Пристапот до квалитетна вода за пиење е дел од заштитата на јавното здравје

0
143

И покрај релативно високото ниво на покриеност со водоснабдителни системи во државата, сепак граѓаните, особено жителите во руралните средини и приградските места, се соочуваат со прекини во водоснабдувањето, кои почесто се јавуваат во летните месеци и траат и по неколку часа во денот.

Оние кои самостојно се снабдуваат со вода за пиење преку бунари, самопридонес и базени за зафат на вода, за време на летото имаат недостаток на вода и слаб притисок на доводот и остануваат без чиста вода за пиење. Појавата на бигор, бактерии од цревно потекло и обоена вода е проблем со кој се соочува дел од населението. Заради прекини во водоснабдувањето и лошиот квалитет на водата за пиење, граѓаните се приморани да купуваат флаширана вода, што е дополнително финансиско оптоварување особено за социјално загрозените семејства. Ова се дел од укажувањата на 32 граѓани коишто учествувале во дискусијата „Достапна и чиста вода за сите“, која ја спроведе Институтот за европска политика (ЕПИ) во соработка со Институтот за комуникациски студии (ИКС) во рамки на кампањата „Разбистри сè“. Целта на дискусијата е да ги разбере ставовите на граѓаните за проблемите и решенијата за подобрување на пристапот и квалитетот на водата за пиење и за загадувањето и заштитата на водите во државата. При изборот на учесници е обезбедена старосна, родова, јазична и географска распространетост на граѓани од целата држава.

Граѓаните очекуваат достапна и чиста вода за сите

Водата е еден од основните елементи за обезбедување на здравјето на луѓето и здрава
животна средина. Пристапот до квалитетна вода за пиење за сите граѓани е неоходен за нивниот добробит, и заштита на јавното здравје. Заштитата на природните и вештачките езера, и реките е важна, како за човекот, така и за растителниот и
животинскиот свет. За да се обезбедат соодветни политики за управување со водите, важно е институциите да ги знаат проблемите и потребите на граѓаните, како и приоритетите на граѓаните на локално и национално ниво.

Достапните податоци за пристапот до централизирано снабдување со вода за пиење во Македонија посочуваат на висок степен на покриеност на територијата на државата. 88,9 проценти од домаќинствата се снабдуваат со вода за пиење преку градски систем. Меѓутоа, овие податоци посочуваат и на тоа дека дури 11.1
проценти од домаќинствата немаат пристап до хемиски и биолошки проверена вода за пиење. Дополнително, значајна разлика се забележува во пристапот до јавен водовод помеѓу домаќинствата, односно граѓаните во зависност од местото на
живеење. Така, во Скопскиот регион има најголема покриеност, од околу 91 процент. Од друга страна пак, помеѓу 25 и 34 проценти од домаќинствата од Североисточниот, Југозападниот и Полошкиот регион немаат пристап до јавен водовод.

Иако граѓаните имаат пристап до градски систем за водоснабдување, тие сепак се соочуваат со нередовен пристап до вода за пиење. Најчест проблем на кој укажале за учесниците во  дискусијата биле прекините во водоснабдувањето. Значајна разлика во оваа насока се забележува во однос на местото на живеење. Жителите во руралните
средини, приградските места и околните села почесто се соочуваат со прекини во водоснабдувањето.

Учесниците од Делчево, Скопје, Битола, Куманово, Струга и Свети Николе и, села околу градот Охрид имаат прекини во водоснабдувањето. Најголем проблем со прекин во водоснабдувањето има Тетово, каде што во централното градско подрачје и во
периферичните делови прекините траат по неколку часа во ден. Со овој проблем се соочуваат и граѓаните од Струга, кој почесто се јавува во летните месеци.

Учесниците на дискусијата укажуваат дека е потребен почест мониторинг на квалитетот на водата за пиење, населението директно да се информира за резултатите од мерењата и да се обезбеди еднаков пристап до вода за пиење за сите граѓани во државата преку инвестиции во нова и одржување на постојната инфраструктура. За поефективна контрола и санкционирање на загадувачите потребен е редовен инспекциски надзор, како и подобра едукација на граѓаните за заштита на водите од најмала возраст.

