потребен е механизам спуштен на локално ниво. Пример граѓаните кои немаат повисоки плати и заработуваат за да преживеат немаат средства да одат во Скопје, па децентрализирање на тој систем ќе придонесе многу.
А тела како Комисијата за заштита и спречување на дискриминација, Народниот правобранител, треба да добијат поголеми финансии и со тоа порфесионално ќе се подобрат. Сепак новиот состав на Комисијата ветува професионална работа, има простор за подобрувања и направен е огоромен исчекор во однос на кавалитет, во споредба со претходните состави. И сметам дека нашите големи очекувања се, и ќе бидат оправдани во однос на професионално постапување на новиот состав на Комисијата.
Законот за заштита и спречување од дискриминација е од особено значење за лицата со попреченост, сиромашните, ЛГБТК+заедницата, Ромите и другите маргинализирани групи на граѓани во земјава. Дали овие маргинализирани групи на граѓани имаат доверба во државните институции за остварување на нивните права, потреби и добивање услуги?
– Oва прашање за мене е едно од најбитните прашања со оглед на тоа што доаѓам од организација која што работи на унапредување на човековите права на одредени маргинализирани групи, сметам дека третманот којшто треба да се даде во разрешувањето на дискриминаторските постапки врз маргинализираните групи, врз сиромашните лица, лицата со попреченост, ЛГБТ заедницата, Ромите, сексуалните работници, луѓе кои користат дроги и други ранливи групи на граѓани во земјава, таквите прашања според мене имаат приоритет. По тоа како се справува државата со повредувањето на правата на најранливите и маргинализираните, по тоа се гледа колку е квалитетен системот на заштита. Ние доста често лоцираме повреда на права на пример на некое лице кое што е од политичката фела итн. дали се работи за некој министер, или можеби некој градоначалник, некој пратеник, доколку се случи одредено повредување на нивните човекови права нотираме дека државата брзо и лесно реагира и се зафаќа за случајот, па дури и преминува кон соодветно казнување на сторителите, што не велам дека не треба да се практикува туку го кажувам тоа како компарација дека маргинализираните лица доколку покренат пријава, претставка до институциите тоа може да трае со месеци, години или воопшто никогаш да не биде разрешено.
Голем дел од лицата припадници од различни маргинализирани заедници не се ни обидуваат да потегнат одредено прашање или да превземат иницијатива токму заради тоа што знаат однапред, и такво мислење формираат – дека никој нема да сака да им помогне. Тоа е тежок проблем со кој што општеството се справува и тука сметам дека потребни се навистина сериозни интервенции за да зборуваме за некакво подобрување, има доста иницијативи од различни невладини организации има доста активности, кампањии и слично, меѓутоа она што е важно – е како институциите се справуваат со проблемот.
Во однос на дел од маргинализираните групи со којшто работиме се забележува и дека заради долгогодишната стигматизација која што ја трпат во нашето општество, нема волја ниту мотив дека нешто ќе се реши. Значи кога вие сте лице да речеме припадник на ЛГБТ заедницата и кога сте побарале помош од некоја институција во однос на прекршување на вашите права, без разлика дали е дискриминација или пак некое друго прекршување на правата, сме имале случаи на исмевање, омаловажување од страна на службеници во институциите, во приватни субјекти итн. Така што сè ова ве одвраќа од барањето на помош и гледањето на институциите како сојузник во вашата борба.
Почитувањето на човековите права на маргинализираните заедници и емпатијата треба да биде на приоритетно место токму во круговите на различни институции и на национално и на локално ниво, како и разбирањето на потребите на овие луѓе, кои најчесто во пракса некако се двојно виктамизирани и доста често нивните потреби не се сфатени во јавниот дискурс.
Една од работите кои што ќе придонесе многу во справувањето со негативна појава како што е дискриминацијата е превенцијата – нашата држава воопшто не вложува во первенција, а первенцијата е широк спектар на начини, алатки и активности кои што ќе обезбедат поголема еднаквост на граѓаните и воопшто во однос на нееднаквоста сметам дека е потребно вложување на многу знаење и кај луѓето, бидејќи што поеднакви граѓани тоа значи и попросперитетно општество.
