Говорот на омраза на интернет го поткопува чувството на сигурност кај младите, покажува мониторингот кој го спроведе Хелсиншкиот комитет во Битола, Штип и Тетово. Етничката и религиската припадност, но и сексуалната определба се најчести причини за појава на говорот на омраза. Одржувањето на „Парадата на гордоста“ во Скопје во јуни годинава пак, предизвика говор на омраза врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет.
Во Битола и Штип најчесто мета биле припадниците на ЛГБТИ заедницата, но Тетово е исклучок каде најчесто говорот на омраза бил врз основа на етничка припадност, па верската припадност, а на крај доаѓа сексуалната ориентација.
Мониторингот во Битола од јануари до август покажува благ пад, бидејќи забележани се 46 случаи на говор на омраза, наспроти 55 од 2020 година. Најголем дел, 25 од нив се кон припадници на ЛГБТИ заедницата, но како што се вели во извештајот на Хелсиншки, Битола „изобилува“ со различни случаи на говор на омраза.
„Забележан е еден случај на говор на омраза врз основа на социјално потекло, забележан е еден случај на сексизам, два случаи на ксенофобија, понатаму се забележани 7 случаи на говор на омраза врз основа на политичка припадност изразена преку омраза на политички неистомисленици и еден случај на говор на омраза врз основа на здравствена состојба поврзана со пандемијата со Kовид-19. Во 2021 година во Битола се забележани 4 случаи на говор на омраза врз основа на етничка припадност наспроти 36 случаи забележани во претходната 2020 година“, се вели во извештајот.
Во Штип пак, ситуацијата е обратна. Регистрирани се дури 88 случаи наспроти 36 во минатата година. Од нив, 67 се врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет.
„Говорот на омраза насочен кон ЛГБТИ+ заедница е најзастапен во градот Штип со дури 76% од вкупниот број на случаи. Претходната 2020 година биле забележани само 6 случаи на говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет“, се вели во извештајот на Хелсиншкиот комитет.
„Со сигурност може да се заклучи дека одржувањето на „Парадата на гордоста“ во месец јуни претставува причина за толкавата зачестеност на говорот на омраза“, се додава таму.
Образованието и медиумите – „клуч“ за намалување на говорот на омраза
Поради пандемијата и рестрикциите за граѓаните во обид да се спречи ширењето на Ковид-19, говорот на омраза сега е повидлив на социјалните мрежи. Поради тоа од Хелсиншкиот комитет сметаат дека медиумите се тие кои треба да имаат поголема регулација и саморегулација, бидејќи тие, како што велат, се каналот за ширење на говор на омраза. Оттаму предлагаат воведување на прекршочни казни за да се намали ширењето на говор на омраза.
Славица Анастасовска која е една од авторките на извештајот вели дека не може сите луѓе да се гонат кривично.
Говорот на омраза доаѓа од предрасудите. Анастасовска вели дека државата мора да интервенира во образованието со цел намалување на предрасудите, а со тоа и говорот на омраза и насилството.
„Треба да се сензибилизираат младите, да ги прифатат различностите. Во таа смисла би имало секако помал говор на омраза, и не само тоа, туку и дискриминација и насилство“, објаснува таа.
На ист став во однос на образованието е и Ирена Цветковиќ од Коалицијата „Маргини“.
„Кој на просечниот Македонец му дал какви било демократски знаења поврзани со ЛГБТИ заедницата? Во нашето образование сѐ уште има многу хомофобични и трансфобични содржини, но и наставен кадар којшто тоа го смета за сопствен став и несебично го споделува со учениците“, вели Цветковиќ.
И таа е на став дека и медиумите треба со својата работа да ѝ помогнат на јавноста да ги разбере различностите кај ЛГБТИ заедницата.
