Првата феминистичка платформа во Македонија Медуза одбележува три години од своето постоење. Во разговор за ПИНА главната и одговорна уредничка Калиа Димитрова вели дека платформата е инспирација за поврзување на ставови, знаења и идеи. Со неа зборувавме за почетоците на медиумот, борбата со родово-базираното насилство, медиумите, како и за споделувањето потиснати искуства и навиката да се ставаат под тепих.
За почетоците на оваа платформа, Димитрова вели дека тие изгледале несмасно, збунето, застрашувачки, но и храбро.
,,После три години постоење тоа не е особено променето (и сметам дека не треба да биде), но постои и самоувереност, гордост и раст. На самите почетоци, кога Медуза беше само идеја за која се разговараше на ниво на пријателски средби, прашањето „кој би пишувал за таков сајт и за такви теми“ беше централната дилема. Јас бев искрено исплашена дека нема да успеам да најдам авторки и автори кои би пишувале, особено во прво лице еднина. Затоа, како огромно достигнување секогаш споделувам дека 30-тина прекрасни авторки и автори допринесуваат и практично го овозможуваат постоењето на платформата. Штом Медуза успеа да ја создаде таа мрежа уште од почетоците, некако знаев дека сме на добар пат“, вели Димитрова.
На ,,Медуза“ во овој период можеа да се проследат голем број текстови, интервјуа и разговори на теми поврзани со родовата еднаквост, родовиот идентитет, феминизмот. За важноста на постоењето на еден ваков медиум во Македонија, Димитрова вели дека тие пласираат феминистичка мисла во средина која е крајно традиционална и мизогина (а тоа е и повеќе очигледно во дигиталната сфера) и споделува женски, различни, потиснати искуства и теми, кои сме навикнати да ги ставаме под тепих.
,,Јас искрено и посветено верувам во јазикот, читањето, комуникацијата и едукацијата како создавачи на реалноста. Артикулацијата на нашите светогледи е важна, кон градењето на еден афирмативен простор во кој девојките и жените и други малцински групи можат да се видат, прочитаат, слушнат, или да се вклучат во создавањето и градењето на истиот. Медуза е извор на информации, инспирација и точка на поврзување на многу различни луѓе, карактери, ставови, знаење и идеи. Таков вид на медиуми се секогаш потребни, секаде“, додава таа.
За тоа дали и колку темите кои ги третира Медуза се обработуваат на медиумската сцена кај нас, Димитрова коментира дека понекогаш се обработуваат, но тоа знае да е кампањски, или пак, сензационалистички.
,,За среќа, гледам придвижување во ова поле и вистински сојузници кај медиумите, но тие се бројат на една рака. Медуза го има тој луксуз, да е нешто помеѓу блог и медиум, затоа и се нарекуваме платформа. Ние не објавуваме вести, не брзаме со објави, не бркаме рокови, и затоа сме во можност длабински и повеќеслојно да ги опфатиме темите кои ги обработуваме. Свесна сум дека традиционалните медиуми немаат таква можност, и понекогаш прават брзоплети одлуки и грешки поради тоа. Но, како што кажав, мислам дека подобрување дефинитивно има“.
Според Димитрова, Медуза е дел од повеќе заеднички напори во борбата против родово-базираното насилство, дали е тоа организација на протести, застапување за легислативи или директна комуникација со жртви на родово базирано насилство.
,,Тоа што е специфично за нашата работа е давањето на потребниот простор на оваа тема на нашиот веб-сајт и социјални медиуми, каде родово базираното насилство (и сите комплексни механизми кои водат до истото) се едни од најзастапените теми“.
Таа додава дека улогата на медиумите во овој поглед е огромна, не само за заштита на приватноста на жртвите, туку и во заштита на нивното достоинство. ,,Јазикот кој многу медиуми го користат при известување за родово-базирано насилство го нормализираат насилството, перпетуираат родови стереотипи и ги изложуваат жртвите на двојна виктимизација“, додава таа.
Неодамна оваа платформа ја објави и публикацијата „Безусловни почетоци“, која што претставува избор на есеи од изминатата година, кои допираат доста разновидни теми. Според Димитрова, во неа се застапени се текстови носат лични, но и колективни борби, а има и текстови за љубовта, грижата, упорноста, пријателството, непријателите, менталното здравје, надежта, социјалните медиуми, пандемијата, климата…
,,Некои од автор(к)ите имаат богато искуство, додека други својот прв текст го објавија пред неполна година. Она што ги поврзува е тоа што во секој еден текст може да се најде покана, па и охрабрување, за некаков почеток. За раскинување со застарени матрици и наративи, правење простор и време за себе и грижливо градење на нови заедници. Покана за радикална трансформација на светот во нас и околу нас“, додава таа.
Автор: Маја Терзиова