Се следеше ли состојбата со случаи на дискриминација откако започна пандемијата? Се јавија и нови форми на повреди како што беа случаите на јавното обелоденување на имиња и податоци на заразени. Што покажува праксата, дали е зголемен бројот на случаи на дискриминација или пак други видови на прекршувања на човековите права?
-Да, таму има и повеќе прикршувања – право на приватност, лични податоци, итн.
Можеби не директно дискриминација, меѓутоа сепак е повреда на права која што може да значи дискриминација во понатамошниот тек на одвивање на работите или животот на тие жртви на кој што тие информации им биле обелоденети. Во текот на пандемијата секако дека постојано ја мониториравме и ја следевме состојбата, на Мрежата за заштита од дискриминација постојано се јавуваат и пишуваат луѓе којшто ги кажуваат своите проблеми. Дел од тие проблеми ни се веќе познати заради тоа што доста добро ни е познат системот како функционира во однос на, не само прекршувањето на човековите права, меѓутоа и проблемите којшто граѓаните ги имаат во остварувањето на своите социо-економски права.
Проблемот со податоците беше еден од оние којшто и пред некое време се повтори кога од медиумите дознавме дека протекува некој список од охридската болница, за тоа немаме потврдени информации дали тоа била вистина или дали се води некоја истрага околу тоа и сл, меѓутоа самото тоа дека излегло и некој медиум го објавил е прашање кое што треба да се истражи и за што треба да се одговара. Таквите појави се доста негативни и можат да водат кон последици кон лицата којшто се споменати во таквите случаи. Драстично беше сериозен случајот кога во почетокот на пандемијата во Битола се укажа на доаѓањето на лица којшто треба да бидат во карантин во еден од хотелите во центарот на градот, кога на Фејсбук се појавија огромен број на коментари со говор на омраза, со ризик од правење на дела од омраза, со говор на омраза против маргинализираните групи, против Ромите итн. Значи во тој склоп кога наеднаш се мрази и има некој страв којшто се крие под таа омраза, на површина излегуваат тие слабости на системот и воопшто не видов ниту една институција да го осуди тоа или пак беа доста млаки во однос на тоа дека не треба да се случува, што според мене е грешен начин на справување. Секако дека институциите треба веднаш да регираат на говор на омраза и да се едуцираат зошто тоа не е добро, и вербалниот вандализам којшто се случува треба да се третира, затоа институциите се тука, но, тогаш бевме во отсуство на Закон за дискриминација и Комисија, меѓутоа има закони други по кој што може да се повикаат, сепак немавме тело кон кое што може да ги насочиме и адресираме одредени прашања.
Исто така забележителен беше случајот со ограничувањето на движењето на пензионерите – дискриминација по услов на возраст, прекршување на правото на приватност – давање здравствени информации за некого – тоа се’ се прекршувања кои што законот кај нас ги третира и треба да ги казнува, но за жал тоа не го гледаме во пракса и тоа негување на таа култура на неказнивост му дава моќ на оној кој што ги прекршува правата, да тоа репетиторно го прави и да не сноси никакви последици. Тука може да зборуваме многу и за начините на однесување, рамката на однесување која што кај нас се гаи, таа моќ која се практикува врз некој кој што е послаб во општеството, и сето тоа поврзано со неказнивоста претставува еден склоп којшто постојано ни се повторува и навистина сметам дека е крајно време да почнат да се превземаат сериозни мерки за справување со ваквите појави, заради тоа што цел тој линч, цело тоа прекршuвање на тие некои права, општиот впечаток ми е дека само ги гледаме низ призмата кога би ни се случиле нам, а сè додека не осетиме што се вели народски на своја кожа, дотогаш не ни е грижа за другиот.
Автор: Љубица Иванова
Текстот е дел од Програмата за менторска поддршка на млади новинари на ПИНА поддржана од Civil Rights Defenders.