„Говорот на омраза особено е присутен кога се одржува ‘Skopje Pride Weekend’ или ‘Парадата на гордоста’ што е очекувано. Тоа е период кога јавноста поинтензивно слуша за оваа заедница во медиумскиот простор. Еден од начините да се амортизира оваа омраза е на пример, медиумите многу повеќе и многу почесто да третираат социјални теми. Теми поврзани со ранливите категории на луѓе, вклучително и ЛГБТИ заедницата“, вели Цветковиќ.
И во 2021 година сѐ уште има говор на омраза врз основа на верската припадност
Кога се работи за Тетово, таму има зголемување на случаите говорот на омраза. Од 40 случаи во 2020, сега документирани се вкупно 52 случаи на говор на омраза.
„Триесет од вкупно педесет и два случаи се случаи на говор на омраза врз основа на етничка припадност, од кои дури 25 случаи се говор на омраза насочени кон Македонци, а останатите 5 случаи на говор на омраза насочен кон Албанци. Во 2021 година се забележани вкупно 13 случаи на говор на омраза врз основа на религиска/верска основа кои исклучиво се насочени кон немуслимани. Индикативна е верската нетрпеливост и омраза кон сѐ она што немуслиманско. Во сите овие случаи на говор на омраза врз основа на верска/припадност се омаловажувани и навредувани христијаните и останатите кои не се муслимани нарекувајќи ги со погрдни и навредливи зборови“, се вели во извештајот.
Директорот на Комисијата за верски прашања, Дарјан Сотировски вели дека причината за ваквата слика во Тетово е бидејќи и во минатото овој регион бил длабоко поделен и бил изложен на воен конфликт.
„Мислам дека тие рани сѐ уште се лечат. Лузните сѐ уште се груби и видливи, но состојбите се во блага нагорна линија и се подобруваат. Тие резултати воопшто не задоволуваат и затоа мислам дека тоа се одразува кај секојдневните наративи кај самите граѓани коишто живеат во овој регион. Меѓуетничките подбуцнуваат, тензии можеби не се евидентни и силни, но тие сигурно дека тлеат. Тука се незадоволени одредени барање на немнозинските етнички, културни и јазични групи“, вели Сотировски.
Вели дека мора да се направи целосно истражување за да се утврди на кои теми конкретно одредени групи на граѓани смета дека не е доволно интегриран. Само на тој начин може да се променат работите на терен и од година во година односите меѓу етничките и религиските групи да станат похармонични. Според Сотировски, само со хармонични односи меѓу заедниците може да се очекува развој во секој смисла, па дури и во економската сфера.
Политичка волја и промена на наративот за намалување на говорот на омраза
Политичките партии, но и медиумите играат голема улога во тоа дали на терен или како во случајот, во интернет сферата ќе има говор на омраза, без разлика врз каква основа е таа. И Цветковиќ и Сотировски се согласни дека потребни се системски промени.
„Да се создаде атмосфера и да се покаже политичка волја за влог во сите сфери на политичкото и општествено живеење за надминување на овие наративи коишто создаваат мразачи, насилници и дискриминатори. Без разлика против која група се мобилизираат овие луѓе. Потребна е реформа и во медиумските сектор, потребна е и во образованието, и во културата. Една сеопфатна реформа, особено влог во политичката култура и естаблишментот во насока воздржување и осудување на говорот на омраза, дискриминаторските говори или практики врз ЛГБТИ заедниците“, вели Цветковиќ.
Сотировски вели дека најголемите меѓуетнички поделби ги генерираат политичките партии со погрешните наративи кои не прилегаат на 21 век.
„Сметам дека тука етничките предзнаци на политичките партии се проблем. И проблем е генералното практицирање на политиката како алатка за контролирање на гласачкото тело. Па некогаш креирањето поделби по различни прашања овозможува и полесна контрола на гласачкото тело. Тоа мислам дека треба да се надмине, а очекувам самите интегративни процеси, отвореноста кон светот, современите, нови генерации што доаѓаат постојано и тука сметам дека ќе имам успех. Тој не е условен од еден човек, двајца или тројца или цела генерација, туку од времето кое секогаш со себе носи и промени“, дециден е Сотировски.
Автор: Даниел Василев