Стари цевки и дефекти

Нивните укажувања се дека проблемот за пристапот и достапноста на вода за пиење се должи на старите цевки, дефектите и оштетувањата во водоснабдителните системи, како и на зголемениот број новоизградени објекти и диви приклучоци кои ги оптоваруваат градските водоводни мрежи. Како проблем го посочија и лошото менаџирање со јавните комунални претпријатија и вработувањето на нестручен кадар. Тие сметаат дека плаќаат повисока цена од реалната и дека во некои населени места нискиот квалитет на водата за пиење дополнително го зголемува револтот кај жителите кои одбиваат да ги плаќаат сметките за вода.

Нетранспарентноста на комуналните претпријатија, пак, предизвикува сомнеж и отпор кај граѓаните. Според најголем дел од учесниците на дискусијата, информациите од јавните претпријатија не стигнуваат до нив или не можат да ги разберат објавените податоци, а не се доволно информирани ниту за работата на инспекциските служби кои вршат проверки на квалитетот на водата за пиење.

Истражување на јавното мислење кое го спроведе Институтот за комуникациски студии покажува дека 60 проценти од испитаниците ја оценуваат водата за пиење во општината во која живеат како квалитетна, а 39 проценти како неквалитетна.

„Во дискусијата со граѓани, утврдивме дека дури и учесниците кои се задоволни со квалитетот на водата за пиење во својата општина, укажаат на проблеми кои повремено се појавуваат во овие општини. Така, во Прилеп квалитетот на водата за
пиење бил намален во споредба со претходните седум години заради мешање со бунарска вода, во Куманово заради пукање на цевки се случувало пад на квалитетот на водата за пиење, а во Скопје во одредени места се случило да има лош квалитет на
водата за пиење“, се вели во извешештајот на Институтот за европска политика (ЕПИ) во соработка со Институтот за комуникациски студии (ИКС) во рамки на кампањата „Разбистри сè“

Загадување на водите

Во однос на проблемите со квалитетот на водата за пиење, најчест проблем со кој се соочуваат граѓаните е појавата на бигор во водата. На такви примери посочиле учесниците од Прилеп, Скопје и Штип. Само двајца учесници посочиле на конкретни
супстанци кои ја загадуваат водата за пиење. Учесник од Свети Николе вели дека е информиран дека во водата се идентификувани нитрити, а учесникот од
Кичево објаснува дека во село Пласница се пронајдени бактерии од цревно потекло и органски материи. Останатите учесници посочиле на проблеми во квалитетот со водата за пиење, но не идентификувале кои се конкретните причини за тоа.

Граѓаните укажуваат и на загадувањето на површинските води. Сметаат дека постои ниска свест и индивидуална одговорност кај граѓаните кои фрлаат ѓубре, смет и кабаст отпад во реките, дека индустриските капацитети загадуваат преку директно исфрлање на штетни материи и отпад во реките, дека рудниците се потенцијална закана за површинските води преку директно загадување или загадување на подземните води и дека потенцијална закана е и употребата на хемикалии во земјоделството. Тие предлагаат изградба на нови и одржување на постојните пречистителни станици, како и отворање центри за управување со отпадот т.н. регионални депонии, кои ќе го третираат отпадот кој сега често завршува во реките и езерата.

Право на пристап до квалитетна вода

Според експертката и адвокатка за заштита на животна средина Евгенија Крстевска, доколку прекините на вода за пиење траат повеќе од 12 часа, комуналните претпријатија се должни да обезбедат вода за населението во тој период со цистерни или преку подвижни чешми. Крстевска укажа на парадоксот во Законот за водоснабдување дека граѓаните мора да ја платат сметката за вода, иако водата за пиење не е квалитетна или корисниците не се задоволни од нејзиниот квалитет. Ако граѓаните се сомневаат во квалитетот на водата, можат самите да соберат мостри и да ги достават на анализа до институтите за јавно здравје, а правото на пристап до квалитетна вода за пиење можат да го остварат и преку судска постапка.

Автор: Даниела Зафировска